| 14.09.2015. ПО ДОМА

Пред и во текот на серијата бомби која ги објави опозицијата, најавуваше дека, тие бомби, се доволни да го урнат режимот на Груевски. Беше сериозно разнишан. Тоа доведе до длабока политичка криза. Се замеша и меѓународниот фактор кој, веројатно, предведуваше некој вид крвав расплет на кризата. Но, до очекуваниот пад, не дојде.

Има луѓе кои зборуваат дека, во начинот на кој се бара излез од таа криза, има елементи на своевидна амнестија на режимот од страна на на тој „фактор“ затоа што, според оптиката на тие луѓе, „со криминалци не се преговара“. Впрочем, кој автократски режим напушта доброволно власт дури и тогаш (договорот од „Пржино“) кога се согласил да ја напушти? Во најмала рака, ќе се потруди да го изигра тоа што го потпишал. Дека токму тој труд е во тек, сведочи жалбата на посредникот ван Хојте, упатена до демократската јавност: “една од најголемите партии не почитува никаков краен рок и не го почитува договорот.“

Синтагмата „демократска јавност“ по себеси упатува на некоја друга која постои паралелно, која не е демократска, која, за себеси, вели дека е национална, патриотска (автентичен, професионален заштитник на националните интереси!) наспроти онаа која се нарекува “демократска“, по суштина “предавничка“ кога бара од странци да решеваат домашни проблеми. Очигледно е дека онаа јавност која се нарекува себеси демократска, не е во состојба да излезе на крај со еден авторитарен режим кој има, зад себеси, државни институции кои ги контролира, војска и полиција кои ги плаќа со свои инсталации внатре, кои се штитат себеси кога штитат постоен поредок.

 
 

Таа поделба на два антагонизирани, рамносилни блока е доволна да каже дека, во нивниот евентуален судар (таков судар му одговара само на режимот кој благовремено се подготви со законот за употреба на гумени куршуми од страна на полицијата), победата ќе биде на страната на власта. Некои искуства од нашто блиско соседство мошне добро го потврдуваат тоа. Диктатурата на Милошевиќ беше разнишана по протестите од широки размери (еден милион луѓе!), но затоа пак далеку од тоа да падне. Таа диктатура падна тогаш кога нему му откажаа послушност елитните полициски единици под команда на Улемак-Легија и кога проценија, тие единици, дека смената на власта “се наѕира.“

Ако таква е „логиката“ на потребната критичка маса да се урне некој недемократски режим; ако полицијата, со нејзините елитни единици, е она јазиче на вага кое и навлекува мека, кадифена нараквица на ударната тупаница на таа власт; ако демократските „капацитети“ или културата на протести се, така да се каже, мали или недоволни; ако таа демократска јавност навикнала, во изборот меѓу сигурност и ризик, секогаш да биде на страната на сигурноста или, со други зборови, полесно да се врзува за конформизмот кој, од своја страна, го задушува поривот за слобода; ако сето тоа е токму така во нашата актуелна македонска стварност, тогаш разбирлива е потиснатата огорченост (понекогаш отворена) на сите оние луѓе кои очекуваат промена на власта како притисок на демократската јавност врз таа власт.

До таков притисок не доаѓа (поточно, не дојде ни во времето кога беше интезивен), затоа што демократската јавност била поделена и фрагментирана (Гошев). Студентите се побуниле за себеси. Професореите, кои им се придружија, го сторија тоа кога власта, со закон, ги доведе во прашање нивните интереси. Потоа кренаа глава новинарите како и хонорарците, кога беа загрозени некои нивни интереси. Ниту едните, ниту другите ниту третите не покажаа некоја склоност кон солидарност кога, на пример, протеситираа стечајците. Поуката би била: нема свест (барем покажана и потврдена) за некој заеднички, апстрактен интерес како, на пример, одбрана на слободата и демократијата. Постои само интерес за одбрана на својата позиција во социјалната хиерархија која е, во добра мера, конкретна наспрема општиот интерес кој е апстрактен. Зборува ли тоа за вид прикриен социјален егоизам кој го истиснал алтруизмот? Можеби. Има, меѓутоа, искуства по однос на тоа прашање кои зборуваат друго.

  
 

Еден од водачите на големата октомвриска револуција, Лав Давидович Троцки, во една студија (1923) за прозата на Борис Пилњак, се повикува на една слика од прозата на тој писател во која, тоа што ние го викаме демократска јавност, се вика широки народни маси. Тие маси се споредуваат со „мравки“ кои, кога се качуваат по мермерна, уметничка статуа, гледаат само некои испакнатини и длабнатинки кои го отежнуваат нивното движење. Не се во состојба да видат целина, уметничко ремек-дело во мермер. Такво ремек-дело била револуцијата со нејзината “невидлива оска“, онака како што е невидлива и „оската околу која се врти земјата“. Несомнено, вели Лав Давидович, „мравките“, кои не се во состојба да ја видат целината, располагаат со еден “несовладлив социјален инстинкт“. Сепак, само кај ретки тој „инстинкт“ се преобразува во „свест“ која им помага да ја здогледаат „невидливата оска“ околу која се врти светот.

Мислам дека споредбата на Лав Давидович добро ги објаснува и нашите актуелни, „македонцки работи“. Духот на демократската јавност, како и оној дух на широките народни маси во времето на руската револуција, располага со некој свој „демократски инстинкт“ (по углед на оној “социјален“ кај Троцки), но затоа пак не може да се обвинува за тоа што – не го гледа. Не гледа „оска“ околу која се врти демократијата, затоа што е тоа привилегија на оние со „свест“, а пак тие се ретки. Освен тоа, логиката на тој дух е проста: „зошто да се борам за некои кои, по извесно време, ќе станат исти како и овие кои треба да си одат?“ Сè додека не покажат, тие што претендираат на власт, дека ќе и служат на власта место да се служат со власт, демократската јавност ќе биде неповерлива, инертна, апатична, врзана за своите ситни, конкретни интереси, рамнодушна кон општи и заеднички.

Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

 
loading...
 

(119)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Атанас Вангелов

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени