| 11.10.2017. ПО ДОМА

Утре е 11 Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ. На тој ден (1941 год.) шеснаесет Македонци, припадници на Прилепскиот партизанскиот одред „Гоце Делчев“, ги напднаа: (а) бугарскиот фашистички полициски участок; (б) затворот во Прилеп и (в) телефонските и електричните врски/инасталации, со намера да ги прекинат. Во нападите не загина ниту еден македонски партизан, а беше убиен еден од стражарите на участокот, по потекло Македонец, мобилизиран во село Смилево. Ова е краткиот опис на почетокот на востанието против фашизмот и бугарската окупација на Македонија. Сепак, некои човечиња се прашуваат какво е тоа востание во кое учествувале само (само?) шеснаесет луѓе.

Пред десетина години имав можност да учествувам на една трибина на која беше поставено токму ова прашање. Нивната зачуденост (зачуденост?) не е резултат на нивната интелектуална инсуфициентност, колку што е резултат на морален недостаток и личен интегритет, бидејќи добро знаат дека ниту едно востание не е еднократен чин, туку долготраен и мачен процес. Ако одлучувачки елемент во определувањето дали некој настан претставува почеток на востание е бројот на учесниците во него, тогаш се запаѓа во парадоксална ситуација, бидејќи спонатано се поставува прашањето: „Ако шеснаесет учесници не се доволни еден настан да биде прогласен за востание, тогаш колку се потребни – 17, 18 или, можеби, 225 учесника?“ Ако се потребни 225 учесника, тогаш некој друг злобник може да го постави прашањето зошто токму 225 учесника се доволни еден настан да биде прогласен за востание, а не 226 или 227? На истата трибина некои други човечиња/пиончиња сметаа дека тоа не било почеток на востание, туку почеток на братоубиствена војна во Македонија, бидејќи: (а) во него бил убиен македонскиот стражар од Смилево и (б) затоа што разбугарчените Бугари кренале рака против другите Бугари.

 
 

Овие тези/прашања се длабоко вознемирувачки и монструозни, бидејќи нивна цел е да се потцени и отфрли сè што е македонско и самосвојно. На тој начин, во историјата на македонскиот народ се воведува дисконтинуитет, намерно изумувајќи го фактот дека борбата на Македонците за ослободување од бројните окупатори е долг синџир, составен од повеќе вериги/настани (на пример: Илинден 1903; 11 октомври 1941…) од една страна и, од друга, се доведува во прашање идентитетот на македонскиот народ. А, народ без идентитет и континуитет не е народ.

Колку и да се трудат овие човечиња, нема да успеат во своте намери, бидејќи постоењето на македонскиот народ е факт. Фактите, пак, ја имаат таа особина да постојат сеедно дали некому се допаѓале или не. Додуша, некој силник може да ги уништи. Но, во тој случај, останува фактот дека тие (фактите) биле уништени. А, тој факт дека фактите се уништени веќе никој не ќе може да го уништи. Затоа, да ги оставиме (барем за момент) овие човечиња и нека го прославиме она што несомнено (на скоро сите Македонци) нѝ припаѓа – 11 Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ.

(125)

  
 

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Љубомир Цуцуловски
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени