| 12.09.2017. ПО ДОМА

Свесен дека секоја јавна полемика може да забега во досадно четиво за инволвираната публика, ако се нема мерка кога да се дигне рачна, ова е мое второ (изнудено) и последно навраќање на случајот „Кога Героски навистина замина во партизани?“. Во овој текст, повеќе ќе се занимавам со неговиот демант, кој тој го почнува со констатацијата дека сè што сум напишал се лаги, нудејќи им на читателите факти (негови, но не и објективни).

Во својот демант, Героски го изнесува првиот „факт“: „Прво, не е вистина дека мојот „прв антивладин гест“ против владата на Груевски, од позицијата уредник на „Шпиц“, е регистриран во половината на 2008 година. Напритов, тоа се случува уште во 2005 година, кога го водам неделното издание на „Време“. Веројатно воден од силната желба да се претстави за што е можно постар борец против режимот на Груевски, Героски ги помешал брзините/годините, па испаѓа дека бил против владата на Груевски уште во време кога премиер бил Бучковски. Владата на Груевски е избрана во август 2006 год., и Героски само ако користел временска машина можел да ја критикуваш уште во 2005 година.

Во истиот параграф, повторно конфузија со годините: „…во 2009 година бев сменет од позицијата главен и одговорен уредник на „Шпиц“. Не Геро, сменет си во септември 2008 година и тоа си можел лесно да го провериш по архивите на интернет. Јас ли треба да ти ја средувам боречката биографија и да те бранам од мене самиот!? Конечно, му личи ли вака непрецизно и неконцентрирано да пишува бивш студент по новинарство со просек 9,70., професор по новинарство по предметот Пишување, автор на три книги по новинарство (патем, најискрено би сакал да ја прочитам книгата – ако сакаш прати ми ја во Пдф!), и создавач на успешни медиуми?

 
 

Првиот точен факт му е дека никогаш не се сретнал со Боркица Груевска. Бидејќи не му ја знам хронологијата на промени на брачниот статус на Никола Груевски, можно е да е превид наместо да се сретнал со сегашната сопруга, тоа да била бившата на бившиот премиер. Но средба имало и за таа средба во една од своите колумни Героски јавно признал дека згрешил и им се извинил на читателите. Ако навистина била толку беновелентна средбата, како сега ја прикажува, зошто потребата од толкава патетика и јавно обзнанување? А и зошто Героски би имал право да се извини за поранешните (не)дела, а тоа право им го ускратува на другите?!

Героски понатака пишува: „Второ, лаже Живановски кога вели дека „Шпиц“ земал буџетски пари. Буџетски пари за весниците не се делат уште од 2000-2001 година. А точно е дека се бунтував поради корупциските распределба на народните пари за кампањите за јавните политики во медиумите. Се бунтував со право, бидејќи „Шпиц“ беше далеку најтиражниот и највлијателен македонски дневен весник – и кога беше бесплатен и кога беше со цена од 5 денари. Тоа со рекламите е системско прашање, кое не е решено до ден денешен“. Овој дел ми е фејворит во целото писание на Героски. Не знам дали е потребно да објаснувам во што му е грешката во правдањето, или таа е толку очебијна, па да оставам читателите сами да судат и носат заклучок? Би го парафразирал Николче Младенов (лесна му земја!) кој за доделувањето народни пари за владини реклами јасно рече/напиша дека тоа е суптилна корупција на владата со медиумите за да ја купи нивната лојалност и од тие причини Фокус ниту земал ниту ќе земе такви валкани пари.

За разлика од Николче, непобитен факт е дека Героски земал народни пари за величење на „јавните политики“ на Груевски и владата на ДМПМЕ во Шпиц, и од каде, во годините потоа, го црпи кредибилитетот да им суди и ги обвинува останатите вмровски медиуми за нешто што и самиот го правел!? Воедно и да му објаснам: не била корупциска распределбата на парите како тој пишува, туку корупциски бил самиот проект за реклами на владините политики. Героски е искусен новинар во медиумскиот бизнис, а не француска собарица, па да е толку наивен и не го разбере тоа; туку, едноставно, не е гадлив на парите и за него парите немаат боја: дали се црвено-црни или сини.

  
 

„Во целата оваа тирада на Живановски против мене, вистина е само едно – дека тој имаше лошо искуство со мене додека пишуваше за Плусинфо и Слободен печат. Додуша, ниту една колумна не му е цензурирана, бидејќи јас не цензурирам колумни. Ничии. Никогаш. Нека се јави некој колумнист да ме демантира! Лошото искуство на Минхаузен Живановски веројатно е во тоа што во еден момент одбив да ги објавувам неговите колумни. Искрено, во овој момент, никако не можам да се сетам зошто сум го одбил. Но, што и да било причината, добро сум сторил, бидејќи ноторните лажговци не заслужуваат да пишуваат колумни. Барем не во медиумите кои јас ги раководам“. За мојата лоша епизода во соработката со Героски и неговите медиуми во минатиот напис не сакав да ги замарам читателите бидејќи ја сметам за општествено ирелевантна, но бев сигурен дека тој ќе се упеца како клен на мушица и ќе почне да ме навредува и клевети за тоа. Бисер му е “не се сеќавам зошто сум го одбил, но добро сум сторил“. Вака ли аргументираат успешните новинари?

Кога веќе тој ја отвара и оваа (за мене небитна) тема, мало потсетување и освежување на меморијата: јас со Героски прв и единствен пат во животот се имам сретнато во октомври 2014., во локал до зградата каде им беше редакцијата. Бидејќи веке 5-6 месеци пишував за медиумите кои тој ги раководи, посакав и побарав и лично да се запознаеме. Не можам да тврдам, но верувам, дека тој во својата глава си замислил дека сум сакал да се видиме како би му побарал хонорар за пишување колумни, па, веднаш, по првото с’ркнување сок (тривија: јас честев :-)), ми предочи: „Во Слободен печат немаме пари за хонорари, но би сакал да продолжиш да пишуваш за нас. Ако парите не ти се мотив за соработка, те молам да пишуваш, бидејќи колумните ти се одлични“. Малку ме збуни со наметнатата тема бидејќи ни на крај на ум не ми било да му барам хонорари. На средбата дојдов подготвен со мојата книга „Говор на омраза“ да му ја подарам и лично да се запознаеме. И толку. Наметнатата тема ја апсолвиравме: јас пари не барав, само побарав слободен простор каде би ги публикувал про боно моите размислувања и ставови, што и го добив.

Три месеци по оваа средба (јануари 2015 година), мојата соработка со медимите кои тој ги раководи за прв пат беше доведена во искушение. Повод беше мојата колумна која се однесуваше на терористичкиот напад на редакцијата на Шарли Ебдо. Неа Героски одби да ја објави со објаснување дека сум изнесувал „чудовишни тези“ во кои сум го „релативизирал терористичкиот чин“ (?!?!?!?!?!). Умот не ми веруваше што очите ми читаат. Јасно ми беше дека проблемот беше во суетата на Героски, која му беше повредена, бидејќи пред тоа тој се имаше фотографирано со лист Je suis Charlie, а доби колумна која донесуваше студиозен и аналитички пристап, со различни агли на гледање од неговите кон целиот настан. Без проблеми колумната ја објавив во порталот А1он (кој сака може да ја прочита тука, за да се увери колку Героски бил во право кога нашол во неа моја релативизација на исламскиот тероризам). Мене ми остана горчлив вкус дека за прв пат во животот сум бил подложен на цензура.

 
loading...
 

Оваа лоша епизода со Героски се обидов да ја заборавам и да продолжам со соработката, по неколку недели испраќајќи му ја мојата нова колумна, која се однесуваше на Валентина Божиновска и моето откритие дека во исто време била платена од најмалку 4 различни места. Големиот борец против режимот на Груевски од 2005 година (!), одби да ја објави и оваа колумна, со писмено образложение: „не би сакал да се влечкам по судови за минорна фигура каква што е Божиновска“. Писмото Героски го завршува со: „Останувам на располагање за други твои колумни во иднина“. Ете Героски, така си го завршил последниот контакт со, како што го нарекуваш, ноторниот лажго кој не заслужува да пишува колумни кај тебе.

Колумната ја објавив повторно во А1он и поради неа сопственикот не се влечкаше по судови (достапна е да се прочита тука за да се види од што се уплашил Героски). Веќе не ни помислував да соработувам со него, бидејќи уредничкиот став му се косеше со моето новинарско „вјерују“ дека единствен критериум за нешто да биде објавено или не е дали е добро (аргументирано) или лошо напишано, а не да зависи од суетата или стравот на оној кој ја има моќта да одлучува. Толку за тоа кој ја прекинал соработката.

На крајот, целата оваа преписка помеѓу Героски и мене е помалку битна, било-поминало. Побитно е нешто друго, што како спотер ми се јави и го регистрирав овие неколку денови, а што може да биде проблем за во иднина. А тоа е каква нѝ е состојбата во медиумите, сега, кога Груевски повеќе го нема да мава шамари, Мартин Протуѓер да се заканува со ендеци, Илија Димоски да спружува на насловни, а Центарот за комуникации да прегледува новинарски текстови. Првиот напис „А кога Героски навистина замина во партизани“, пред да се објави во порталот Мактел, им беше понуден на пет други портали, сите од ред декларирани и препознаени за демократски и либерални. И сите од ред одбија да го објават текстот, некои и без да го прочитаат. Едно од образложенијата беше: „Еј, друже, дај не заеб…ј, кој сега ќе се закача со Геро, па одма после ќе опичи по нас, а не по тебе“.

Драги друже Геро, ако навистина си убеден дека си гигант на македонската демократија дај одговор зошто колегите од, условно кажано, нашата страна на барикадата, толку ти се плашат!? Зошто кај нив може да се објави текст и против премиер, и против министри, и против патријарх, и против папата, и против Господ, но ти си заштитен од било каква критика, како да си света крава мумбајска? Вистина ли е дека има акумулирано таква злоба во тебе, да веднаш омрзата ја усмеруваш кон порталот, а не кон авторот? Деновиве се закануваш дека ќе си „кољал со туп нож“ и „ќе си пукал како Максим по дивизија“. По нивната бетонска плоча и Ќосето, тоа ли е твојот идеал за кој си се борел? Што друго да ти се порача, освен – пукај, бе, братучед, пукај и кољај, ама глеј да не биде со зелено џамче! Иако, и после сè, јас сум убеден дека ти немаш лоша душа, само си егоманијак долг на јазик, краток на ум, кој, како маргарин, во сè се меша.

Завршувајќи ја оваа преписка со тебе само да ти објаснам: немој да те мачат паранои и конспирации за иницијаторите на моите текстови и да ми инсинуираш дека сум жалел по Бранко Црвенковски кого ти си го сменил во 1998. Па, јас, било со старото или со новото раководство на СДСМ имам толку допирни точки, колку што имам допир и со високата масонска ложа во Улан Батор. Зошто мислиш дека зад секој јавно изнесен став мораат да стојат скриени намери? Верувај ми, сè што напишав беше водено само од мои професионални, етички и демократски убедувања. И, да – за да се разоткријат камелеоните. Тука се согласувам со тебе.

(184)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ненад Живановски
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
    1. […] Целиот текст на колумната од Ненад Живановски може да ја прочитате ОВДЕ […]
      ( АУУУ ОВА Е ЈАКО, ПО СЕ ИЗГЛЕДА ОВА Е ЛОГИКАТА ЗОШТО ГЕРО СЕ ГУШКАЛ СО ХИПО И СКИЕЛ СО КУМ СТАВРЕ НА БОРОВЕЦ : ГЕРО КАКО УРЕДНИК НА ,,ШПИЦ" ЗЕМ 2017-09-14 02:36:09 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)
    2. […] Целиот текст на колумната од Ненад Живановски може да ја прочитате ОВДЕ […]
      ( АУУУ ОВА Е ЈАКО, ПО СЕ ИЗГЛЕДА ОВА Е ЛОГИКАТА ЗОШТО ГЕРО СЕ ГУШКАЛ СО ХИПО И СКИЕЛ СО КУМ СТАВРЕ НА БОРОВЕЦ : ГЕРО КАКО УРЕДНИК НА ШПИЦ ЗЕМАЛ Н 2017-09-14 02:35:32 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)
    HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени