| 03.04.2017.НА ТЕФЕРИЧ
Дали поддржувате во Македонија да се воведе смртна казна?

Затворите во Македонија се повеќе од преполни, капацитетите се тие, а секојдневно се носат и нови осуденици. Освен нехуманите услови за престој и недостатокот на вистински програми за рехабилитација на тие прекршители на законот, дали би поддржале во Македонија да се воведе и смртната казна како санкција против оние сторители кои се осудени за одредени тешки кривични дела и тероризам, на тој начин сметајќи дека ќе се намали бројот на сторени кривични дела и дела за тероризам и да се намали бројот на затворениците?

Во Македонија последната смртна казна е извршена во 1987 година, кога на смрт е осуден педофил татко, кој ја силувал, претепал и запалил сопствената ќерка. Стрелан е неколку дена подоцна. Меѓутоа, многумина сметаат дека оваа мерка нема да влијае на бројот на тешки кривични дела, дополнително ако се земе и предвид што и државата како аспирант за ЕУ, каде нема место за смртната казна како санкција, се чини невозможна мисија за враќањето на смртната казна.

Кој е вашиот став, дали сметате дека ќе се намали бројот на прекршители на законот доколку се има ваква мерка или воопшто нема да влијае таа врз развојот на кривичните дела во Македонија, од гледна точка на тоа, дека во принцип никој не застанал да подразмисли пред да изврши одредено кривично дело дали тоа е тешко и дали би добил смртна казна за тоа, па да се откаже од намерата?

Дали сметате дека семејствата на жртвите или оние кои страдале од тие кривични дела би добиле поголема сатисфакција ако сторителот е осуден на смрт, отколку да помине четврт век позади решетки во нечовеки услови?

Ако човечкиот живот е нешто најсвето, тогаш како државата да има право да одредува кој ќе живее, а кој не?

Дали помислувате дека моментално во затворите во Македонија лежат и невини луѓе? Што би се случувало доколку некои од нив имаат добиено смртна казна која е извршена, а подоцна искочат докази или сведоци за нивната невиност? Кој би ја сносел одговорноста од сето тоа?

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали би поддржале радикални реформи со поставување на странски експерти на чело на клучни македонски институции, што би не рестартирало како држава со “здрави темели“? Кликнете овде!

Тим ЗА

– СЕКАКО!!! За посебно тешки облици на кривични дела против животот и телото на луѓето. Монструозни убиства, сериски убици.

Томе Мешковски

– Дефинитивно сум ЗА, стравот од казната има поголем ефект од самата казна… плус казнените установи ќе бидат доста растеретени од грижата за криминалците кои отслужуваат доживотен затвор, единствен недостаток на оваа казна е тоа што е непоправлива, меѓутоа кога се ќе се стави на вага позитивните ефекти превагнуваат над негативните…

Дејан Секулоски

– Сум за смртна казна. Некој си смислено убил неколку луѓе и ќе го судат доживотен затвор. И како награда ке го хранат, негуваат, лечат бесплатно на сметка на поштените граѓани кои плаќат даноци.

Ѓорѓи Василев

– Смртната казна во многу случаи може да помогне и да даде некава правна, морална сатисфакција на семејството на жртвата, кои не ќе мораат да се плашат во иднина дали тој криминалец ќе излезе на слобода и ќе биде пуштен во општеството. Нема да треба да се секираат за аболиција или за бегство од затвор и во тој случај можеби да стравуваат и за своите животи!

Миле

– Има безброј студии и истражувања за позитивниот ефект кој го има смртната казна! Оваа студија покажува дека со секоја извршена смртна казна се превенираат од 3 до 18 други убиства. Со други зборови ги подзамислува потенцијалните убијци во државите каде има смртна казна дали да го направат тој потег.
– Друго истражување во Америка, спроведено во текот на две декади, покажува дека колку што имало повеќе смртни казни во одредени нивни држави, толку повеќе во тие држави стапката на убиства се намалувала.
– Во една реченица, смртната казна може и де факто спасува животи.

Бојан

– Има една серија, Prison Break се вика, каде една реченица ми остана во паметење. Во тоа америчките затвори, најголемите банди и криминалци, сите се плашат од оние кои се осудени на доживотни казни. Зошто? Затоа што тој што знае дека е во затвор до смрт, нема од што друго да се плаши! Следствено на ова, и мојот став дека осудувани на доживотни казни, најтешки криминалци и убијци, ништо не им менува дали ќе извршат самоубиство, друго убиство или други криминали додека се во затвор, бидејќи неможат да добијат потешка казна од таа што веќе ја служат.
– Смртната казна е единствениот начин како би се осигурале дека некакви криминални изроди не би се вратиле на слобода, без разлика со бегство или некоја политичка одлука!
– Исто така, со чувањето на такви тешки криминалци на доживотна што се, се ставаат во опасност и другите затвореници меѓу кои и не се сите тешки криминалци, како и чуварите кои треба да ги чуваат.

Мартин Долменов

– Со еден пријател баш имаме разговарано на темава пред некоја година. Он е поборник за човекови права, така да речам. Дојде до еден момент, каде он е против смртна казна ама и дека условите во нашите затвори биле лоши, пренатрупаност и слично. Епа сега, кога би имале смртна казна, сигурно дека би придонела да се решава тој проблем, му велам. Контрадикторноста е во тоа, ем сака да не се по 10 затвореници во соба, ем да нема смртна казна. Па ќе треба повеќе затвори од хотели да има во Македонија ако ги гледаме така затворениците, како во шведските затвори со телевизори и софи во ќелиите.
– Значи како аргумент мој би го кажал тоа, дека со смртната казна ќе се реши и проблемот со пренатрупаноста во македонските затвори, сега не да се направи масакар со се живо и диво, тој што си заслужил, меѓутоа и оние што сакале да прават криминал, добар дел од нив нема да направат ако има смртна казна, па така пренатрупаноста ќе се преполови по затворите.

Димовски С.

– Смртна казна за тежок криминал: политички клептомани, терористи, агресори, убијци, нарко дилери, после прва пресуда за затвор од 10 – 15 години, го повторува делото и во судска порота од 5 судии се суди! Судиите ги бираат online (ваква слична судска разрешница има во некои САД држави и Малезија до пред 5 години, доста успешна!)

Виктор Стојановски

– Да. французите до 1984 година имаа смртна казна и тоа со гиљотина. Не е лошо да се воведе, ќе им одговара на барокот… Што се однесува до ЕУ и конвенции за човекови права, како и да е не ја гледаме Македонија наскоро во ЕУ, така да… ДА!

Бобан Ст

– Да за смртна казна, бидејќи такви ги има, таквите никогаш неможе да се рехабилитираат, тие се терет на државата и потенцијална опасност да избегаат и пак да направат некоја беља.

Борче Мицевски

Тим ПРОТИВ

– Не. Затоа што може да дојде (не) намерно осудување на невино лице. Животот е еден и нема поправка доколку се изврши Смртна казна по грешка.

Јордан Шијаков

– Ајдеее од каде па сега ова? Да не дошол некој до степен да мора легално да убие некој за да биде замолчен, зашто мртвите усти не зборуваат зарем не?! И во земји каде имало смртна казна, истата веќе не постои, од причина што подоцна било откривано дека многу од веќе осудените на смрт, всушност биле невини. Во многу случаи вистинскиот виновник бил откриен кога виновникот веќе бил мртов од природна смрт, а невиниот осуден на смрт. Единствена логика за ваквиот предлог ми е дека некој сака да го злоупотреби ова, а осудениот ќе ја однесе тајната во гроб!

Be You

– Какво ни се правосудството и полицијата дознавме од многубројните скандали, полициско правосудни прогони на недолжни граѓани, срамни пресуди кои ја вчудоневидија домашната и светска јавност. Не мал број од жртвите добија само морална сатисфакција со добивање на споровите против државата во Судот за заштита човекови права во Стразбур.
– Ама вистински шок беше кога од `бомбите` се дозна дека и пресудите за најтешките злочини, за монстуозни убиства, за тероризам биле `плод` на фингирани истраги и монтирани судски процеси со кои жртвите биле осудени на најтешки казни, доживотен затвор или со крајно површно извршени истраги осуден на доживотен затвор за подмолно убиство на роднина по долг низ години робијање ослободен од обивнувањето по вештачењето на ДНК траговите на место на злосторството извршено во германска лабараторија. Подобро е што е укината смртната казна затоа што голем дел овие жртви на тотални некомпететно правосудсво и `истражни органи` би бил осуден на смртна каѕна `ни крив ни должен.

Радивоје Младеновић

– Како што рекол Ајнштајн, “Не можеш да го решиш проблемот на истиот начин на кој си го создал”. Што ги прави поразлични оние кои ја спроведуваат смртната казна од оние кои ја доживуваат? Ова функционирање на “око за око, заб за заб” само двојно ќе го зголеми насилството.
– Постојат други методи за решавање на проблемот со агресија. Не сум експерт, но сметам дека една од опциите би била разговор со психијатар или уште подобро – групни сесии (за да не се загрози безбедноста на психијатарот), заради терапија/истражувачки цели. Ова од проста причина што за некој да биде агресивен мора да чувствува болка – било од внатрешен или од надворешен ментален притисок. На секој од нас ни бил потребен психијатар барем еднаш во животот; разликата е во тоа што мнозинството има автоагресија, а убијците истата ја насочуваат нанадвор. Ова не значи дека треба да останат неказнети.
– Смртната казна може да стане предмет на злоупотреба, што е всушност сосема очекувано во Македонија, со оглед на тоа што досега се злоупотребувале функции, врски, пари и што не. Недостатокот на објективност (или воопшто реакција) на судскиот систем ќе предизвика да патат невини луѓе, а смртната казна ќе овозможи таквата тиранија да премине од психичка во физичка. Многу подобар начин за превенција на злосторства би бил ефикасен систем на информирање, како за пријава на опасност така и во насока на едукација за самоодбрана и уверување на потенцијалните жртви дека заслужуваат да се одбранат себеси.

Димитров

– Не за смртна казна од причини што тоа е најблагата можна казна за некои монструми од луѓе. Само доживотен строг затвор кој ќе им представува најстрашната смртна казна.

Розета Тушевска

– Смртна казна не! Не може човек да зема живот, не е христијански…. Тешка доживотна робија без помилување, тоа да!

Сашо Балуковски

– Па вие сте ненормални што поддржувате смртна казна. Па вие немате ден затвор излежено, па смртна казна барате. Па сами ќе се обесите, свесни ли сте? Ако не вие вашите деца ќе ги фати параграфот… Нема суд што може да пресуди смрт на некого. Само господ суди на смрт, во точен час во дадено време.

Игор Глигоровски

– Смртна казна не. Но дела за кои би била досудена смртна казна до колку би постоела, да бидат санкционирани со доживотен затвор без право на помилување по ниту една основа и без право на посета или одсуство, или право на болничко лекување.

Тоше Додевски

– Во никој случај не! Зошто автоматски самата пресуда ќе биде убиство, исто како и убиството на починителот, а тука нема разлика! Така да доживотниот затвор е најдоброто решение…

Бобан Србиновски

(668)

Тим ЗА 71%
 
 
Тим ПРОТИВ 29%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
    1. sekako sum da se vovede smrtna kazna,zarem ubiec so umisla ke go oprais nekako ako e vo zatvor-ne, zarem terorist sto resil da ubiva masovno ke go oprais vo zatvor-ne i drugi seriski ubistva i sl. definitivno sum za smrtna kazna-sto ako takvite storiteli sedat vo zatvor,em ne gi opravas,em kaznata ke deluva strasno kaj potencijalnite storiteli em nema drzavata da gi rani dozivotno itn.itn.
      ( deko 2017-04-04 15:45:55 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)