| 23.04.2017.НА ТЕФЕРИЧ
Дали би поддржале поставување на странци на чело на македонски институции?

Македонија со децении се мачи да се крене за здрави нозе и да изгради нормално и функционално општество каде законите и правата ќе важат за сите и ќе им бидат овозможени на сите подеднакво. Во мала земја каде секој со секого небаре се познава, има контакт, роднински врски, пари и моќ, лесно може да се добие она што се посакува, рушејќи го кредибилитетот на клучни институции, а со тоа и на самата држава.

Вреди да се истакне дека оваа состојба постои и од осамостојувањето на државата, каде поготово политичките елити досега, често ги злопотребувале институциите или имале посебен третман на “недопирливи“ од страна на клучни државни институции чиј наратив е да се борат со корупција, непотизам, за правда, односно да бидат еден вид коректив и гарант за чесното однесување на оние од власта, но и на оние кои не се власт…

Дали би поддржале преседан можеби и во светски рамки, да на чело на институции како Јавното обвинителство, Правобранител, Државната антикорупциска комисија, државниот ревизор и слични институции во Македонија да добијат челници кои се странски државјани, експерти со децениско искуство, пријавени и избрани на конкурси, кои би имале мандат од 4 или 8 години да ги водат овие клучни институции како сликата за македонскиот правосуден и социјално-политички систем би се подобрил, притоа отфрлајќи ги бројните дилеми и сомнежи за политичко партиски врски, одлуки, решенија, притисоци и слично. Луѓе кои со европски плати, релативно непоткупливи, би носеле објективни одлуки и би работеле како што и е замислено според македонската законска регулатива и во интерес на народот.

Притоа, тие би послужиле и како врвни ментори на подмладокот и вработените во тие институции, надевајќи се дека овие би ја превземале нивната работна етика, морални вредности и самопочитта која со себе ја носи одредена функција, за непоткупливост, професионални и човечки вредности како и максимата “законот еднакво за сите“, па по престанокот на мандатот на странците, искусните кадри кои работеле под нив, може да направат исчекор во кариерите и да продолжат со добрата практика и устоличувањето на државата со “здрави темели“.

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали постои полова рамноправност во Македонија? Кликнете овде!

Тим ЗА

– Професионализам, етика, враќање на вредностите…
– Прекин на корушција, стоп за непотизам, стоп за закани…
– Напредок на економскиот, социјалниот, образовниот, здравствениот сектор…

Рија

– Во Македонија секој секому е роднина и не се можни некорумпирани институции.
– Само странец може да ја сведе јавната администрација на разумна бројка.
– Македонските граѓани неможат ниту најобичен документ да извадат без малтретирање.

Александер

– Наместо подобрување на институциите последните 20 години стануваат се полоши, се попартизирани…
– Довербата во институциите за нивната непристрасност е се помала…
– Ангажирање професионалци би требало да ги постави политичарите таму каде им е местото, а не да се обидуваат се да контролираат…

SasoN

– И покрај се што се случува и се случуваше, најдобро е странски експерти да ги постават темелите на државата затоа што досега се е тотално срушено, безмилосно, и крајно нечовечки. Државата е руинирана и нема ништо се е на добра воља. Под итно треба странци на клучни места, инаку како што тргнало нема да има ништо, ќе ја изгубиме државата, а тоа е толку блиску и се назира крајот.

Игне Скопје

– Да! Ама од руски, кинески или од за нас пријателски држави да бидат експертите.

Мац Македон

– Јас би поддржал реформа со експерти Германци и српски. Прво би го затворил јавниот обвинител поради досегашното молчење за злоделата во државата, а потоа десетина души со дебело досие за криминал, дури тогаш граѓаните сами ќе помагаат на инспекторите по општ криминал кога ќе видат дека државата иде по прав пат.

Касам Дервиши

– Доследни во недоследностите! Такви сме ние, и така сите реформски модели на реорганизација на институциите се превземени од други држави (Холандија, Германија, Словенија, Финска, Данска, Велика Британија итн.) само со нашите експерти патем се губиме во преводот! Помошта од странци ќе ни треба кога –
тогаш. Погледнете ја Хрватска со Агрокор!

Зоран Јованивиќ

– Да, само странците да се од држави со демократска традиција, не од бившите комунистички држави, тие исто така се корумпираат, и пак ништо нема да биде од реформи.

Орхан Алиу

– Во системи каде правото се применува двојно, односно различно во зависност од моќта на нарачателот, повеке од потребно е независно судство. А такво во Македонија нема, поради начинот на избор на судии. Затоа се потребни независни судии и судии на кои нема да зависи кариерата односно напредокот од тоа кој ќе победи на избори. Од овие причини потребна е помош од странство, се до ослободување на судството од притисоци.

Новица Серафимов

– Добра идеја и моја целосна поддршка за оваа идеа затоа што времето покажа дека не сме способни да изградиме правна држава со силни институции и вината покрај во наште партии е и во самите нас, затоа што народот ги носеше на власт и наместо да градат држава ајдуците ја пустошеа, па на некој начин не сме жртви, туку соучесници, со еден збор не не бива и што се однесува до мене би отишол и понатаму, ние дефинитивно сме “зрели” за протекторат…

Дејан Секулоски

– Македонија покажа колку се паметни нашите политичари и нивните подржувачи. Во еден институт во Америка не прогласија како трет најглуп народ во светот, па како што оди работата ни требат странски експерти и специјални судии и судови и сите политичари од 1991 да дадат отчет што сработиле и плачкале од оваа мала држава и сите да ја добијат казната за стореното.

Мусли Џеладини

– А, зошто да не… Кога веќе 25 години несме способни сами да се извлечеме од калта во која пропаѓаме и пропаѓаме, особено последниве 10 години, тогаш е реално некој од страна, кој не е корумпиран и не можеш да го корумпираш, кој нема да се плаши од братучедите, да ги раководи највиталните ресори…

Љупчо Пинтоки

– Не е спорно дека имаме образовани и искусни судии. Но имаме поделено судство во кое на врвните места се проверени груевисти кои го ставија под контрола судството. Видовме што се случи со избор на Претседател на врховниот дуд и претседател на основниот кривичен суд во Скопје. Странските експерти по правило кои се искусни со менаџирање на судството ќе помогнат во евалуацијата на судиите според веќе усвоени критериуми. Зошто претседател на судскиот совет и два три други судии да не бидат во светот врвни судии. Зошто странски судии да водат случаи како главни судии кои се особено значајни како оние од СЈО. Стручната помош е огромно значење.

Тито Илија Беличанец

– Кога си болен одиш кај матичен. Ако тој не помогке одиш кај специјалист. Ако и тој не помогне чаре бараш во поголем број специјалисти. Ако и тие не помогнат се упатуваш да бараш по светот за твојата болест. Ние сме во последната фаза. Видовме дека нема кај нас специјалисти.
– Меч со две острици но треба да се проба. Има и кај нас луѓе ама тие никогаш не испливуваат на површина. Или не сакаат да се нафатат да работат со ваков поделен народ и несамокритичен.
– Ние сме мала држава и секој со секого се познава и ако не се направи нешто радикално, ќе тонеме уште повеќе.

Олгица

Тим ПРОТИВ

– Сметам дека поставување странски лица на клучни државни позиции јасно укажува на недостаток на волја и желба за решавање на сите проблеми и прашања кои се јавуваат во рамки на македонскот општество. Таквата поставеност дава сигнал за зависност на државата кон странство. Со таквиот став апсолутно не се согласувам.
– Постојат држави во светот, но тие најчесто не се во Европа, кои доброволно бараат да бидат ставени под Протекторат. Тоа е ситуација во која една држава доброволно се откажува од своите надлежности за сметка на друга Држава – Протектор или Заштитник. Со држава – кандидат за членство во ЕУ таквата ситуација е недозволива.
– Ако веќе мора да се бира, повеќе сум за тоа НИЕ како држава да пружаме услуги на држава – заштитник отколку ние да бараме некој друг да се грижи за нас. Сепак, имаме и ние чесни и одговорни луѓе кои се подготвени да превземат одговорност. Ако тоа не е случај со некоја од големите партии во РМ, тука се и условно кажано и оние партии кои не се нарекуваат големи.

Владимир Кацарски

– Мора да сфатиме дека ние имаме независна држава, ние имаме независни институции, ние имаме образовани граѓани, имаме способни луѓе за водење високи функции, но само немаме оддалеченост од партијата. Не е проблемот во неспособноста на македонските функционери, дали знаат или пак не знаат што и како треба да прават со постоечките функции, туку проблемот е што тие функции се обидуваат да ги договорат партиски, па по секој изборен циклус ние добиваме пазарења меѓу посткоалиционите партнери за тоа кои ресори кому да припаднат. Мораме да започнеме процес на департизација, само така ќе зачекориме.
– Од 1995 година, со Дејтонскиот договор, БиХ е протекторат. Единствени држави на Балканот со поголеми политички, економски, социјални кризи од Македонија, се Босна и новонастанатото Косово ( кое исто така е протекторат и е поделено на 5 зони на влијание меѓу Германија, САД, В.Британија, Франција, Италија). Вклучувањето на странскиот фактор може да помогне само во преговорите за решавање на споровите, и на оние спорови кои прераснале во конфликти. Македонија, како суверена држава, пред се не е приватна компанија. Би се докажале како крајно неспособни граѓани доколку не знаеме да водиме држава.
– Идејата дека не постојат непоткупливи луѓе, во практика е мит. Барем искуствата покажале дека она што не може да се купи со пари, ќе се купи со повеќе пари. Сегашните функционери кои земаат плата од македонскиот буџет, воопшто не се грижат за институциите и за граѓаните, туку мислат за сопствениот џеб. Уште полошо, доколку биде на чело на институциите некој странски државјанин, кој би земал пари од европските фондови, воопшто не би се грижел за институцијата ниту за граѓаните, затоа што ќе нема надзор врз него, а големи се шансите и да посветува повеќе време на сопствените приватни бизниси

Мартин Р.

– Такво нешто после 26 години самостојност е несмислено.
– Се руши самостојноста и сувереноста на институциите.
– Имавме пример со МРТВ. ОБСЕ ни донесе странец (Словенец) за директор, кој ја дотепа телевизијата.

Тодор Пендаров

– Прифаќањето на странски експерти значи Р. Македонија да стане протекторат, а со тоа признавање дека македонскиот народ нема државно правен капацитет, што не е точно. Државноста на македонскиот народ е вградена во одлуките на АСНОМ и е добиена во континуитетот на борбата за слобода и сопствена држава и дадените жртви во долг период од основањето на ТМОРО па се до НОБ и АСНОМ.
– ‘‘Увозот‘‘ на институционална демократија во никој случај не е никаква гаранција за градење на ефикасна и функционална демократија. Напротив тоа би бил крајот на демократијата како систем на вредности во чиј центар е човекот како основна вредност од која произлегуваат сите други вредности.
– Нужна е радикална промена на постојнитте законски решенија со кои им се овозможува на партиите да се однесуваат како ‘‘претпријатија‘‘ кои се борат за власт за да можат да ја експлоатираат државата, односно промена на сваќањето на политиката како професија и тоа и те како профитабилна. Одговорноста за вршењето на функциите треба да се одземе на партиските центри и да се врати на народот. Исто така мора да се промени ставот дека стабилноста на државата е исклучиво зависна од постоењето на латентна сила која ќе владее, наспроти демократскиот амбиент со сите негови вредности и белези.

В.К.

– Изгледа привлечно, ама мислам дека нема да успее, Македонија треба да го изоди трнливиот пат до квалитетно судство, здравство итн. за да созрее, сите граѓани да сватат и бараат позитивни промени, ако не не бива ќе пропаднеме постепено, но сигурно.

Ловро Саболиќ

– Како држава имаме доволно КВАЛИТЕТНИ, ИСКУСНИ И ЧЕСНИ кадри. Сметам дека е потребно НАЦИОНАЛНО ПОМИРУВАЊЕ, а потоа искрено подавање рака. Со тоа би се овозможило државата да тргне напред. Знам дека било каде дошле на било каков начин “странски” ЕКСПЕРТИ, таа држава невидела многу среќа, со тоа и кај нас не ни треба однадвор некој да ни ги води институциите.

Томислев Андреевски

– Да се прекине непотизмот и на одговорни места треба да се постават неполитизирани и учени луѓе со искуство. Пилиштери на кои некој друг им го завршил факултетот или фалсификувал диплома не ни се потребни.
– Зарем не е доста плаќање странски “консултанти“, “помошници“ и незнам какви ли се, а со цел стекнување властита корист за тој што најмува и тој што е најмен. Доста крадење на овој напатен народ. Од независноста до денессамо во дупка во вовлекувате народот, треба ли уште повеќе да се осиромаши за некој да си обезбеди пари за 5 генерации однапред? Подобро да се направи права селекција на кадарот што го имаме, но без опструкции и негирања едни на други. Сите Македонци да се обединат, но не за апетитите и фрустрациите на поединци, туку за доброто на сите нас.

Драгана

(500)

Тим ЗА 45%
 
 
Тим ПРОТИВ 55%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари