Како Netflix заработува пари?

На почетокот беше телевизијата, потоа кабелската а сега приматот во индустријата на домашно гледање филмови и серии го презема Netflix. Со преку 124 милиони претплатници и сигурно уште толку корисници на нивните услуги, малку е веројатно дека ќе видиме промена на врвот на оваа индустрија. Но, на кој начин Netflix заработува пари?

Во текот на последните 5 години Netflix успеа да продуцира голем број на оригинални серии, филмови и стендап рутини кои станаа хит кај публиката. Походот на Netflix кон Холивуд веќе започна.

 
 

До крајот на оваа календарска година се очекува Netflix да има понуда од 1.000 оригинални содржини, било да се тоа серии, филмови, документарни филмови, стендапи и слично. За да ги финансира, Netflix ќе потроши преку 13 милијарди американски долари – повеќе од Time Warner, Fox и Disney. И сето тоа по екстремно ниска цена за претплата која се движи од 9 до 13 долари за еден месец. Но, бизнис-моделот на компанијата станува сѐ поскап и поскап, што нѐ тера да си го поставиме прашањето: Како Netflix всушност заработува пари?

Најпрво да најдеме одговор зошто Netflix има потреба од оригинална содржина. Netflix започна со изнајмување и продажба на DVD-а од филмови од големите холивудски студија. Кратко потоа бизнисот со изнајмување DVD филмови почна да опаѓа, па Netflix почна да врши стриминг на познати серии и филмови како „Lost“, „The Office“, „Zoolander“ и „Heroes“. Благодарение на ниската цена и постојаниот стриминг, Netflix успеа да привлече многу повеќе претплатници – од 7 милиони во 20017 година до 33 милиони во 2012 година. Но, како што Netflix стануваше сѐ попопуларен, холивудските студија бараа сѐ повеќе пари за откупување на правото на стриминг на нивните филмови. За да не зависи од нив, Netflix почна да продуцира свои оригинални, авторски серии и филмови.

  
 

„Целта е ние да станеме HBO пред HBO да стане како нас“, рече извршниот директор на Netflix, Тед Сарандос, кога го опишуваше нивниот бизнис-модел.

Да се навратиме на големите бројки. Netflix до крајот на годината ќе има 1.000 оригинални содржини достапни за стриминг (двојно повеќе од сите пет најголеми телевизиски куќи заедно, во период од последните 5 години), а сето тоа започна од „House of Cards“, политичка серија која имаше буџет од 50 милиони долари по сезона. Со тоа беше покажано дека Netflix ќе направи сѐ само за да биде самостоен. Оттогаш, понудата на оваа платформа беше проширена низ сите жанрови и тоа значеше дека Netflix мораше да ги исфрли од понудата сериите како „How I Met Your Mother“ и „Lost“ за да отвори простор за оригиналните шоуа. Сега, Netflix има шанса да троши 13 милијарди годишно на оригинална содржина и да остане профитабилен, што е навистина импресивно.

Тоа го прави преку начин на плаќање на трошоците на различен начин: наместо да бидат платени одеднаш, парите се развлечени во тек од неколку години. Така на пример, цената на една сезона од серијата „The Crown“ е 130 милиони долари, но Netflix плаќа само 52 милиони во првата година, 39 милиони во втората итн. Овој процес се нарекува амортизација. Поради ваквиот начин на трошење, Netflix секоја година троши сѐ повеќе, но тоа не е битно бидејќи од компанијата се заинтересирани за само една бројка – 124 милиони претплатници.

Целта на Netflix е секој месец да има повеќе луѓе во бројот на претплатници. Иако компанијата е стара повеќе од 20 години, сепак инвеститорите ја сметаат како стартап поради уникатниот бизнис модел кој само што почна да гребе по површината на телевизиската индустрија. Сѐ додека секој месец има пораст во бројот на претплатници – Netflix e безбеден. Според последните проценки, вредноста на Netflix е околу 165 милијарди долари. За споредба, тоа е повеќе од Disney, под чија сопственост се Pixar, ESPN, „Star Wars“, Marvel и слично.

Како ќе го одржи порастот во иднина?
Не се грижете за Netflix, бидејќи компанијата има план. Во моментов повеќе од 45% од претплатниците се од САД, па затоа раководството на Netflix сака да ја прошири платформата кон другите континенти, а посебно кон Азија, која е најголемиот пазар во светот. Исто така, цените на месечната претплата ќе продолжат да растат, но со многу мал раст. За крај, Netflix ќе намали со темпото на производство на оригинална содржина во оној момент кога ќе забележи дека има доволно голема публика за веќе постоечките содржини. Колку поверна публика – толку повеќе сигурни пари.

Гледајќи го успехот на Netflix, уште неколку компании најавија дека во блиска иднина ќе се приклучат на стриминг индустријата. Од нив најголеми се Facebook, Apple и Disney, кои навистина можат да му направат проблем на Netflix, но тоа сигурно нема да се случи во наредните 5 години.

(21)

loading...

Вашиот коментар