| 17.01.2017.НА ТЕФЕРИЧ
Дали имаме подобар јавен здравствен систем и услуги од пред 10 години?

Сите ги користиме услугите во јавното здравство, дали ја поддржувате тезата дека целокупниот здравствен систем и услугите кои ги нуди е подобрен последниве 10 години или сте против таа теза?

Дополнителни бироктратски препреки, интернет кој паѓа, доктори кои се на протести или митинзи, персонал во алкохолизирана состојба? Електронски картички кои не вредат ништо, или добра реформа која полека ги заменува дебелите зелени здравствени книшки, пероснал кој е нестручен и незаинтересиран, или професионалци кои даваат се од себе да постигнат и дадат најдобра услуга со оглед на околностите и условите кои ги имаат за работа?

Дали има голема корупција и мито во болниците, дали го оправдувате, дали сте дале, за да добиете некоја услуга преку ред или поквалитетна услуга и како би го оправдале вашиот потег? Дали со тоа му вршите услуга на целокупниот здравствен систем на Македонија ако сте го корумпирале претходно?

Реформите кои се спорведоа последната декада го модернизираа и подобрија здравството или само го сменија начинот на функционирање на системот, кој сега дури е и понеквалитетен или е на исто ниво од претходно? Дали со вложувањето во модерна и современа апаратура, добивате поквалитетни услуги, или воопшто не ги добивате? Имате ли навремен пристап до истите? Кои се вашите размислувања за реформите како “Мој термин“ и некои слични со кои сте се соочиле?

Реконструирани болници ширум земјата кои ја подобриле сликата на кревкото македонско здравство или само боја фрлена врз р’ѓа и малтер? Новоотворени амбуланти низ рурални средини кои функционираат или нема доволно персонал за нив? Хигиенските услови во болниците, храната која ја добиваат пациентите кои престојуваат таму, начинот со кој се однесуваат докторите и перосналот кон вас?

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали треба да се легализира марихуаната во Македонија? Кликнете овде!

Тим ЗА

– Последните 10 години здравствениот систем во Р. Македонија е значајно подобрен, од повеќе аспекти. 1. Изградени се (или во градба) нови, или соодветно /функционално/ реновирани/реконструирани здравствени установи практично низ целата држава, не само во главниот град. Таков голем зафат во здравството не е регистриран пред 2006!
– Опремата: Набавена е најсовремена (од наједноставна до најсофистицирана) апартура која овозможува двоен ефект – во дијагностиката и терапијата на одредени патолошки состојби на организмот (кај болните). Обезбедени се апарати исклучително скапи, а неопходни! Во македонскиот здравствен систем беа раритет! Со месеци се чекаше за дијагностика на одредени здравствени проблеми-состојби.
– Мој термин е добра замисла, со важна ЗАБЕЛЕШКА: одговорно однесување и на терапевтите/докторите/ и на пациентите! Имавме период во здравството кога неодговорни ПОЕДИНЦИ не беа доволно сериозни кон своите професионални обврски! Тоа, верувам и è една од причините за воведување на овој регулативен систем. Во однос на персоналот: Секогаш имало, максимално ангажирани поединци посветени на својата професија, на пациентите, на постигнувањето најдобри можни резултати, кои воедно се доживуваат и како лично задоволство, сатисфакција. Секако, има и поединци кои не спаѓаат во оваа (нај)категорија.

Бона Бајрактарова

– Многу е подобро! Сега со “Мој Термин“ не морам да чекам со саати, одам на закажано во точно определен ден и час и брзо завршувам со преглед. Магнетна резонанца направив без да се молам, исто и за компјутерска снимка. За мамографија морав да одам до Скопје, а сега можам да извршам преглед и во мојот град.

Роза Милошева

– Мој Термин е одличен проект за јавното здравство, со мали корекции, кои поради малиот број на доктори специјалисти не е до крај реализиран.
– Да бидеме начисто, на било кој од нас некој да ни понуди повисоки плати би заминале таму. А Министерството за Здравство, претпоставувам, прво одлучило да набави опрема, да го зголеми бројот на специјалисти со едукација во странство, и на крај да им ги зголеми платите постепено на специјалистите.

Зоран Петровски

– Се води негативна кампања за да се оцрни се што е направено во здравството последниве години и дека севкупно ништо не е добро во државава, но пред 10 години здравството воопшто не функционираше, болниците беа мизерни, условите никакви, никакви апарати и опрема, а да не зборувам и за тоа дека болниците ги немаа ни основните средства да се изврши хируршки зафат.

Гордана Наумовска

– Октоподот СДС Ш, предавнички се уништуваше и крадеше, па во нивно време, ниту една болница не се возобнови, не изградија нова…
– Вмро дпмне набави нови 80 комбиња за брза помош со најсовремена опрема, плус нови автомобили за домашна посетастотици најсовремени апарати, и имаме и се подобри приватни болници кое се дел од цело наше македонско здравство – https://www.youtube.com/watch?v=4PSm3u-vKX4
Ова е новиот лик на одделенијата во општата болница “Борка Талески” во Прилеп. Резултатите од издвоените 70 милиони денари од Владата за реновирање на прилепската болница се видливи.

Тале Јорданоски

– После долго време крадење од социјалистичките директори, преку транзициските, здравството беше распарчено, уништено и останати беа само ходници и ѕидови. Да се почне испод нула во цела Македонија и да биде како во Америка никој не може, дури и Obama care.

Славчо Ноцев

– Мојата мајка ја оперираа во јавното здравство, прекрасен лекар, на 84 год на мојата мајка и сменија колк, од приватните клиники се откажаа, овој млад и способен лекар успеа чудо да направи и за 5 дена да застане на нозе мајками, само толку ќе ви кажам…

Искра Бондикова

– Мој Термин е добра работа. Тие што користеа пријателски врски и поткуп за преку ред да завршат работа, тие не го сакаат, нема повеќе кафиња, чоколади и разни контра услуги. Нема караници со народот и со сестрите.
– Обновени болници, нови болници, нови апарати, нови специјалисти, детска кардиохирургија, трансплантација на бубрег. Пет центарот е единствен во регионов! Централно греење на гас… Ако знаете во каква состојба и борчови го најдоа здравството…

Зоран Матески

– Ја следам состојбата во здравството бидејќи сум професионално поврзан со истото и еве ќе набројам само неколку подобри работи кои пред 10 години беа мисловна именка за кај нас. Клиниката за очни болести доби нов фако апарат кој го има само во одредени земји и единствен во регионот, започната целосна реконструкција на Градска, која не е пипната од пред 80 години, детската болница во Козле е врв, со пријатен персонал, хигиена на ниво, чисти ѕидови и подови, кревети итн, а и пред некое време и го зголемија и буџетот за работа и за набавка на најсовремени детски ортопедски помагала.
– Во моментов се градат или реконструираат 10 болници ширум државата, а за таа цел се инвестираат преку 70 милиони евра. Во времето на сдсм, едвај се одвојуваа по 7 милиони годишно за реконструкција или градба на нови здравствени установи. Само во клиниката за инфективни во 2016 беа инвестирани 11 милиони евра во опрема и апарати. Исто така да напоменам и за инвестирањето во знаењето и градењето на новите вештини на докторите преку тесната соработка на клиниките и министерството со странски министерства и клиники, кои испраќаат стручен кадар тука во земјата за да ги обучува нашите доктори.
– Значи споредба не е можна, колку и да не чини денешното, далеку е над нивото од она тогашното, кога се беше оставено на забот на времето, па дури и персоналот. Можеме и подобро, не велам не, меѓутоа глупост е да се вели дека сега имаме полошо здравство кога резултатите можеме да ги видиме околу себе. И да, неможе преку ноќ да се смени цел здравствен систем во една земја, тоа е процес кој може да потрае и со децении, обука на кадар, реконструкција, градба на нови капацитети и факање чекор со светските стандарди не е нешто што се случува за две години…

Мартин

Тим ПРОТИВ

– Во суштина здравствениот систем во последите 10 години не е многу различен од претходно, но според резултатите укажува на пад во квалитетот на здравствени услуги и пад во задоволството на пациентите. Премногу се рекламира дека се прават подобрувања, а во суштина често е полошо од времето кога со помали пари и помалку апарати се постигнувале подобри резултати. Министерот е надвор од фелата (правник) кој не се потрудил барем да се опкружи со советници медицинари.
– Се форсира приватното здравство наместо јавното здравство, сите се залагаат за бесплатно јавно здравство, а не објаснуваат дека без пари нема квалитет (а граѓанинот бара квалитет, иако добро би било да има и бесплатно и квалитетно, но не е возможно).
– Никој не нуди решение КОНКУРЕНТСКИ ЗДРАВСТВЕНИ ФОНДОВИ. Тоа даде резултати кај мобилните оператори, паднаа драстично цените, а квалитетот се подобри. Сметам дека треба да постојат барем 3 такви фонда кои ќе бидат насочени кон пациенти кои бараат евтина и не многу квалитетна здравствена услуга, друг фонд би се насочил кон пациенти кои сакаат луксуз и нема да штедат пари за тоа, а третиот фонд би бил некоја средина. Пациентите ќе се одлучуваат каде ќе уплатуваат придонеси, во зависност од своите финансиски можности и понудите на фондовите. Фондовите ќе склучуваат договори со амбуланти, болници…

Ѓоко

– Хигиена лоша, храна несоодветна спрема болеста на пациентот.
– Кога се оди за мали интервенции зимаш отпусна листа после неколку дена како да си лежел таму.
– Ги прикриваат грешките од страв на одговорност.

Зора Живаљевиќ

– Здравствениот систем се е полош и полош во поглед на хуманитарниот карактер на професијата уназад 25 години. Зградите и опремата не го прават здравството. Пример: пред 6 месеци пациент се упатува на операција од тумор. Поради притисокот се одложува операцијата. Настапува баба Рада на сцена и после 6 месеци на контрола аш нема тумор. Значи или лекарите не знаат да ракуваат со опремата и немаат соодветно и доволно познавање или надри лекарите се волшебници.

Трајко Ајтов

– Некоректрноста на медицинскиот персонал како на докторите така и на останатиот медицински персонал. Не доволно ангажираност, непрофесионалност и слободно може да се каже дури и неспособност и непознавање на основни работи во нивната професија е дел од она што дава лоша слика на македонското здравство.
– Митото и корупцијата се сеуште застапени, непочитувањето на Мој Термин со оправдување дека имале состанок и затоа доцнат. Ова го кажувам од сопствено искуство, закажано имав во 8:00, докторот доаѓа во 8:45 и ги поминува пациентите за половина час сите ги испрегледува, само им менува дел од терапијата без претходно да се направат испитувања, ужасна работа…

Незадоволен

– Нема основна здравствена заштита на деца и младиници од невработени родители. Не е аргумент да си плаќаме посебно за децата да имаат здравствено, децата треба да се посебно заштитени – СИТЕ деца! – Матичен гинеколог неможе да се пријави додека си невработена… зошто? Зошто немам електронска здравствена картица за мене и за дете, кога сум поднела барање за нова уште во октомври месец оваа година?
– Зошто како невработена и самохрана мајка, морам да плаќам здравствена заштита со образложение дека сум остварила приход предходната година? Кога сум работела сум се лечела, сум можела да плаќам, од каде како невработена да платам?

Наташа

– Само едно ќе кажам, да не даде господ да треба да се лечиш на клиника, да користите лекови од позитивна листа и да ви ги читаат резултатите од снимките дилетанти. Ова се однесува за Скопје, а за помалите места, нема да коментирам. Читајте црни хроники.

Гордана Георгиевска

– Овие 10 години систематски се уништуваше нашето здравство заради личен профит, а на штета на пациентите, болниците и амбулантите се невиден хорор, а популистичките фалби на власта не доведе до подобрување, напротив од ден на ден докторите бегаат и нормално е да бегаат, никој не сака да работи во такви услови и да е слабо платен.
– Пациентите се снаоѓаат како знаат и умеат (една од опциите е и баба Рада), а некои 5-10 % од популацијата можат да си дозволат лекување во скапите приватни болници.
– Нормално ли е во 21 век да умираат толку многу бебиња и родилки, нормално ли е толкав процент на заболувања од рак и други болести. Многу работи треба да се менуваат во здравството од корен, ако коренот е сеуште здрав, бидејќи дрвото со се листовите е веќе труло.

Антонија Зидар

– За жал, клиниките на Јавното здравство останиваат се повеќе без искусните лекари кои со години беа обучувани и натрупуваа искуство..! На нивно место еве доаѓаат сосема млади лекари…! Секоја им чест на младоста, но тие на место да бидат обучувни од своите искусни кологи и да продолжат со збогатување на практичните искуства и сознанија кај нас, тие еве стануваат самоуки лутачи во медицината кои започнуваат од јаден и чемерен почеток…!

Ристо Андов

– 40 години работев во здравство и можам да кажам дека освен апаратура другото е нула! Со сигурност кажувам дека докторите многу повеќе обрнуваа внимание на пациентите тогаш, отколку сега. Само еден пример, доктор оператор, кога ќе оперираше пациент одеше до дома и со точак доаѓаше после пладне да го посети пациентот. Сега имаат коли, па пејџери, мобилни уште што не, но нега и добро лекување нема!
– Лекарите не се виновни затоа што им ги намалија минутите за прегледи на рачун на административни работи. Организација нула, нега нула, хигиена нула, лекување нула, апарати по подруми собираат влага. Само враќање назад каде што прегледот на пациентот ќе биде на прво место, а административните работи да се на нула!

Босилка Миленковска

(341)

Тим ЗА 100%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари