| 20.02.2017.НА ТЕФЕРИЧ
Дали треба да се легализира марихуаната во Македонија?

Владите низ светот имаат потрошено декади и милијарди во борбата против дрога. Меѓутоа, постојат многумина кои веруваат дека најупотребуваната “дрога“, марихуаната, не треба да е на таа листа и да биде нелегална.

Македонија направи мал исчекор кон оваа цел, дозволувајќи легална продажба на масло од канабис, произведено од веледрогериите и контролирано од државата, но сепак, растението кое секогаш покренува контроверзи и предрасуди е далеку од легална стока за употреба на индивидуите.

Поддржувачите за легализација најмногу ги истакнуваат медицинските и лековитите својства на канабисот како свои најголеми аргументи, неговата можност да го “отвори умот“, а тука се и многубројните научни докази дека канабисот е помалку штетен за човечкиот организам отколку тутунот и алкохолот. Неизбежен е и аргументот за економските придобивки на државата која би го контролирала целиот таков процес, како и ефектите кои може да ги има еден таков чекор кон намалување на зависниците од тешки дроги…

Критичарите, односно противниците на ваквата иницијатива, ги истакнуваат научните студии во кои канабисот е причина за штетни физички и психички последици и неговата тенденција да служи како “влезна врата“ во светот на потешки и поштетни дроги.

Оваа тема за дебата, исто така, сака да го покрене и прашањето за слободата на индивидуалецот како концепт, против концептот на патерналистичката, конзервативна држава. Некои луѓе, дури и оние кои не користат канабис, сметаат дека на луѓето треба да им се дозволи да прават како што сакаат со своите тела, додека други сметаат дека државата, општеството има обврска да ги заштитува луѓето од потенцијално наштетување на себе и другите околу себе, макар и кога се работи за пушење на канабис.

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали поддржувате во Македонија да се воведе смртна казна? Кликнете овде!

Тим ЗА

– Марихуаната е божја билка што растит во земја, немат никакви вештачки преработувања, значит не е дрога, не ѓаолска дрога ко хероинот, кокаинот, екстази, било какви апчиња што ги голтет наркомани.

Славчо Крстески

– Човекот нема право да забрани билка која еволуирала веројатно и подолго и од генезата на самиот човек.
– Хипокризија тешка е потоксични работи како тутунот и алкохолот да се дозволени, не смее да има селективна правда во тој поглед.
– Луѓето имаат право на економските, здравствените и социјалните придобивки од ова растение.

Теодор Бошков

– Легализираното одгледување во преплодната Македонија ќе донесе илјадници нови вработувања.
– Географската положба на Македонија ќе донесе бум во туризмот ако е единсвена балканска држава со легализирана марихуана.
– Ќе се анулира црниот монополски пазар за уље од марихуана ако се дозволи повеќе луѓе да го прават.

Кавракова

– Ако е нешто докажано и оттаму претставува основа за легализација за медицинска употреба, што значи дека е КОРИСНО, зошто би било штетно за употреба за ЗДРАВИ луѓе?
– Значи, ако е корисно за болни, корисно е и за здрави.
– Декриминализација и легализација, со регулација, се разбира. Ако приватен производител на ракија треба да плаќа акциза, треба да плаќа и привател одгледувач на марихуана, било за медицинска, било за рекреативна употреба.

Tile Mythnik

– Многу е важно ние како луѓе да имаме слобода да правиме што сакаме со нашите тела. Веќе ни е дозволено да јадеме и пиеме колку што сакаме. Во многу зејми е легално да се усмрти човек! Зошто тогаш, на луѓето не им се дозволи да си наштетуваат на телото ако тоа сакаат да го прават (под претпоставка дека употребата на марихуаната е штетна?)
– Пушењето на марихуаната може да има ефект кон другите, како на пример ефекти како кај пасивното пушење на цигари. Но, нели донесовме закон со кој се регулира ова и се минимизираа тие штетни ефекти за другите околу нас пушачите. Истото може да се направи и со марихуаната…

Снеже Ј.

– Иако канабисот има некои штетни ефекти, не е ни приближно штетен како алкохолот и цигарите. Истражувањата кои ги имам читано велат дека никотинот е далеку позависна супстанца од канабисот. Исто така, до 2010 година во Британија имало под 20 смртни случаи каде канабисот бил главниот виновник, додека од алкохол имало починато 6-7 000 лица, и преку 80 000 смртни случаи од цигарите. Па оди, забранувајте го повеќе канабисот, дајте им цигари и алкохол на вашите деца.

Ѓорѓи

– Апсурдноста на забраната за оваа чудесна билка која се повеќе луѓе ја нарекуваат и прифаќаат како лек, а широката употреба и достапност на алкохолот и цигарите, докажани убијци без никакви позитивни ефекти од нивната употреба, се легални, ни дава човечко право и императив да бараме и да се бориме за нејзина легализација не само тука, туку што пошироко.
– Под ова се подразбира и слободата на човекот да носи сопствени одлуки, па ако некои одлучиле да се трујат со цигари, да се горат со алкохол секој ден, кому јас штетам ако користам и одгледувам природно растение без никакви адитиви кои предизвикуваат зависност и ме трујат?

Сандра Витаноска

– Ало луѓе, моментално лежам затвор во ист ќош со убијци, со тешки криминалци, терористи и нај нај лоши луѓе. Лежам за марихуана, а марихуана има во затворот повеќе од леб. Лежам и пушам и се чудам…

Влатко Митев

– Да, бидејки има луѓе кое ништо толку не проучиле колку марихуаната. Поточно пие парацетамол колку сака и кога сака заборавајки дека постојат несакани ефекти сериозни и од него. Како фармацевт најосновно нешто е добро информирање и употреба во граници на нормала!

Александра Аврамова

– Пијана младина секојдневно се тепа по кафани, напушена младина да се тепа досега немам видено!
– И онака ограничените полициски сили, наместо да бркаат “дилери“ со марихуана, ќе можат да се насочат кон реалните проблеми со криминал и тероризам, а затворите нема да се толку полни со невини луѓе кои користеле или дистрибуирале марихуана.
– Се што е од Бог дадено, а е природно треба да биде легално. Бог го дал за добро но поединци го злоупотребуваат, но заради поединци не треба сите ние да немаме пристап до тоа природно растение кое е ЛЕК за НАЈТЕШКИ БОЛЕСТИ!!!

Збратов

Тим ПРОТИВ

– Прво и прво не сум за да се легализира, бидејќи како што не дал господ сите ќе почнеме да го одгледуваме по дворови. Со тоа што нејзината достапност ќе биде поголема и несанкционирана, бројот на корисници и злоупотребувачи ќе се зголеми, а не да се намали. Таков е и случајот со Холандија, информирајте се, од 70-те кога се легализира до сега, како иде процентот на корисници.
– Второ, државата сега ги контролира алкохолот и цигарите, едни од највносните стоки за буџетот на државата преку бандероли и маркици. Ако првиот мој аргумент се покаже вистинит, земја како Македонија ќе нема начин и логистика да го контролира пазарот со канабис, односно од тоа ќе нема никаков или многу незначителен ќар, а попат и сивата економија ќе се развие до нови висини, па преку ден некој ќе работи како лекар, пекар, апотекар, а навечер ќе одгледува и дила канабис, па да видам како ќе му наплаќа пероналец, а ќе живее како Пабло Ескобар.
– И трето, не навлегувам дали лечело од промаја или од рак, меѓутоа користеји ја, односно злоупотребувајќи ја во одреден период од животот, можам да кажам дека, како поединец, индивидуа, стагнираш на сите полиња, особено ако си во младите години, кога треба да градиш иднина и планови за себе. Значи не те стимулира да научиш, да планираш, да се едуцираш, туку те стимулира да дремеш по “гајби“, да џаболебариш и џабе да трошиш воздух. Само уште тоа и треба на оваа држава, кастрирана и незаинтересирана младина, која ќе виси по цели денови по паркови и кејови, а на 25 години ќе ги вработи државата, дирекно од паркот ќе ги земе.

Пепе Долгиот Чорап

– Ја сум против од неколку причини. Еве да речеме дека се легализира. Повторно на тој пазар ќе се јават многу понудувачи кои ќе се борат за што поголем дел од потенцијалните побарувачи. Еден факмак, ќе му текне, на сите ни е природна, дај јас ќе ставам метадон, дијазепам, било какво апче или дрога во мојата, и мојата ќе биде појака, побарана а и поскапа. Потоа, и другите ќе го научат факмаков, па ќе почнат и они да ја трујат со разни прашаци. Муабетот ми е, кој ти гарантира какви штетни супстанци ќе ставаат во марихуаната, и колку ќе биде таа безбедна утре за твоите деца?
– Вака како што е сега е добро, и така треба да остане. Сериозна фармацевстка компанија, под надзор на надлежните да произведува масла, мевлеми и што ти ја знам од тоа ратение и се продава преку строго регулирани прописи и закони по аптеки со претходно издаден рецепт од доктор. Инаку кој ти гарантира што ќе пушиш или пиеш во некое кафуле во Гостивар, или Драчево или Гевгелија, ако газдата сам си ја одгледува како што сака и мисли дека треба? Да не спомнувам дека постојат различни врсти, едни попотентни, други не, детали кои исто така може да направат многу проблем кај корисниците.
– Државата има право да се грижи за своите граѓани и да интервенира, и ако некој сака да си наштети на своето тело и живот, свесно или несвесно, таа реагира. Ако не беше така, тогаш немаше да пробува да спасува самоубијци, токсикологија ќе ја затвореа, сите дроги ќе ги легализира, па секој нека тера како што му сече паметот. Ама затоа немојте да реагирате кога треба да се спаси нечиј живот од нешто што индивидуата сама си го сторила на себе или кога требала да го превенира тоа. Испил солна киселина, остави го. Сакал да се вози без појас, нека тера. Сакал слобода врз своето тело, ете му…

Зоран Ѓ.

– Сите наркомани кои сум ги сретнала во животот, дел од нив сум ги прашала сама, дел сами ми кажале дека патот до очајот во кои се нашле го почнале со ова „лековито“ растение, кое нели, не е штетно. Како може употреба на растение кое ти ја менува психичката состојба на определен период и предизвикува зависност да е добро?

Трајака Еленова

– Луѓето кои користат марихуана се поподложни на лоши влијанија и девијантно однесување, па преминувањето на потешки дроги е голема веројатност. Реално, може да се дебатира за марихуаната колку е штетна или не е, не сум толку конзервативен, меѓутоа неможеме да дебатираме за истото околу хероинот, коканиот, екстази и какви не други дроги. Тие сериозно ќе ти ја земат мерката и на здравјето на тој што ги употребува и цели семејства ќе повлечат со нив во бездна.
– А откако ќе се навлечат на потешки дроги, многу е повероватно и да се наклонат кон криминал за да го финансираат тој скап спорт. Па откако ќе ги испозатворат, државата ќе треба да троши пари на бенефиции, социјално, рехабилитации итн. А се можело да се превенира, со тоа што немало да се легализира марихуаната и да се отвори вратата за поголем наплив на криминал и последиците од третманот на тие луѓе. За ова постојат истраени истажувања од корисници на тешки дроги и тука неможе никој да противречи.

Миле Контра

– Луѓе, доста со овие глупости. Има истражувања кои покажуваат дека канабисот може да предизвика бројни физички и ментални проблеми. Како и се што се пуши, може да предизвика респираторни проблеми, повисок притисок или да предизвика стерилност.
– Исто така, никој кој пробал, неможе да негира дека многу лесно може да предизвика и состојба на ментална нестабилност или психоза. Знае да предизвика и умор, откако ќе помине дејството, дури и депресија и параноја, да влијае на краткорочната меморија (да не паметите што се случувало додека сте биле хај), и да влијае на хормоналниот баланс во телото. Ова е само дел од последиците кои ги предизвикува, гугл ви е тука ако мене не ми верувате.
– А за да не си играте Баба Рада, сами да си го спремате лекот, на пазарот постојат и синтетички лекови кои се на база на ТХЦ-то, главната состојка која се смета дека е лековита, во САД ан пример може да се најде под името Маринол, каде знаеш што пиеш, колку треба да пиеш и за што пиеш. Кој знае кога ќе направи цигара колку ТХЦ или некоја друга состојка има во тоа што го смотал и каков ефект ќе има врз неговото тело? Дилерот од Чаир ли ви кажува, еве ова за глава, ова за камен во бубрег, ова за склероза… Дајте сериозно да говориме, ако се легализира, 90% од корисниците ќе го злоупотребуваат, а оние на кои им треба за лечење, како и досега ќе си го купуваат од аптеки, а не од уличари.

Пандов

(470)

Тим ЗА 93%
 
 
Тим ПРОТИВ 6%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари