| 26.05.2017.НА ТЕФЕРИЧ
Дали постои полова рамноправност во Македонија?

Заложбите и законските регулативи се тука, но дали на дело и во секојдневието постои полова рамноправност во Македонија? При одлучувањето за работните места, зависно од позицијата, дали полот игра важна улога? Присутни ли се сеуште предрасудите дека жените се поневешти шофери од мажите, дека неможат да работат “машки“ работи, дека не ги бива за политика, дека они се тие кои треба да го одржуваат домот и семејството, на сметка на мажите кои треба да се грижат за финансиите?

Се среќаваат мислења и коментари, дека се им е овозможено на жените во Македонија, но сепак не се присутни во сите сфери и професии поради нив самите, односно кривицата треба да ја бараат во самите себе. Дека не треба да очекуваат од овој “машки“ свет да им се подари се на тацна.

Спротивно на овие конзервативни мислења, постојат и смели самохрани мајки и жени кои се истакнуваат како на професионален, така и на приватен план, успешно водејќи ја битката со предрасудите во општеството, не давајќи ниту педа простор да им се каже дека се неспособни за нешто, дека не треба да прават одредена работа само поради полот и слично.

Кои се вашите аргументи и ставови по ова прашање, дали постои полова рамноправност во Македонија или не, дали жените имаат исти услови за живот и приватен и професионален развој како и мажите во Македонија?

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали екстерното тестирање на учениците во Македонија е добра мерка? Кликнете овде!

Тим ЗА

– А зошто ги фурате овие некои глупи светски трендови… Мене суште не ми е јасно… Значи наводно мажот земал еден до два долари повеќе од жена на истото работно место и слично. Полова рамноправност или како и да е, може да има само доколку сте опкружени со луѓе кои знаат да ве ценат како особа. Е тогаш воопшто не е битно дали сте маж, жена или нешто трето.

Гоце Левковски

– Полова рамноправност постои во Македонија, настрана предрасудите и конзервативните мислења кои секогаш ќе постојат, а ќе ви кажам и зошто. Никој за ништо не е дискриминиран по основ на пол во Македонија. Секој може да работи што сака, секако доколку е квалификуван за тоа, односно условите и можностите се нудат еднакво на сите. Да, одвреме навреме ќе налеташ на предрасуди, меѓутоа за тие имаш законско право да тужиш, што никој не го прави.
– Пред извесно време Европскиот парламент го отфрлил извештајот за рамноправност меѓу мажите и жените во кој од државите на ЕУ се бара да го гарантираат основното начело- иста плата за мажите и жените кои работат иста работа. И потполно се слагам со тоа. Зошто? Повторно, можеби маж и жена да работат како администратори, ама мажот или жената сеедно, еден од нив има некој икс фактор кој ја прави неговата работа поквалитетна, поуспешна, покорисна. И затоа,
а и заради други причини не треба да се става знак равенство помеѓу маж и жена во однос на професионалниот ангажман за ниедна работа. Јас како стопанственик ќе му дадам некој денар екстра на оној што ми носи нешто екстра со работата, иако двајцата се водат како администратори, во спротивно го обесхрабруваш оној со икс факторот и го демотивираш, додека оној без икс фактор му даваш до знаење дека е исто толку добар како и неговиот колега или колешка, а и самиот тој/таа знае дека не е така.
– Ние сме претежно народ кој пасивно молчи и активно не бара решенија за општествените проблеми. Така е најверојатно заради тоа што поголемиот број од граѓаните не ни имаат време да размислуваат за унапредување на некои општествени норми и теркови, туку се преокупирани со живеачката, односно како да се догура месец за месец. Па претпоставувам дека сите оние дискриминаторски огласи за работа кои се објавуваат каде за одредено работно место се бара конкретен пол на кандидатот, оние кои се пријавуваат на истиот, не им е дојдено до тоа да укажат на таа дискриминација туку гледаат како да го фатат местото, а и самите знаат дека понатаму ако се вработиле како секретарка, преќутно ќе бидат должни и ќе прифатат да варат кафиња на директорот или надредените, се за тие пусти 200 евра плата. Иако не се само едните како пол или род виновни за ситуацијата во која се нашле, сепак не треба да очекуваат дека оние од другиот род ќе повлечат нога за нивните загарантирани права со Устав, и мора полека полека да ги кршиме тие предрасуди.

Симјановски

– Тоа е проблемот на нашето општество. Имаме европски закони, а балкански менталитет. Се додека од мали нозе децата ги обликуваме според полот, односно кој со какви играчки смее или не смее да си игра, кој какви обврски да извршува низ домот додека растат итн, ќе имаме и полова рамноправност само на хартија. Сум за полова рамноправност и навистина сметам дека постои во Македонија, со поголем израз во урбанизираните средини. Меѓутоа за да се примени таа рамноправност во целост, потребно е да се избришат, заборават и остават сите разлики и предрасуди помеѓу половите и сите да се гледаат пред се како луѓе, без разлика на нивната сексуална ориентација. Само така ќе има вистински полова еднаквост.

Тодор Петровски

– Дефинитивно постои полова рамноправност во Македонија, иако не е докрај имплементирана, односно спроведена во нашиот ментален склоп. Според мене, иако сум жена, не треба на пример да се залагаме до таа екстрема за полова еднаквост, онаму каде што можеме, а тоа се државните институции, да се оди со ист или приближно ист број на мажи и жени. Таа перцепција на полова рамноправност е чиста глупост. Или пак сега за новата влада, не ми е ич битно, дури сметам дека ќе е котрапродуктивно доколку да речеме се договорат партиите да има ист број на мажи и жени министри во владата по примерот на новата француска влада од скоро.
– За мене тоа значи дека некој навистина квалитетен и квалификуван маж не бил поставен на некое министерско место бидејќи по некој политички договор, тоа место требало да припадне на жена, или обратно. Со тоа се губи на квалитет,
на сметка на некои неприродни и квази заложби за рамноправност, а всушност не е тоа никаква рамноправност. Слично како и вработувањата со рамковниот договор, се удри на неприродно пополнување на квоти по институциите базирано на етничка припадност, а на сметка за тоа падна квалитетот. Сличен случај е и тука, доколку се разбира, некој таа полова рамноправност ја подразбира на овој начин, да му се подари на едниот или другиот пол нешто што реално не го заслужува или не е најквалитетен кандидат, но го добива местото само заради тоа што сме решиле да бидеме слика и прилика на западните демократии, кои и онака се полни со маани.
– Половата рамноправност за мене е сите и мажи и жени да имаат еднаков пристап до можности за вработување, до можност да подигнат дом и семејство, да нема работодавецот или државата или било кој друг трет едни очекувања од мене само поради тоа што сум жена на тоа место или ситуација, а сосема други очекувања да имаат кон маж доколку се нашол во истото место или ситуација. А мислам дека нема такви изразени разлики и затоа мислам дека нема потреба да се пренабрегнуваме нешто посебно за унапредување или незнам што околу тоа. Веќе го имаме.

Ивана Игновска

– Чисто да појаснам, уште пред да го кажам своето мислење, дека аргументи како жените се тие што мораат да чистат, да пеглаат по дома и слично, воопшто немаат врска со половата рамноправност и не ги признавам. Тоа драги мои, ви е ствар на договор по дома што си го имате со сопругот/сопругата. Тоа со закон и устав неможе да се поправи 🙂
– Е сега, како не постои полова рамноправност, кога лично познавам, а и по социјалните мрежи гледам и следам многу жени кои се самохрани мајки, успешни бизнисменки, претприемачи итн. Сето тоа ви кажува дека половата рамноправност постои, односно дека има услови за секоја жена да створи, креира нешто во животот и да се позиционира високо во општествениот живот во Македонија. Ако сеуште сметате дека нема полова рамноправност, присетете се само на оние закоравени муслимански земји и правата на жените таму, кои реално и ги немаат (неможат да гласаат, несмеат да имаат имот на свое име, несмеат да располагаат со земјиште, немаат фирми, несмеат, несмеат, несмеат…) И не дека сакам да мешам политика ама колку пари земаше менаџерката на МПМ ви текнува? Тоа значи дека ако се има воља и знаење, се се може, независно од полот.

Марјан

Тим ПРОТИВ

– Како не постои!!! Ромите ги мажат ќерките по можност во странство малолетни, за да им праќаат пари секој месец. Албанците ги мажат ќерките за тие што бабо ќе каже за голем мираз. Сте виделе Албанка сама да иди? Македонците жените си ги третираат како слугинки. Турците не ни ги пуштаат да работат. Како рекле старите, и стреите плачат кога се раѓа женско дете.

Наташа Ангеловска

– Можеби има полова еднаквост во Македонија, ама кога се работи за правата, не и за обврските. Да речеме дека маж и жена работат во фирма од 3 луѓе, третиот е директорот. Двајцата се водат под исто работно место. Фирмата е во Македонија. Жената ќе има обврска секогаш кога ќе дојдат клиенти, соработници итн. да вари кафе, и тоа е во 90% од фирмите во Македонија, кои немаат машина или апарат за кафе, а вработениот маж секогаш ќе биде оној вработен кој ќе треба да ја однесе службената кола на перење, или да однесе пошта, да премести бироа итн. И вака е во сите фирми во Македонија, било државни, било приватни, без разлика на бројот на вработени и нивниот пол, ако има една жена на 10 мажи таа ќе биде оној вработен кој ќе го вари кафето и ќе го носи кај директорот, и обратно во ситуацијата со мажот.
– Тоа е заради што воопшто не се пази за некаква полова рамноправност и стереотипите преовладуваат, па оние претпоставени обврски кои вработените можеби ги имаат или немаат дома, се очекува од нив да ги превземат истите или сличните и на работното место. Жената да зачисти, мажот да поправи. Иако имам јас другар кој ако му дадеш расклопено пенкало нема да може да го намести цел живот, и жена која нема појма од чистење и готвење. Ама ако некој што не ги познава ги вработи и двајцата, утре ќе му рече на другар ми да го смени осигурувачот што прегорел во канцеларијата, а од жена ми ќе очекува дека треба да ги замие шољите или да зачисти ако се истурила земјата од некоја саксија…
– Тоа е еден пластичен пример кој сакав да го кажам во врска со обврските, распределбата на истите често се врши стереотипно и под предпоставка дека само заради тоа што некој е жена или маж, одредена обврска ќе биде завршена како што треба. И треба да се ослободиме од тие стереотипи, и да ги учиме децата од најмали нозе, дека не е ништо срамно, машкото дете да знае и да готви, и да чисти, а и женското дека не е срамно да кречи, да поправа чешми или да менува гуми. Тоа се дополнителни квалитети кај секој човек и сите ќе ги ценат повеќе, а и самите ќе станат понезависни во животот. Замислете маж кој незнае да пегла, и после 20 години брак, жената го остави. Човекот не ќе може испеглан да се појави на работа, саде џемпери ќе носи, лете и зиме…

Владимир Т.

– Не постои. Жената работи и дома и на работа. Мажот дома уште е гостин, а на работа шеф.

Мимоза Станковска

– Не постои. Денешните жени во Македонија по секоја цена сакаат да доминираат врз мажите. Феминизмот е главната нивна водилка во животот. Се залагаат само за женските права, а се повеќе ги запоставуваат домашните свои обврски во семејството и пред се спрема децата…

Зоре Танески

– Нема полова, па и каква друга рамноправност мислам, никаде во светот, па ни во Македонија. Законските регулативи, кои ви се спомнати во воведот, не се во ред, макар и тие да биле превземени од незнам какви европски т.е. западни законодавства.
– Еве личен пример да кажам, за каква рамноправност говориме кога жената која родила дете има право на породилно отсуство на 9 месеци, а мажот кој е татко на детето само на 3 месеци? Ова е според нашиве закони. Пазете сега, која ми е поентата, јасно ми е дека жената се породила, се измалчила и се тоа, воопшто и неможам да се мерам со тоа, меѓутоа логиката ми е следна. За време на отсуството, ако не се лажам и кај мажот и кај жената, независно кој ќе го земе отсуството, ти следува 70% од редовната плата која си ја земал дотогаш. Кај мене, сопругата зема 30.000 денари плата, или на породилно отсуство ќе зима 21000 денари плата. Јас зимам 10000. Вкупно месечен буџет е значи 31000 денари. Доколку законот би ми дозволил јас да земам породилно отсуство од 9 наместо 3 месеци, тогаш од мојата плата би се скратиле 3000 денари, сопругата би ја земала цела, сума сумарум 37000 денари месечно.
– Зошто јас како татко на кој му се родило дете немам право да земам исто породилно осуство како и жената? Можеби жената пати од постпородилна депресија па неможе да е со детето постојано, можеби починала при породување итн. итн.
разни судбини и случаи може да се набројат хипотетички. И јас бев исто ненаспан како и сопругата додека беше детето мало, зошто доколку поради било која причина сопругата неможе да земе породилно, а приморан е мажот, на него му следуваат само 3 месеци? Ова се моите лични примери за кои сметам дека не постои полова рамноправност, не само кај нас туку и во светот, а сигурен сум дека уште многу луѓе преку сопствени примери ќе укажат на дискриминациите на системот кон половите во одредени ситуации.

Милош Вуичиќ

– Да разјасниме што се подразбира под полова рамноправност. Тоа се подразбира колку државата и самото општество ти ги има отворено вратите на тебе како маж/жена дали се работи за образование, здравство, правосудство, слобода на изразување, можност за вработување итн. Кај нас не постои полова рамноправност во овие аспекти и за тоа има секојдневни примери на кои никој не им обрнува внимание, бидејќи се ни е решено во државата, само уште тоа остана.
– Од друга страна, тоа е чуство или порив на секоја индивидуа посебно, зависно од нејзината историја, искуства, воспитување и слично. Аналогно на овие параметри, тој/таа ќе си ги бара правата, или ќе се покорува на досегашните.
Бидејќи имаме доста дискриминација и предрасуди по однос на полова рамноправност, очигледно дека околината ни е конзервативна и лошо влијае во поглед на било каква рамноправност, ниту е спремна да почне да ги обликува во иднина младите луѓе да немаат предрасуди барем од овој тип.
– Ако грото од општеството и државата има наметнато таков третман врз половите во различни области, и тоа се земе како еден екстремен крај, тогаш феминистките кои се малку на број во Македонија, но се доста гласни се другиот екстремен крај од боиштето. Во принцип не ги поддржувам, но добро е кога се има два екстремни краја, за да се најде балансот во средината.

Сања

– Генерално мислам дека не постои полова рамноправност во Македонија, и како примери би ги навела недоволниот број на жени застапени во општествено – политичкиот живот, кој во Македонија го водат мажите. Никогаш не сме имале жена на чело на Влада, Собрание или Претседател, од градоначалници само Теута Арифи можам да си ја спомнам, на големите македонски компании челниците се претежно мажи итн. Не верувам дека тоа е поради недостаток на квалитетни и образовани жени, професионалки, туку дека е едноставно преќутна дискриминација,
на некој начин. Мажите се осеќаат покомотно во машко друштво, и кога одлучуваат за некоја позиција, мислам дека фаворизираат мажи. Закони какви сакаш може да се носат, не е и дека во пракса ќе се применуваат, а општеството многу тешко ќе ги прифаќа таквите промени.

Емилија Цареска

(327)

Тим ЗА 53%
 
 
Тим ПРОТИВ 47%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари