| 31.08.2016.НА ТЕФЕРИЧ
Идните пратеници во Собранието на Р.М. да мораат да исполнуваат одредени услови?

Дали сметате дека сегашните и претходните состави на Собранието на Р.М. се или биле профили на луѓе и личности кои ги бранеле адекватно интересите на заедниците од кои се избрани и државните интереси? Дали ви пречи недоличното однесување понекогаш на пратениците или сметате дека тоа е нормално во Македонија?

Дали е во ред секој граѓанин да може да стане пратеник според сега пропишаните услови? Дали е во ред млади луѓе со недоволно животно искуство да носат одлуки во име на сите граѓани на земјата, или сепак треба да се постави некоја минимална возрасна граница од 30+? Дали ви пречи фактот што некои пратеници во сегашниот и претходните состави се осудувани со казни затвор или со условни казни, или сметате дека тоа не влијае на работата на претендентот за пратеник?

Што е со идните кандидати за пратеници и оние сегашните кои доколку направат тестови од општа култура и психички тестови не би ги поминале, дали сметате дека и вакви тестови би требало да станат критериум при тоа кој може да се кандидира? Дали ваква една дискриминација би била оправдана во специфичниот наш случај или не?

Во прилог дел од аргументите кои ги дадоа некои од дебатерите, а Вие ја имате можноста да поддржите некој од тимовите кои сметате дека е во право, давајќи го вашиот глас за некој од нив веднаш под објавените аргументи или да го оставите својот аргумент во вид на коментар под дебатата. Гласањето, односно можноста за давање на поддршка на некој од тимовите трае се до објавувањето на наредната дебата. Секој посетител може да гласа само еднаш!

Доколку сакате да земете учество на наредната дебата на тема: Брзата храна и децата? Задолжително воведување на мензи во основните училишта под надзор на вработен нутриционист? Кликнете овде!

Тим ЗА

– Старосната граница треба да биде лимитирана на 18 години.
– Потврда за неосудуваност и би додал за лица за кои се водат истраги. За ова се потребни законски измени.
– Тестот за општа култура и психолошки тест треба да го полагаат пред да бидат ставени на кандидатската листа.

Боби Илиевски

– Задолжителна старосна граница, 30+ најмалку, да бидеме сигурни дека идните пратеници имаат одредено животно искуство.
– Задолжително високо образование или најмалку 20 години работно искуство во некоја област.
– Задолжителна проверка дали имаат го прекршено кривичниот законик.

Владо Ангеловски

– Поддржувам една ваква иницијатива, и се согласувам со сите предлози од темава. Не е во ред мене да ме фаќа срам кога некои луѓе кои се представуваат како фамилијарни, вакви, онакви почнуваат демек да “рапуваат“ со одвратни гестови, други да имаат лежено затвор ама затоа немаат пропуштено ниту еден состав на Собранието и држат цела населба под мал прст, трети само што завршиле средно школо носат закони во мое име.
– Вака срочено, да, звучи грубо и дискриминаторски, меѓутоа во ненормална држава потребни се ненормални резови и одлуки за да се доведеме на прав пат. Не само за пратениците, туку во сите сфери на општеството. Наречете ги вонредни условите или какви било, треба учени луѓе и докажани во своето поле да ни ја водат државата на одреден период, без партии, политики, и подметнувања. За да не биде…
– За писменоста и познавањата на некои од кандидатите, пратениците, несакам ни да размислувам. Половина од нив сметам дека ќе паднат на тест за општа култура. Додека за младите и неискусните пратеници, ако некој се загрижил дека и “младите“ треба да имаат свои представници, прво сегашниве не се представници на младите, туку на партиите кои ги предложиле, и второ, секое младинско, студентско тело, огранизација на млади има право и сега ако не се лажам да поднесе во парламентот барање за обраќање доколку се разгледува некој закон или прашање кое ги тангира нив.

Били д Кид

– Составот на Парламентот треба да го отсликува народот- неговиот состав и потреби.
– Парламентот мора да биде составен од исклучителни поединци.
– Секој член Парламентот да мора да даде барем еден аргумент зошто гласал за одреден закон, без да ги знае аргументите дадени од другите пратеници. Да се разгледаат аргументите од страна на комисија која ќе одлучи дали пратеникот гласа самостојно.

Зоран

– Во послените неколку години очигледно е дека Собранието ја има изгубено основната функција, а тоа се должи најмногу на фактот дека место луѓе со интегритет на листите се предложуваат горди послушници, луѓе со сомнително минато, сомнителни квалитети и сомнителни биографии.
– Ако треба да се исполнуваат одредени критериуми за да можете да се вработите во некоја државна институција, основно или средно училишта, градинки итн., тогаш несватливо е како нема критериуми за кој тоа може да биде пратеник во Собранието (па и Премиер или Министер). Тоа е еден од основните проблеми за нефункционалноста на Институциите и немањето на одговорност и отчетност.
– Како основен критеруим кој треба да се постави е идните Пратеници (Премиер, Министри, други именувани лица) е да освен Македонскиот пасош да не поседуваат пасош од ниедна друга држава.

Самоил Малчески

– Возраста е потребно да биде определена онака како што е определено и во Конгресот на САД за претставнвиците во Претставничкиот дом и Сенатот. Возраста е важна поради фактот дека 18 години е премал број на години за да може некој да учествува во највисокиот законодавен дом и да носи, предлага или брани; премала граница за влез во највисокиот законодавен дом.
– Апсолутно е потребана потврда за неосудуваност и само луѓе кои никогаш немале судир со законите можат да бидат претставници на граѓаните.
– Потребно е и промена на начинот на предлагање на кандидати. И во таа смисла потребно е да ги заборавиме изборните листи или пак тие да бидат отворени. Доколку не е можно промена на пропорционалниот систем со отворени листи тогаш да се воведе мнозинси изборен систем.

Јове Кекеновски

– Сегашните и предходните состави на Собранието на Р.М. се и биле профили кои во најголем дел ги бранат само интересите на политичката партија на која им припаѓаат, а никако интересите на државата и граѓаните на Р.М. Мора да постои Закон за пратеници со кој детално ќе се регулира кој се може да биде пратеник во Собранието на Р.М.
– Идните пратеници треба да исполнуваат одредени услови за да би биле пратеници; образование, возраст, да не се осудувани, тест за општа култура и психолошки тест. Идните пратеници секогаш треба да бидат отповикани ако во било кој случај го прекршат кодексот на пратеник. Тоа не претставува никаква дискриминација!
– Како што конкурсите со поставените услови не се дискриминација за луѓето, така и критериумите за пратениците не треба да бидат дискриминација. Со јасно дефинирани критериуми за пратеници и уште поважно, отповикување на пратениците ако го прекршат кодексот на однесување може да се дојде до квалитетно Собрание, а со тоа и до квалитетен живот.

Никоман

– Дефинитивно, ваква „дискриминација“ е повеќе од неопходна во нашиов случај. А посебно и би додала дека би требало и да се најде некој додатен критериум за оние што би ја застапувале дијаспората (даночен биланс во РМ, на пример). Во еден ваков случај, не само што би се намалил бројот на неефективни пратеници кој ги плаќаме сите ние, туку уште поважно, верувам дека оние што би биле на тие позиции, многу поефективно, и самосвесно ќе си ја работат работата… Мислам, не за партијата, ами државата!!!

Лепа

– Бројот да се намали на 60-70, нам ни треба квалитет, а не квантитет. Возраст: минимум 40 години за пратеник, 45 за министер со активно познавање на барем два странски јазици со положени стандардизирани тестови;
– Образование: минимум магистратура; Работен стаж: за пратеник минимум 15, за министер минимум 20 во областа за која го предлагаат. Брачна состојба: минимум две деца, нацијата треба да ја спасуваме од исчезнување!
– На сметка да прикаже минимум 100.000 евра чиста пара, а не да стане пратеник за да се збогати! Плата, просечна македонска плата! И секоја година за време на мандатот да полагаат Екстерно за да провериме дали го знаат Уставот и Законите.

Билјана П. Таковска

– Предуслов: Пратениците, секако и министрите и другите функционери да се само Државјани на РМ. (За да може, евентуално, да бидат Екстрадирани)!
– Додека Кандидати – Пратеници се изложуваат во јавноста за време на избори, за потенцијалните министри ништо не се знае. Затоа, за време на изборите да биде претставен и министерскиот тим, да биде објавен.

Јордан Шијаков

Тим ПРОТИВ

– Иако проблемот е правилно лоциран и треба да се најде решение за него, не мислам дека тоа може да се направи преку дадените предлози. Некои од тие предлози вклучуваат и одредени кршења на човековите права, а решенијата на проблемите не треба да се бараат во таа насока. Но, дефинитивно нешто мора да се преземе за пратениците да не го срамат Собранието.
– Треба да има посилен притисок на јавноста кон партиите да не кандидираат лица кои недолично се однесуваат. И да следи санкција од граѓаните кон партиите кои одбиваат да слушаат од типот негласање за тие партии на избори. Во оваа насока, позитивно ќе делува воведувањето на отворени листи, зашто така граѓаните директно ќе можат да ги санкционираат недоличните пратеници.
– Левица ќе бара намалување на бројот на пратеници од 123 на 80. Пред се за да се намали непотребното трошење на буџетски средства, но тоа ќе значи и поголема селективност при изборот кандидати за пратеници. Ќе бараме и укинување на привилегиите на пратениците и намалување на нивните превисоки плати. За да се обесхрабрат оние кои сакаат да бидат пратеници само за да земаат лесни пари.

Здравко Савески

– Во РМ постои закон за избор на пратеници. Тој е добар, во согласност со Уставот на РМ и е недискриминирачки. Што се однесува до возрасната граница, како што секој граѓанин во РМ со навршени 18г има право на глас да одлучува на слободни и демократски избори, истото право да биде избран го има и самиот кандидат. Ова е само една реципрочна недискриминаторска можност која во пракса вообичаено не ја практикуваат ниту канидатите, ниту пол.партии. Поради професионалното и животно искуство најголемиот број од кандидатите за пратеници кои ги предлагале пол.партии биле личности над 30г возраст.
– Кога сме кај прашањето дали е потребно кандидатите за пратеници да полагаат психолошки тестови и тестови за култура, морам да напоменам дека Собранието на РМ донесе етички кодекс што е исто така добро. Тој е стапен на сила и мора да се почитува доколку сакаме вршителите на оваа јавна функија достојно да не претставуваат во парламентот. Дали се почитува и дали имало одредени санкционирања кон прекршителите е предмет на друга анализа.
– Се поставува клучното прашање, дали идните пратеници во Собрнието на РМ ќе бидат вистински репрезенти на граѓаните? Небулозно би било политиката да се сфати како прибежиште на некомпетентни луѓе, личности без интегитет, биографии и професии. За жал понекогаш се случувало одредени функции да ги извршуваат и личности кои не можат да делуваат рационално. Затоа одговорот на ова прашање според мене е ДА, ако и само ако граѓаните гласаат за личности, поточно кандидати, а не само за политичките партии. Тоа практично би значело менување на изборниот модел од пропорционален со затворени, во пропорционален со отворени кандидатски листи со што на граѓаните ќе им биде овозможено директно да интервенираат во листите и на таков начин да се изјаснуваат за кандидатите. Не смее никогаш да се заборави дека политиката мора секогаш да биде во функција на граѓанинот, а пратениците како нивни репрезенти треба да се издигнат над нивните калкулаторски егоцентрични елитистичко-снобовски лични и партиски интереси доколку ги имаат и доколку и сакаат добро на државата.

Косана Мазнева

– Искрено, можеби грубо мислам дека е бесмислено да се размислува за некаков нов закон бидејќи сите тие услови се инкорпорирани во најразлични закони и во уставот на Р.М. Прашање е на политичка култура, а не на закони.

Тодор Пендаров

– Подобност или не подобност на пратениците мене лично ме потесеќа на времето на комунизамот каде постоеше иделошка подобност и тоа е сосема спротивно на принципите на слободата и демокартијата за кој јавно (а тајно нешто друго прави) западната и европската дипломатија.

Мишко Ливрински

– Не може да има Закон за подобност зашто не може да се утврди што е, а што не е подобно.
– Секое ограничување што би било воведено во евентуален Закон за подобност на пратениците би довело до тоа некоја општествена или друга група (најчесто ранлива група) да не биде застапена во Собранието или нејзините шанси да биде застапена да се намалат значително.
– Голем дел до критериумите за подобност ќе се косат и ќе бидат во директна спротивност или на Уставот, или на други закони, а особено на Законот за заштита од дискриминација.

Владимир Петрески

– Сметам дека ваквиот закон би претставувал бегање од вистинскиот проблем. А проблемот не лежи во немањето доволно животно искуство или немањето интелектуални способности на пратениците; туку во системот, во технологијата за нивен избор. Тие се избрани од пропорционални партиски листи па се чувствуваат зависни и должни пред партијата која ги ставила на листа.
– Останува тајна дали таа зависност не е само психолошка, туку и финансиска, па пратениците се држат од страна на партиите уценети со некаков вид на меници, или со почетна инвестиција. Ваквата зависност претставува корумпирање на пратениците, при што тие од претставници на граѓаните се трансформираат во послушници на партијата која ги донела во Парламентот.
– Парламентот е окупиран од страна на партиите и не ја врши својата основна функција – контрола на Владата, туку станува зависен и контролиран од неа. Овие состојби и неколку предлози за нивно надминување ги опишав во овој мој текст, уште во 2005 година, од тогаш овие состојби не се сменети: http://b-n-z-r.blogspot.mk/2016/07/2005.html

Константин Карев

– Во отсуство на владеење на право и политичка култура ниту едно формално-правно решение не може да гарантира подобност, и истото не смее да се промовира како параван-решение за неспособноста и подмитливоста на избраниците на народот во Собранието. Тезата е контрадикторна на функцијата избран/а преставник/чка на народот затоа што нема закон кој гарантира чест и доблест.

Јасмина Голубовска

– Зголемувањето на возрасната граница од 18 на 30 години би претставувало неправично исклучување на младината од процесите на застапување и одлучување во Собранието. Кај некои политички партии во постарите демократии забележлива е тенденција на воведување интерни квоти за млади кандидати за пратеници. Ваквите правила се потребни и кај нашите политички партии со што би се обезбедила повисока партиципација на младите во општествените процеси.
– Според сегашните правила, кандидат за пратеник не може да биде лице осудено на казна затвор над шест месеци чие издржување сè уште не е започнато или кое се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело. Сметам дека ова е ограничување е исправно и доволно. По издржување на казната се смета дека општеството врз лицето влијаело превентивно, тоа е рехабилитирано и ресоцијализирано, а дали ќе биде избрано за пратеник зависи од граѓаните.
– Според сегашните правила, доволно е кандидатот да е деловно способен. Иако звучи пожелно пратениците да подлежат под контрола на нивниот ментален и морален интегритет, сметам дека пред да бидат предложени за пратеници тие се подвргнати на тестот на локалната заедница, политичката партија која ги кандидира и најважно од избирачите. Изложувањето на сите овие тестови, според мене, е позначајно отколку решавањето на стандардизирани тестови.

Воислав Стојановски

(4584)

Тим ЗА 78%
 
 
Тим ПРОТИВ 22%
Гласањето е затворено
  
  • Проектот „Биди ИН, дебатирај“ е во организација на www.livada.mk и е во рамките на програмата Цивика Мобилитас.

    Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска

    Содржината на овој веб портал и дебата е единствена одговорност на Здружението на граѓани за развој на критичка мисла Ливада Скопје и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Наоѓам мисли сроднои на моите и на двете страни: Пратениците треба да бидат луѓе со интегритет кои иако можат да бидат предложени од партија, не треба да зависат од неа (Момакот Били) Спомната е потребата од промена на избирачкиот систем во пропорционален или во мнозински (Проф. Кекеновски) Пратениците треба да бидат неосудувани и да немаат државјанства од други држави (Самоил Малчевски)...
    ( Коста Карев 2016-08-31 14:14:22 )
  • дали е во ред пратеникот да има било каков обврзувачки, уценувачки договор со партијата ? Каков пратеник е и кого застапува или партијата добива само гласачка машина?
    ( Анонимен 2016-09-01 22:46:13 )
  • Ne stignav da go pročitam celiot text i ne znam dali ima nekakov predlog okolu primanjata na pratenicite.Moj predlog e nivnata plata da bide kolku prosečnata plata za tekovniot mesec vo RM.Zošto ti bi imale playa od 1000 evra so prosečna plata vo državava od 300 evra.
    ( Mujo 2016-09-01 17:29:29 )
  • Ne e jasno. Tim za I protiv se paket? Pa ima kontradiktorni raboti vo samite timovi, isto kako sto ima isti predlozi vo dvata tima. Treba redakcija da filttira I destilira predlozi tocki. Jas sum za: 1. Min 30 godini. 2. 70 pratenici. 3. Namalena Plata. 4. Dogovor za rabota. Neodenje na rabota ili kasnenje = otkaz. 5. Drzavjani so edinstveno drzavjanstvo. 6. Neosuduvani.
    ( Анонимен 2016-08-31 16:37:56 )
  • da se glasa za licnost a ne za partija
    ( Анонимен 2016-09-08 10:10:46 )
  • Prvo i osnovno, pred kandidiranje da im se vrsi proverka na diplomite od sredno i fakultet...
    ( Napoleon 2016-09-07 23:50:45 )
  • Треба промени како ќе се гласа да се гласа со отворени листови да глааш партиа и пратеникот да се окружикокој името на пратеникот,кој ќе добие више глазови да стане пратеник а не кој партите го именуваат прв на листа итн
    ( Анонимен 2016-09-07 22:02:52 )
  • Ne e jasno. Tim za I protiv se paket? Pa ima kontradiktorni raboti vo samite timovi, isto kako sto ima isti predlozi vo dvata tima. Treba redakcija da filttira I destilira predlozi tocki. Jas sum za: 1. Min 30 godini. 2. 70 pratenici. 3. Namalena Plata. 4. Dogovor za rabota. Neodenje na rabota ili kasnenje = otkaz. 5. Drzavjani so edinstveno drzavjanstvo. 6. Neosuduvani.
    ( Анонимен 2016-08-31 16:37:56 )
    1. da se glasa za licnost a ne za partija
      ( Анонимен 2016-09-08 10:10:46 )
      Ми се допаѓа(1) Не ми се допаѓа(0)
    2. Prvo i osnovno, pred kandidiranje da im se vrsi proverka na diplomite od sredno i fakultet...
      ( Napoleon 2016-09-07 23:50:45 )
      Ми се допаѓа(1) Не ми се допаѓа(0)
    3. Треба промени како ќе се гласа да се гласа со отворени листови да глааш партиа и пратеникот да се окружикокој името на пратеникот,кој ќе добие више глазови да стане пратеник а не кој партите го именуваат прв на листа итн
      ( Анонимен 2016-09-07 22:02:52 )
      Ми се допаѓа(1) Не ми се допаѓа(0)