| 31.07.2017.НА ТЕФЕРИЧ
Дали бракот е застарена и нефункционална институција?

Ни се чини дека се повеќе во Македонија, па и во светот, провејува ставот на поединци дека бракот е една застарена и нефункционална институција која тешко се приспособува на потребите на двајцата брачни другари во овие модерни времиња.  Оттаму, комплементарни на овие ставови се и статистиките кои велат дека се помалку и помалку бракови во класична смисла се склопуваат, наталитетот во Македонија општо се намалува, иако има и значителна бројка на новороденчиња кои живеат во вонбрачна заедница, бројот на разводи е поголем, па голем дел од разведените несакаат повторно да стапат во брак итн.

Просечниот брак денес е послаб, отколку просечниот брак во минатото, судејќи според прашањето на задоволството и стапката на разводи, но најдобрите бракови денес се многу посилни во смисла на задоволство и лична благосотојба, од најдобрите бракови од дамнешните времиња.

Според Заводот за статистика на Македонија, во 2016 година има отприлика 1000 бракови помалку склучени, отколку во 2015 година, но и околу 200 помалку разводи во 2016, споредено со 2015. Нашето прашање за кое сакаме да го чуеме вашиот став и размислувања е дали го поддржувате ставот дека бракот е застарена институција и зошто, или сте против овој став и сметате дека се зависи од брачните другари или нешто трето.

Дали е во природата на човекот да го помине целиот живот само со еден партнер или не, како се справувате вие со предизвиците кои ги носи бракот, зошто никогаш не би стапиле во брак, а сепак би сакале да имате деца, зошто би се одлучиле на посвојување и не би ви било проблем да бидете самохран родител, а не сакате да ги поделите обврските околу семејството и бракот со вашиот партнер?

Кои се предностите на оние кои живеат во вонбрачна заедница, а кои на оние во брак според вас? Ги очекуваме сите ваши видувања, ставови и искуства…

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали бракот е застарена и нефункционална институција? Кликнете овде!

Тим ЗА

– Вештачка творба!
– Ако постои вистинска љубов, зошто мора да е на хартија? На тој начин се убива љубовта зошто се спречува шансата за индивидуален раст на личноста.
– Заради нашиот менталитет младите влегуваат во брак за кој не се спремни затоа што не се самостојни и реализирани како индивидуи.

Наташа

– Кај нас во Македонија брачна и вонбрачна заедница се еднакви според Законот.
– Според тоа, полесно им е на партнерите да раскинат ако не им иде, отколку да ги има оние формални разводи на хартија.

Софија

– Бракот им е потребен на луѓето со недостаток на љубов, а такви се 99% од Светската популација. Да и одамна било така, затоа одамна и се користел како институција. Кај што има љубов, разбирање и почитување нема потреба од тоа ливче хартија. Јас мислам дека треба да се воведи и регистрација на хартија за верба во Бога, да не некој случајно заборави!

Натка

– Бракот не е никаква гаранција дека партнерите меѓусебно ќе си имаат доверба, почит и љубов… Хартијата со потписи не гарантира дека утре нема да се влошат односите меѓу партнерите исто како и во вонбрачна заедница, така да по мое мислење повеќе е традиција отколку реална потреба.

Dade Josephine

– Бракот е наметнат од организираната религија со векови претходно и често немала врска со љубов, туку полесно да се контролира популацијата, кога децата живеат во една поконзервативна средина само со своето семејство, а не живеат во комуна каде самото дете може да види од блиску како и другите родители се однесуваат со своите деца и да прави споредби, а не да мислат дека е нормално ако своите родители го злоупотребуваат детето.

Валентино Георгиевски

– Бракот како институција, без разлика дали се работи за истополов или традиционален брак, е застарен, исто како и религијата со својата догма. Постојат многу бракови кои се несреќни и кои остануваат заедно само затоа што некој од партнерите или двајцата неможат да ги сносат финансиските импликации од разводот, поради тоа што имаат деца итн., но тоа не е начин да се живее, кој би сакал таков брак несреќен, со расправии, со неверства, со растење на децата во една нездрава средина итн.
– Кај нас е озаконета вонбрачната заедница, и како таква, нуди многу повеќе предности во однос на горенаведенто.
Полесно можат да се разделат партнерите, има многу помали финансиски импликации, меѓутоа тука е и проблемот во законот кој го регулира тоа, односно имотно правните разврски потоа, по разделбата. Кој што му припаѓа итн, многу потешко се разделува имотот, а не би требало да е така и мислам дека може да се подобри легислативата во овој поглед.

Насте

– Нормално дека е застарена институција. Па до пред 50 години луѓето од ова поднебје договарале бракови, и тоа е. Денес ова сеуште е присутно по светот. Кралиците и кралевите од минатото стапувале во брак чисто од геополитички интереси, аристократијата од бизнис интереси и слично. Денес, ќе речете дека нема такви работи, демек од љубов се зимаат, меѓутоа каков е тој брак од љубов земени на 18-19 години? Што знаат тие деца од животот? Не е ни чудо што се разведуваат толку многу. Па тие незрели личности ќе се скараат за глупост, секоја чест на исклучоците…

Роберт А.

– Негледам никаков проблем да се расте деца во вонбрачна заедница. И таа како и брачната може да биде среќна и здрава средина за децата, дополнително дури и понеоптоварена и понестресна. Доколку и двајцата родители кои го гледаат детето како икона и секогаш им е во преден план, многу полесно можат да се носат животни одлуки кои се круцијални во интерес на детето. Нема никаква потреба од бракот.

Анастасија

– Не е застарен бракот како институција туку е застарен системот кој ги форсира младите во брак. Имало време кога договарале брак заради имот. Денес е малку поразлично.
– Останала трудна и трк у матично. Сакале стан да купат ама у банка бараат извод од книга на венчани. Ај трк у матично. Едниот добил виза и трк у матично. Бракот стана брутално исфорсиран од институциите. Исфорсиран, а успешен брак е многу взаемен труд за кој не секој е спремен.
– П.с. Како надоврзување на коментарите за истополови бракови – институциите прават многу тешкотии на било кои две индивидуи без регистриран брак да имаат многу пречки од правен аспект. Тоа е огромна причина зошто правото на брак е основно граѓанско право кое овие “чесниве пуританци” свесно им го бранат на сите кој не се како нив. Неписмен народ е многу голем проблем за напредок од било кој аспект.

Елена Кавракова

Тим ПРОТИВ

– Бракот е основната клетка на општеството. Нормална икнституција помеѓу маж и жена, кој би требало да биде склучен на основа на љубов. Само преку бракот врската помеѓу сопружниците ќе функционира совршено, бидејќи ќе делат се. Денес браковите се распаѓаат заради незрелоста на партнерите и погрешната претстава за бракот.
– Во минатото било потешко да се прифати разводот и баш заради тоа многу бракови успешно ги поминувале кризите. Денес, најголемата причина за разводи е незрелоста која подеднакво преовладува кај двајцата партнери. Бракот за нив значи само свадба. Но, забораваат дека со партнерот треба да се живее и да се дели се. Кога се дели нешто добро, бракот фукционира. Но, на првите проблеми почнуваат кавги и веднаш се вмешуваат родителите. Па добро, што мислевте вие дека е брак? Секој ден среќни. Едноставно тоа не функционира така. Партнерите во денешно време мора да се спремни на компромис, верност и разбирање.
– На западот на големо се промовираат геј бракови, разводи, едночлени семејства, самохрани родители… Се прави се и намерно се заобиколува она нормалното. Бракот е тесно поврзан со семејството. Какви деца би биле оние кои се одгледани во геј бракови? Добро е да се држиме до бракот како институција помеѓу маж и жена. Институција која не би се распаднала на првиот проблем или првата криза. Бракот бил и треба да остане темел на општеството.

Матил Бим

– Секое дете има мајка и татко, биолошки родители и со нив треба да живее во семејство.
– Верски гледано, бракот и семејството, како и љубовта се столб на животот.
– Сите вакви и слични дебати се со цел да се докаже нешто девијантно, се со цел да се одобрат еднополови бракови и да се премине од мајка и татко на родител 1 и родител 2.

Соња

– Тоа што тешко се прилагодува кон една или друга индивидуа, односно мажот или жената не е проблем на институцијата брак, ами на тие што свесно и доброволно стапуваат во него во лошо и во добро додека смртта не ги раздели. Ако таквата жртва не е доволна за да станеме едно, а не две индивидуи, тогаш незнам што е.
– Тргенете ги рацете од оваа институција и најпрво станете свесни за себе и својата улога во светов и општеството, а потоа во односи со други луѓе или индивидуи со изграден идентитет.

Миро

– Бракот не е бајка во која сопругот е принц на бел коњ, но е институција која по мене е неопходна за здраво потомство. Еднополовите бракови не ги подржувам не поради одбивност или хомофобија, туку поради сочувување на дигнитетот на оваа институција. Едно е кој со кого спие и се буди, а друго е брак. Како ќе очекуваме стабилни семејства ако државата поддржи ваква пародија???

Викторија Наковска

– На кој како му одговара. Брак како брак има предности, но и негативности. Бракот е институција според мене и интерес на повеќе учесници кои го измислиле (политика, црква) како и директен интерес на партнерите т.е. сигурна економска и општествена егзистенција, но и љубов и почит, кои две работи најчесто исчезнуваат штом наидат на некои посериозни проблеми. Значи ако некој сака брак и му значи многу, треба претходно добро да си размисли. Бракот е за јаки и доследни играчи.

Frida Kahlo

– Само бракот е институција за која цел живот треба да се трудиш да опстане! тоа ен значи дека опстанокот е задолжителен! Но во секој случај, јас сеуште верувам дека не е застарена институција.

Софија Рибароска

– Не треба да се дебатира дали бракот е застарена институција воопшто. Секогаш постоел и ќе постои. Проблемот секој треба да си го бара во себе, посебно оние кои неспремни влегуваат во брак и оние кои мислат дека со стапување во брак ќе бидат заробени на некој начин.
– Од тука произлегуваат натамошните проблеми и разводи. Доколку човек сам не се почуствува спремен да го помине остатокот од својот живот во брачна заедница со семејство тогаш нека живее како сака, секој има право на избор но никој не е должен да пати ради недоквакани умови. Бракот е сериозна институција и не е за секого.

Елена Тодороска Василевска

(1206)

Тим ЗА 61%
 
 
Тим ПРОТИВ 39%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари