| 02.11.2016.НА ТЕФЕРИЧ
Повеќе е подобро? Имаме ли квалитетно високо образование?

Бројот на државни и приватни универзитети во Македонија надмина над 20, додека само оваа година се отворија уште два државни универзитети во Скопје. Според заводот за статистика, за академската 2015/2016 година, во Македонија има 126 факултети, запишани 58 896 студенти во прва година и бројот на професорите изнесува 2 716.

Дали Македонија реално има потреба од толку факултети, и дали се на сите нив исполнети квотите? Дали зголемениот број на универзитети, државни и приватни нудат квалитетно и релевантно образование? Каква слика дава македнското високо образование кон светот, дали професорскиот кадар е на висина на задачата или е уште едно работно место повеќе за заслужни партиски членови? Какво знаење добиваат македонските студенти на факултетите во Македонија и колку им вреди дипломата? Има ли реална потреба од толкав број на универзитети или ова е обид за да се измени некаков однос на силите во политички смисол?

Има ли во Македонија доволен број на квалитетен професорски кадар, погоден за да го пренесува своето знаење на студентите или бројот е ограничен и поради зголемениот број на универзитети квалитетот на образованието ќе опадне и ќе има контраефект?

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Дали ќе успее стратегијата на СДСМ за овие парламентарни избори да привлече значителен број на гласови од албанската заедница во земјава? Кликнете овде!

Тим ЗА

– Секако дека имаме квалитетно високо образование. Да, може некои од вас да го говорат спротивното но за мотивите ваши не сакам да разговарам. Можеби има многу студенти кои се запишуваат секоја година на факултетите, и сосема природно е голем дел од нив да бидат просечни студенти и ништо повеќе. Но факт е дека, исто така секоја година искачаат мал број, но квалитетни академски граѓани кои просто ќе ве запрепастат со својата зрелост, знаење и генијалност. Таквите кадри кои несомнено ги продуцира оваа држава утре ќе бидат водечки научници, архитеткти, информатичари и слично.
– И да, нема сите да останат во Македонија, повеќето ќе отидат и ќе работат во странство. Тоа не е затоа што во Македонија е се корумпирано, они и тука ќе најдат понуди за работа, меѓутоа одат во странство бидејќи знаат дека уште повеќе ќе се усоврашат, ќе ги прошират своите хоризонти, имаат поголемо поле за докажување и секако имаат и поголема шанса за да добијат признанија за своја лична сатисфакција. Нормално, во ова ирга улога и финансиската корист која е поголема во однос на онаа во Македонија која би ја добиле.
– И последно, тоа што Македонија нема големи брендови и компании од одредени истражувачко-научни области, гиганти од автомобилска, технолошка, медицинска или информатичка област каде овие надарени студенти би го добиле сето она што го набројав погоре по завршувањето на студиите, не значи дека треба да застанеме во развојот на образованието и нудењето на можности за образование и студии на заинтересираните студенти во области кои реално ги нема во Македонија. Оттука, добро е да има повеќе факултети од разноврсни области и да се поддржи таква стратегија.

Драган

– Факт е дека нема доволно места за упис на УКИМ и дека е неопходно да им се даде шанса на сите студенти наместо да одат да студираат во соседните земји тоа да го направат дома. Условите за акредитација треба да бидат строги како и условите за прием на наставниот професорскиот кадар.
– Монополот кој владееше со години, мора да се укине и секој да добие шанса.
– Строга контрола над работата и подобрување на условите за студирање.

Вики

– На крај ќе одлучат работодавачите. Пред вработување се дава тест работна задача и најдобро ќе се види кој вреди, а кој не вреди, кој купил диплома и кој имал врски во УКИМ и кој вреди без разлика каде завршил.

Петре Стефановски

– Сите велат дека нашите млади дипломирани оделе во странство. Сите лекари, инженери веднаш се вработија во еминентни фирми. Да заклучам, светот бара квалитет, а ние имаме одлични инженери и лекари, за другите незнам, ама овие факултети се високо ценети дефинитивно…

Соња Столеска

– Високото образование е добро во Македонија, но секако дека може и подобро. Добро знаеме дека квантитетот не произведува квалитет, но исто така и не значи дека помалку универзитети ќе значат повеќе квалитет. Капиталистичката поставеност на пазарот, односно понудата и побарувачката ќе се пребијат и некои универзитети, државни или приватни ќе згаснат, некои ќе опстојат. Кадарот е тој кој го имаме на располагање, и освен личниот квалитет на професорите, за кои верувам дека се квалитетни и имаат знаење, голема улога играат и студиските програми и материјали. Со ова сакам да кажам дека дури и ако ете таков некој професор се погоди со купена диплома, полуписмен, не значи дека ништо нема да ве научи, бидејќи на крајот од денот вие учите од стручна литература а не од личните знаења и искуства на професорот. Тој професор со тек на време ќе има се помалку работа и еден ден ќе остане без студенти, а оној на кој му се учи ќе си научи на еден или на друг начин.
– Дисперзираните студии кои ги отворија по другите градови не ги отворија заради незнам какви лични, политички интереси. Ги отворија заради практични причини. Да речеме дека незнам, на правниот факултет во Скопје секоја година имало по 600 нови студенти. Во просек 150 од нив секоја година биле од Источна Македонија. Логично е да се отвори дисперзирани студии во Штип за правен факултет. Трошоците на овие студенти ќе се намалат, можат почесто и поредовно да присуствуваат на предавањата. Исто така, незначи дека сите генијални професори, односно доктори на науки во Македонија живеат во Скопје и предаваат само на УКИМ. Да, можеби е најеминентен во државава ако може така да се нарече, меѓутоа има многу брилијантни професори и на други факултети и универзитети. Тоа што не се вработиле во Скопје, не значи дека не ги бива. Исто така, ако не се лажам баш на тие дисперзирани студии, професори од Скопје доаѓаат да ги држат предавањата на некои од тие факултети, па наместо студентот да иде во Скопје за предавања, професорот доаѓа.
– Околу купување на дипломите, академските титули, и така натаму на приватните универзитети, еве го моето мислење. Универзитетот е бизнис, исто како и приватни болници, градинки и што ли веќе не. Во интерес на сопственикот на универзитетот е да дава квалитетна услуга. Само така може да му се гарантира опстанок и раст на бизнисот! Ако тој газда вработи полуписмени, пијаници и меланхолични професори кои имаат негативно влијание на неговиот БИЗНИС, ќе ги избрка од работа и на нивно место ќе вработи поквалитетен кадар. А тој поквалитетен кадар ќе го привлече со нудење подобри услови и поголеми плати. Така да, тој што не го бива за професор нема да успее, оној што го бива ќе го бараат насекаде. И затоа нема причина да се тврди дека приватните се неквалитетни, а државните се топ.

Теодора

– Се надевам дека некој ќе ја спомне флоскулата дека „сега сите станаа магистри и доктори на науки“. Можеби е така, меѓутоа човек учи додека е жив, па така оние кои си ги купиле дипломите утре нема да ги прими никој на работа, или ако ги прими ќе ги прочита брзо колку вредат. Така да, никаде не пишува дека човекот ќе работи цел живот она за што ќе се определи да студира од 18 до 25 години. Не, кога таквите ќе си останат без работа, тие ќе се вратат на полето, или ќе си научат занает. Должност на државата е да ствара услови подеднакво за сите, и за тие што немаат голем потенцијал и за тие што имаат. Понатаму животот ќе ги распредели оние со заслужените дипломи од оние со купените и тука да не се лажете…

Џоунс

Тим ПРОТИВ

– Образованието прво треба да биде квалитетно што значи да се ориентира кон препознавање на таленти, а потоа и разновидно за сите да си го најдат своето место… Професорот треба да е докажан со дела и креативност, а не со дипломи и титули… Платите треба да им ги даваат според бројот на ученици… Државното образование робува на бесполезни закони и прописи кои само го зголемуваат неквалитетот што подолго време го има…

Сузана Илиевска Арсовска

– Абе треба и тука во Македонија како и во Албанија што направија кога затворија 90 факултети. Еве ви еден пример дека имаме премногу факултети, а со тоа и се губи и на квалитетот на образованието: Во Грција на 10 милиони жители има три правни факултети, во Македонија на 2 милиони жители има 10 правни факултети.

С. Миле

– Кога ќе видам деца кои ги познавам (со 2-ки и единици во училиште, со ниту една прочитана книга ама затоа дотерани по последна мода, со фејк наочари, кармини, штикли, не знае да прочита краток текст, ама рацете во кафана дигнати, махери да скршат училишен инвентар, без никаква култура), сите тие се запишани на факултет, редовно земаат испити, дури и просек имаат. И замислете тие исти деца еден ден ќе бидат наставници, преведувачи, економисти, доктори. Како??? Е па како, тие факултети мора да се полнат со студенти… квалитет нема, битна е бројката.
– Како може генерација од 70 деца, 65 да бидат запишани на факултет? Аргументи има многу, тие што ја водат државата треба да стават прст на чело и да се подзамислат. Неписмени дечки стануваат магистри (Факултетите наши се претворени во печатница на дипломи).

Магистра

– Ако и на дрвото се остави повеќе род, тогаш плодовите ќе бидат мали и неквалитетни биделќи не ќе може да го прехрани и побргу ќе се исуши.
– Базата односно квалитетот на средното образование е послаб. Соодветно на тоа на факултетите се запишуваат послаби ученици и на некаков начин се стекнуваат со дипломи без соодветно знаење. Конкуренцијата се сведе на тоа да се делат дипломи без знаење.
– Квалитетот се гледа во тоа што на огласи во приватни фирми не се јавуваат, туку само партиски се примаат по државни институции и јавни претпријатија. Да не споменам дека многу мал број од нив започнуваат сопствен бизнис соодветен на нивните дипломи.

Ајтов2001

– Хиперпродукцијата на непотребни дипломирани студенти ќе ги демотивира истите да извршуваат работа што е под нивната факултетска струка, иако нема толку работни места за дотичната струка. Како второ, вистинските квалитетни студенти се во сенка од големиот квантитет. И трето, еден од најисплатливите бизниси задњиве години е отворање на факултет.

Миралем

– Опрема: наместо Паметни табли во нашите факултети нема ниту простор ниту обични табли.
– Реформа: значи подобрување на онаа што сме ја имале дотогаш. Промена не само на содржината на програмата, туку и од она што се очекува од студентот. Знаењата кои ги стекнува студентот мора да бидат функционални и применливи. Под применливост се подразбира увежбаност на знаењата. Да се науат студентите како да учат, какви стратегии да имаат, извори на информации, како да се најде одреден податок. Ако реформата напишана на хартија неможе да се стави во функција (што е случај со нашите универзитети) таа реформа е џабе донесена или е донесена со некои други цели, а не да се подобри образовниот систем.
– Кадар: Во сите добри факултети предлог-реформите ги изготвуваат професори од дотичните факултети, затоа што они е ги операционализирааат. Затоа е важно да се има квалитетен професорски кадар и истиот да биде почитуван и користен.

Љупчо

– Квантитетот не е никогаш одраз на квалитетот.
– Од образованието се создаде бизнис сфера, место едукативна единица факултети станаа конкуренти еден на друг кои со многу маркетинг алатки (и пониски критериуми) се дрзнаа да се натпреваруваат за приграбување студенти.
– Партизација (не велам политикација) на професорите кои место морални и образовни критериуми да задржат се приклонуваат кон партиските им гуруа.

Климент

– Поголем квантитет би требало да значи и поголема конкуренција, но во нашава држава е и нелојална, поради што се губи квалитетот. Со отворањето на нови факултети, се соочуваме со опортунитетен трошок кој се однесува на вложување во постоечките кои имаат традиција и искуство, поради што бројот на запишани студенти на новоформираните факултети и универзитети може да се зголеми, а за сметка на тоа на постарите да се намали. Пример е Битолскиот универзитет, каде бројот на запишани студенти покажува тенденција на намалување од година во година.
– Покрај влошениот квалитет на понуда, имаме и полош квалитет на побарувачка. Како студент од 21 година, се повеќе воочувам дека незаинтересираноста од генерација во генерација се зголемува – ем се намалува бројот на студенти, ем најголем дел од нив избираат предмети кои лесно ќе ги положат, макар и да не се поврзани со нивните аспирации за кариера. Истовремено, многумина се плашат да згрешат, па не кажуваат мислење – исто така, има доста професори кои не бараат мислење, најверојатно затоа што и самите не размислувале на таа тема. На нивна сметка, добрите професори паѓаат во сенка.
– Невработеноста на дипломираните студенти наспрема вработувањето со купени дипломи, создаваат состојба на асиметрични информации на пазарот на труд. Ова може значително да ги демотивира трудољубивите студенти да учат. Критериумите паѓаат: некои професори кажуваат потенцијални прашања пред испит, го намалуваат бројот на истите и сл. Со ова практично несвесно им велат на студентите – „ти тоа сам не можеш да го постигнеш“, а со тоа се потиснува независниот напор. Воедно, лошиот концепт на полагање може да придонесе кон нагонот за препишување, дури и кај солидните студенти.

Незадоволна121

(268)

Тим ЗА 40%
 
 
Тим ПРОТИВ 60%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
    1. Најнапред се фалевме со мултиплицирање на факултетите,кои ги сместивме во секое село!Потоа се фалевме со бројот на запишани средношколци на факултетите (околу 98%)!Се фалевме и со бесплатни учебници,Болоњскиот систем на препишување,со бројот на приватните факултети…со сето она од што умниот се срамува!
      ( Анонимен 2016-11-07 09:15:21 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)
    2. Se gubi kvalitetot definitivno i plus uste edna rabota nekoj vo pozitivnite komentari spomna tie sto gi kupile diplomite kade ke odat nikoj nema da gi primi. E tuka vi e greskata site so kupeni diplomi se vrabotija vo drzavni instituciii i takviot kadar denes ni ja vodi drzavata. Privatnite firmi da biraaat kogo vrabotuvaat no drzavata??? Taa prvo vrabotuva nepismeni a tie podocna kupuvaat diplomi
      ( Анонимен 2016-11-06 09:29:16 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)