| 18.11.2016.НА ТЕФЕРИЧ
Ќе успее ли стратегијата на СДСМ да привлече албански гласови на следните избори?

Созреа ли времето во Македонија да има граѓански/народни партии каде ќе има членови од различни етникуми, кои ќе се натпреваруваат со програма насочена кон ѓраѓанинот, а не кон неговиот етнички бекграунд? Оправдан ли е ставот на челникот на ДУИ – Али Ахмети дека СДСМ нема право на албанските гласови или се работи за страв и паника? Доаѓаат ли нови, понапредни демократски времиња во Македонија?

Дали со поставувањето на албанци во највисоките тела на СДСМ, оваа партија се обидува да ги приближи своите ставови и понуди кон албанското гласачко тело по природен пат, кршејќи го мразот за мултиетничка, ѓраѓанска партија како природен тек на политичките состојби во Македонија и ако е така, зошто своите политички понуди не ги насочи и кон другите етнички заедници во земјата, или можеби тоа е изнудена стратегија избавена од внатрепартиските анкети, кои покажуваат дека единствен начин да се порази ВМРО-ДПМНЕ на предстојните парламентарни избори е да се тргне кон нетрадиционалните гласачи на СДСМ, во конкретниов случај ѓраѓаните со албанско потекло во Македонија како втора најбројна етничка заедница?

Дали ја поддржувате сегашната стратегија или не, и зошто? Ќе биде ли успешна на денот на изборите или да им се удри од глава?

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали е реално да се очекува ВМРО ДПМНЕ да освои најмалку 63 пратеника на следните избори? Кликнете овде!

Тим ЗА

– СДСМ со повикот до албанците и другите етнички заедници да му се придружат на следните избори, всушност ги повика заедно сите да се бориме за слобода и подобар живот. Повикот е во ред, за секој нормален човек. Затоа сметам дека албанците кои пристапија на оваа коалиција не се црни овци кои ќе доживеат притисок во својата средина дека се покориле и ќе има повик од албанските партии да не им се придружуваат.
– Всушност треба да им се создаде страв за оние кои го напуштиле “стадото“. Тоа посебно се однесува за албанскиот менталитет кој цврсто ги почитуваат правилата, држејќи се едни за други… Оние кои ќе се оддалечат и ќе одлучат да бидат поинакви од другите се соочуваат со психолошкиот феномен – фашизам. Но оние прогресивни албанци кои сакаат да го менуваат овој свет и светото околу себе се јасни со нивната порака – “Го работам она што е подобро за мене и за моите деца“. Тоа е храбра порака и единствена ако сакаме да градиме граѓанска држава и да ги промениме работите во државата во интерес на народот.

Љупчо Лазов

– Уште во 1991 година, кога се регистрираа првите политички партии во Македонија, бев револтирана од ставот дека се дозволува регистрирање на етнички партии, што во самиот старт на нашата држава се озаконува национализмот… не смееше тоа да се дозволи!
– Ова е прв пат после цели 25 години правилно да се дефинира улогата на една политичка партија која ќе вклучи членство на основа на идејнополитичка припадност без разлика на националната припадност на граѓаните. Сметам дека премногу време и грешки требаше да се направат за да конечно се свати дека политичките партии треба да се идеолошки определени, а не според националната припадност…

Нада Димитриева

– Заев убаво кажа. Немора да коалицира со албански партии за да состави влада бидејќи има албанци во својата партија. Нема да мора да има вработувања на етничка основа, ако се исполнуваат условите да, ако не се исполнуваат, тогаш не.
– Заев не рече дека ќе има двојазичност, туку дека на целата територија кој сака може да учи албански или друг јазик. Ако некој албанец дојде во Источна Македонија и има инстуционален проблем, тогаш институциите ќе му се обратат на албански, односно лице што знае албански, доколку барателот незнае македонски. Впрочем, ова е во Уставот и ништо повеќе.

Тони Младеновски

– Давањето глас и подршка за одредена политичка опција се заснова врз верувањето во таа опција, нејзините стратегија и план за подобрување на општествениот живот. Секоја индивидуа има право да одлучи самостојно, преку која политичка опција ќе биде испорачан пакет на мерки преку кои ќе добие поквалитетен живот. Етничката припадност воопшто не е важна. Република Македонија е мултинационално демократско граѓанско општество, не е збир од племенски заедници, па одовде ДУИ не смее да ги третира Албанците како припадници на некое гето кои немаат право да размислуваат со своја глава.
– На претседателските избори во 2009-та Имер Селмани доби 150 000 гласови од кои повеќе од 100 000 гласови не беа од етнички Албанци. Никој политичар не ги нападна гласачите од својот етникум дека гласале за Албанец. На листите на СДСМ има етнички Албанци и истите се одлично прифатени од припадниците на останатите етникуми. ДУИ во недостаток на политичка понуда, и соочена со моментот на одговорност за подршката на погубните политики на ДПМНЕ, настапува со очајна националистичка реторика. Забораваат дека е 21-ви век.
– Државата е во тешка политичка и економска криза. Причината за таа криза е клиентелизмот и организираниот криминал од врвот на власта. Преку политичките бомби се обелодени еден монструозен процес на злупотреба на институциите и уништување на демократијата. Жртви на тој ситем беа сите граѓани. Заев го обелодени тој систем. Заев прв ја извади платформата за пишување на заедничка програма, во тој проект учествуваа претставници на сите етникуми, сите заедно ја исцртаа иднината. Во својот тим Заев ангажира и Албанци. Одовде, има легитимет да бара подршка и од албанците. И ДА, ќе добие огромна подршка!

Ване Цветанов

– Се зависи од тоа каква визија има човек за организација на општеството, која и произлегува, но и натаму ги дефинира вредностите во општеството. Ако се залагаме за граѓанско општество во кое владее правото и се почитуваат човекови права и основни слободи, тогаш секако дека не само што е непотребна, туку е и целосно бесмислена поделбата по етничка линија. Во светлина на тоа, секако дека политичките партии треба да ги искажуваат стремежите на граѓаните, и да ги привлечат сите кои ја делат идеолошката платформа. Со тоа кажано, не само што е исправно, туку е и нужно да се вклучат граѓани од сите етникуми.
– Времето за граѓанска партија не доаѓа само по себе, ниту пак околностите созреваат сами по себе за оформување широка општествена платофрма за развој на општеството. Граѓаните се главни двигатели на општествените промени, секој поединечно и сите заедно. Сите напори, секако, доколку главната цел е граѓанско општество со граѓански вредности, треба да се вложат во дефинирање на такви патеки на развојот. Во тој контекст, тврдењето на Али Ахмети дека некој немал права на албански гласови е бесмислено, и е воедно најава за прекршување на основни човекови права и слободи. Колективно гласање не е слободно гласање!
– СДСМ, како и секоја политичка партија, има обврска да ги приближи своите ставови, гледишта, вредности, визии и програми до сите граѓани, без оглед на етничката припадност. Колку е поголем бројот на граѓани што се придружуваат кон политички партии кои, условно кажано, носат друг етнички предзнак, толку повеќе се губи важноста на етничкиот предзнак и се засилува граѓанската димензија на организирање на општеството, која е единствената што може да понуди рамноправност, правичност и еднаквост за сите. Национализмот НЕ МОЖЕ да биде идеологија. Тоа е основата од која идеологии се можни.

Лазар Попов

– Али Ахмети нема никакво право да каже за кого да гласаат албанците. Тој лично се покажа колку се залага за албанците во Македонија. Албанците во Македонија се доволно зрели да ја казнат анти-албанската политика кои ја водат вмро – дуи и треба да ги казнат на изборите на 11.12. со масовна подршка на коалицијата на цело со СДСМ. Тука се граѓани со чисти мисли за Македонија, за земја со македонци, албанци, турци, роми, срби и власи со еднакви права.
– СДСМ на чело со Заев направи вистински чекори кои требаше одамна да се направат, и кај нив нема само албанци, туку ги има од сите етникуми, има представници и од граѓанскиот сектор, го има и Мухамед Зекири кој како новинар секогаш бил објективен и ја кажувал вистината, тука е и Павле Богоевски, најголем борец до сега од невладиниот сектор кој храбро се бореше против овој режим. Ова ќе биде успешен проект на СДСМ, да живее Република Македонија, слободна Македонија на сите граѓани, а не на криминалната власт…

Исмаил Малиќи Ицко

– Албанците немаат подобра опција бидејки не се задоволни ниту од ДУИ ниту од ДПА
– Заев им е симпатичен бидејки ги пушти бомбите и го откри криминалот и соучеството во криминалите на ДУИ и ДПА
– Примамлива им е идеата за федерализација и двојазичност

Јасмина

– Идејното решение претставува налистички пристап кон решавање на проблематиките на етнонационалните прашања. Со оглед дека РМ е мултикултурна, но и воедно мултинационална држава, истата треба да пристапи кон регулирање или преформулирање на државата од етнонационална во граѓанско национална. Граѓанинот пред се и над се. На вака формулирана држава нација, а не нација држава, би добиле и еден нов пристап и кон останатите облжја на етностот, како што е религијата, која всушност претставува темелот на етнонационализмот.

Боби

– Заедништвото е особеност на развиениот интелект на една нација која е визит карта за успех.
– Бев наставник во 90/97години во Челопек, Милетино, Блаце, и во Урвич и Јеловјане. Бев најасаланата наставничка во албанските паралелки и го учеа македонскиот јазик со почит, одеа на натпревари и твореа на литер. конкурси затоа што се почитувавме. И тогаш како и денес тврдам дека само заедно ќе бидеме демократи и ќе ја разубавиме земјава со најубави бои на морални и традиционални вредности. Иако од Делчево, сепак за нив бев човек кој ги учи на етички јазични стандарди.

Марихуана Наставничка

Тим ПРОТИВ

– Абе и да привлече и да не привлече, тие се реално петнаесет проценти ако нивните гласови донесат сдсмовски пратеници, ќе се намали бројот на албанските пратеници што е ирелевантно за бројот на македонските пратеници, односно за вмро и неговата 63-ка.

Кирил Атанасовски

– Не сум против, но ако албанците се искрени во сдсм дека стварно сакаат и албанците да ги привлечат, прво и најбитно да се дистанцираат од политиките на сдсм од 90-тите и јавно да им се извинат на албанците за полициските акции по градови и села кои ги извршиле и каде имало ранети и убиени! Да се извинат за акцијата кога се формираше Тетовскиот универзитет. И дали се спремни да има уставни промени каде што во уставот не се споменуваат како втор народ во државата, него се споменуваат како процент!! Ако се спремни на овие минимум промени, тогаш можеби ќе имаат подршка, се друго е губење на време и декор пред албанците.

Екрем Желина Муареми

– Дали ова значи дека македонските гласови на сдсм му се сигурни па сака малку да појача со албански… На кој талент му текна оваа стратегија??? Да правеше граѓански концепт во деведесетите имаше логика… а и 2001-ва не ќе беше воена година…. сега личи на обид самиот себе да се победи… Но, добро е, со ова сдсм признава дека ја утна начисто целата прва деценија од самостојна Македонија… тоа треба да си го признаат пред народот и тој ќе им прости. Вака, да се продава како некоја нова идеа, а да се заборави тепањето и потсмевањето на тогаш албанското малцинство… не го бива.

Љупчо Бујароски

– Нема да успее. За жал, зошто идеата е одлична. Нема да успее зошто е неадекватен концептот со реалноста. Од осамосојувањето, кога пропадна идеата за братство единство, во Македонија не е воспоставен вистински граѓански концепт. Албанскиот национализам како и македонскиот се појавија и доведоа до сегашнава состојба на повеќе планови на општествениот живот. Кога се сака спроведување на граѓански концепт не се инсистира на освојување гласови на етничка основа. Како да се постигне примена на ваков концепт кога државата се подлабоко се дели по национална основа, а во одредени непромислени изјави за двојазичност се создава додатна конфузија.
– Од 2001-ва постепено освојува албанскиот национализам благодарение на попусливоста на македонските политичари и на притисокот однадвор врз македонскиот идентитет преку наметнувањето на прашањето за името на државата. Западна Македонија веќе е под доминација на албанските политики, благодарение на територијалната поделба. Македонија де факто е поделена територија. Затварање очи пред овој факт води само кон федерализација. Десет години наназад оваа тенденција постепено води до и де јуре поделба на земјата. Зар не е видливо дека оваа намера ја потврдува и поделбата на десниот опозициски блок?
– Георгиевски со Бошковски и со Ангелов. На кој начин мисли Заев да го поправи она што дваесет и пет години е расипувано? Шминка и козметика не помага, потребна е операција ако е воопшто можно да биде пациентот опериран. А потребен е и хирург. Потребна е и трансфузија. Го гледам парадирањето на политичариве македонски по амбасадата на САД, Се прашувам на кое ниво функционираат амбасадите? На институционално ниво или на ниво на политичари?!

Емили Дикинсон

– Сдсм ќе изгуби и од своите гласачи со листите што ги стокми а не пак да добие албански гласови…. Како што играат овој пат ќе изгубат уште поубедливо од 2014 така да 63-те пратеници што ги бара вмро се сосема реални…

Звонко Димоски

– Секако дека СДСМ на ова предизборие се покажа за поотворена, граѓанска, мултиетничка партија, но сепак правата кои им ги нуди СДСМ на Албанците се далеку од тие што Албанците ги бараат. Главно овие понудени права имаат врска со употребата на јазикот, но и тука не е тоа што го бараат Албанците, бидејќи Албанците бараат потполно официјален статус на албанскиот јазик, а СДСМ нуди само практично имплементирање на сегашните правила за користење на јазикот, кои неретко се многу чудни и смешни: нпр. може на Собрание да се збори албански но не и да се водат седници, и слични полу-решенија.
– Колективната меморија на Албанците: во време кога на власт била СДСМ врз Албанците се случиле неколку настани кои будат ден денес лоши спомени кај нив, главно случаи на полициска бруталност која некогаш завршила фатално: Бит Пазар (1992), убивање на еден албански протестант на протести за отворање на Државниот Универзитет во Тетово (1994), и полициската бруталност во Гостивар (1997). Иако мислам дека Заев побара извинување од Албанците за минатото на СДСМ, сепак голем број на Албанците продолжуваат со сомнение да гледаат и кон сегашното раководство на СДСМ.
– СДСМ не нуди решенија на проблеми кои се специфични за Албанците, како што е дискриминацијата во поделбата на буџетот, дискриминацијата во привлекувањето странски инвестиции во области населени со мнозинство Албанци, итн. Ќе додадам уште еден пример, од областа на образованието; иако Едмонд Адеми во една телевизиска дебата рекол дека проблемите со кои се соочува еден Македонски учител и еден Албански учител се исти, ова е точно но не потполно точно; бидејќи, на пример, еден Македонски учител не се соочува со класови со огромен број ученици со кои често се соочуваат учителите Албанци.

Рилинд Даути

– Причина за моето не лежи во фактот што тоа што го нуди СДСМ е понуда која Албанците ја имаат од неколкуте Албански партии.
– Втората причина за моето не е во тоа што СДСМ не се обраќа на граѓаните Албаци туку на ЕТНИКУМОТ Албанци а СДСМ зборува за нови демократски ветришта

Јордан Петровски

– Нема да постигнат ништо спектакуларно на следните избори, па и во изборните едници каде што има мнозинство албански гласачи, од причина што не нудат никаква конкретна програма и концепт, или некоја новина за албанците, сите тие ветувања за двојазиност и незнам што веке Ахмети ги млати на сите 10 претходни избори и неверувам дека играјќи на таа националистичка карта ќе им упали да присоберат којзнае колку многу гласови, напротив ќе изгубат од македонските гласачи.
– Како второ, кои се тие видни интелектуалци албанци кои немаат багаж кои ги поставија на листите? Освен Мухамед Зекири јас не познавам никој друг, а тој не е ниту интелектуалец за мене, а веројатно не е ни без багаж. Ако претендираш да освоиш значителен дел од албанските гласови во земјава, си можел барем да ставиш минимум 5 етнички албанци на листите во петата и шестата И.Е. и тоа меѓу првите 5 места, па да одиш да бараш гласови од нив.
– Тотално промашена стратегија според мене, наместо да ги нагласеа “бомбите“ како свој адут и оштрица со која ќе тргнеа против вмро, тие ги ставија во втор план, и дадоа некоја сосема неочекувана политика за незнам каква интеграцја на албанците во земјава, а токму “бомбите“ беа тие што го мобилизираа голем дел од народот по улиците. Глатка победа на вмро за жал, бидејќи сдсм има се од кадар уназад 10 години, само немаат искусни и мудри PR стратези кои знаат на што да се стави акцент и како да се представи тоа во јавноста и да повлече реакција.

Диме

(715)

Тим ЗА 84%
 
 
Тим ПРОТИВ 16%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
    1. Го подржувам ставот но и сѕтатегијата наСДСМ за двпјазиќноста зошто ја сфаќам како МОСТ а не лако нариера Албанците учат на својот јсзил во основно и средно образование Потоа на факултет избираат своја професија.Силата и споспбноста е во начинот и пристапот како тоа да го пренесе.Јазикот отворената порта кон успешно завршената работа.Не е понижување ако го научиш јазикот на соседот.
      ( Наставник 2016-11-19 16:07:20 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)
    2. Целосно го подржувам пристапот,планот и стратегијата во образовниот процес во СДСМ. Многу дискутабилен е проектот на Вмро-Дпмне кој веќебтрета година се спроведува како Меѓуетничкаби нтеграција која соте ја внесуваме во настсвните планови и програми со која се дава акцентот на еднаквоста во примената на јазикот културста и птавата во општрството.Целта беше воведување на албанскиот јазик како избо
      ( Наставник 2016-11-19 15:56:44 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)