Морам текстов да го започнам со една, веројатно не така битна ствар. Градов ми е горе доле – се. Да тргнам да истражувам колена наназад, нема да најдам скоро ништо подалеку у радијус од 15 километри од центарот на градов. Не не, не е за пофалба. Едноставно наследството е такво. Коа доаѓаше време за летен распуст, само ја немав кај да идам. Океј, иам некои подалечни роднини позади северната граница, но тоа е се. Со години наназад “покушавав” да се борам , боље речено ги нотирам кои се аномалиите на градот, но реакциите беа непостоечки. Праќав своевремено меилови до градската управа, пишував по форуми кои се најсоодветно место за таа тематика, објавив и по некој текст, но градската управа и даље е скроз оперирана од одговорностите кои ги има кон овој град.

Радува една ствар. После години на пропаганда и површно работење, можеме да очекуваме градска упрва која нема да става барокни фасади на згради од минатиот век и нема да купува дизел автобуси. Така барем најавија.

До новиот градоначалник, Петре Шилегов, у овој блог пост ќе му се обраќам со – другар. Едноставно е – градски татко не е научна фантастика. Тоа е човек кој треба поише да се грижи граѓаните редововно и коректно да ги добиваат услугите кои ги нуди градскиот сервис, а за возврат истите да ја подигнат својата свест кон околината. ДУП/ГУП и сл. да ги оставиме на минатите времиња бидејќи и онака двете најважни сообраќајници, Јужен булевар и подземната улица од Партизанска до НБРМ се веќе испланирани.

 
 

Другар,

Ноември е. Луѓето почнуваат масовно да се греат. Тоа е, ладно е. Ај да почнеме со некој ваков проект – да најдеме пољана у Скопје во која ќе се изгради нова мини-населба од контејнери за транспорт на роба кои се помасовно се користат у свет за домување. Тука да ги вселиме сите оние кои живеат во импровизирани живеалишта и кои најчеста суровина за греење им се стари гуми и паркет. Ајде да им дадеме на нив подобри услови, а ние да добиеме барем за 1% почист воздух. Овие живеалишта ги има и долж булеварите и долж кејот на Вардар, најмногу во Керамидница. Ајде да покажете дека се грижите и за овие луѓе, а за возврат со минимални средства градот ќе покаже дека барем малку води грижа за животната средина.


Ајде да видиме како се греат луѓето. Градска власт сте, па можете да спроведете една инспекција, никако со казни, туку еден мониторинг по кој ќе се изработи план како понатака. Ајде да започнеме со пелети, со струја и со се останато кое може да го намали загадувањето. Со фамозните субвенции. Да знам, ќе треба повеќе да се увезува струја ако луѓето почнат да го користат овој енергенс за греење, но за тоа имаме Влада која треба да работи на подобрување на електро-дистрибутивната мрежа. Ајде да им дадете втора шанса на оние кои се исклучија од парно. Така истите ќе се откажат од греење на струја. Мислам дека е ова безболно.

  
 

Другар,

Започнете со темелно чистење на градов. Има милион точки кои бараат, не метла, туку механизација за да се доведат во ред. Ајде да започнете од приградските населби. Ајде да им покажете на тие луѓе, заедно со локалните власти, дека и тие се дел од Скопје. Ајде да ја смениме (не)културата на луѓето. Вработете нови 100-тина лица во комуналните претпријатија. Купете нова механизација. Ѕирнете само на јутјуб какви чуда од машини има за чистење на улици и смет. Во Топ Тема ветивте ќе ги чистите тротоарите, јас Ве држам за збор.

Другар,

 
loading...
 

Супер е идејата за електрични автобуси. ЛРТ е моја дамнешна желба, се надевам некад некој ќе ја спроведе истата. Во превод, тоа е лесно метро, алтернативен и бесконфликтен превоз, кој е скап за изградба, но е одличен начин за намалување и на загадувањето, но и на сообраќајниот метеж. Да се вратам на автобусите. Ајде да купиме зглобни автобуси, со двојно поголем капаците од сегашните. Сегашните, барем дел, предадете ги на другите општини низ Републиката каде има јавен превоз, кој се врши со стари автобуси. Вградете уреди за метан. Ај да пробаме помалце да троши ЈСП. Ајде, за сите нас е. И да, седнете со приватните превозници. Се согласувам дека од истите издржуваат цели фамилии. Но, да бидеме искрени, автобусите, најголем дел од нив, се стари и дотраени. Дел од нив веќе ги гледаме како се заглавени на скопските улици поради дефект. Ако треба и тука субвенции, дадете ги. Мислам дека може градот во првите 1-2 години да се посвети повеќе на овие прашања отколку на фамозните проширувања на булевари на Коце Трајановски. Да, г-дине Коце Трајановски, естетски проширувањата се ок, но функционално не се никаква алтернатива во сообраќајот.

Другар,

Ова нека биде последно барање/совет. Ги иам стотина. Другите, за подобри времиња. Ајде да ја доградиме жичарата до Капиштец. Па да направиме една голема монтажна катна гаража, па наместо пола Скопје со коли да иде до средно Водно, да си паркираме коли пред жичара и со мерак да се качиме до врв. Не мора до врв, ќе стојат гондолите и на средно. Било што. Ајде да го направиме Водно уште попристапно за туристите. Не за друго, осеќам дека другар и Вие ќе ставите акцент на нив и тоа апсолутно не е лошо. Таман да го ичистиме Скопје па да го средиме и Водно. А со чистење, со масовно чистење треба да се тргне од Треска до Матка, од Аквадуктот до Ченто, од Тумба Маџари до Кучково. Од Дром до Карпош 4. Можеме.

Градот е тука. Ние шо неаме каде да одиме, прво зашто не сакаме, второ зашто сме страшни локал патриоти и носталгичари, имаме должност и обврска да го сакаме и чуваме градов. Скопје не е лошо место за живеење. Далеку е од најбоље, но е наше и нема боље. Ако ние го средиме градов, ќе ги средиме и останатите градови низ Републиката. Тие ни се неверојатно важни како за Скопје, така и за опстанокот на државата.

@DeteOdBeton – 23ka.wordpress.com

(63)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливадџија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени