Кој всушност го открил Марс? Поглед наназад во историјата на Црвената планета

Деновиве Марс е дојден толку блиску до Земјата што може да се види со голо око. Всушност, кој го открил Марс? Тоа е трик-прашање.

Поради тоа што планетата е видлива со голо око, луѓето илјадници години го гледаат нашиот црвен сосед и нема начин да се открие името на одамна мртвиот набљудувач што прв го забележал црвенкастиот сјај.

 
 

Но тоа што никогаш нема да можеме да го именуваме тој остроок човек не значи дека не може да научиме ништо интересно за историјата на набљудувањето на Марс.

Марс, како и другите планети што се видливи без телескоп, го привлекува човековиот поглед со своето невообичаено движење на фонот од соѕвездија.

  
 

Во најраните денови од набљудувањето на Марс, се знаело само дека има огненоцрвена боја и дека има чуден циклус на небото, поинаков од што било друго, вели НАСА.

Културите од Маите до Кинезите, и од абориџинските Австралијци до Грците, оставиле белешки за неговата неправилна патека низ небото.

Тие не знаеле што е Марс – тој за нив бил само блескав сјај што не се однесува баш исто како другите небесни сјаеви. „Овие (планети), се разбира, никогаш не се сметале за посебни светови, како сега“, вели Ентони Авени, кој ја проучува древната астрономија во Централна и Јужна Америка и кој минатата година се пензионира како професор на Универзитетот Колгејт, за порталот Спејс.

Раните набљудувачи на Марс, исто така, имале поинакви приоритети од нашиве денес во разните видови набљудувања на планетата. Модерните астрономи се фокусираат на ѕвездената година, времето што му е потребно на Марс да орбитира околу сонцето – околу 687 дена. Но со векови, вели Авени, тоа не бил бројот што заинтересираните го поврзувале со Марс. „Тие ги препознавале периодичноста и движењата на кои ние не им посветуваме внимание“, вели тој.

За Марс, тоа значи дека луѓето им давале приоритет на 780 дена, просечната должина на циклусот што Марс го покажува на небото. Планетата се појавува и исчезнува на ноќното небо, понекогаш протнувајќи се на сончевото небо и станувајќи невидлив. Ако гледате од појава до појава, или од исчезнување до исчезнување, циклусот ќе трае околу 780 дена, синодичниот период на планетата. „Се работело за тоа како Марс е поврзан лично со вас, како е поврзан со нашата култура“, рече Авени. „Не се работело за тоа колку долго ротира, или дали има живот“.

Авени првенствено ги проучувал Маите и вели дека најголем дел од она што го знаеме за нивното гледање на Марс доаѓа од само една книга наречена Дрезденски кодекс. Текстот содржи табела со набљудувања за која научниците знаат дека мора да е од Марс поради циклусот од 780 дена.

Книгата, исто така, содржи цртеж на она што научниците го нарекуваат „ѕверот Марс“, што Авени го опишува како суштество слично на папагал макао со нос како сурла на слон. Тој додава дека орбитата на планетата, која го движи Марс низ целото небо, ги обликувала особините поврзани со него. „Тој бил повеќе како чувар на целиот пејзаж“, рече Авени.

Другите култури што гледале кон небото, вели Авени, биле позаинтересирани за тоа какви биле односите меѓу различните планети отколку за патувањата на која било поединечна планета. На пример, тој ги посочува кинеските астрономи, кои биле фасцинирани од планетарните конјункции.

Една абориџинска австралиска заедница го гледала Марс како една од четирите жени што ја следат месечината; друга ги гледала Марс и Венера како две очи на едно небесно битие. Иако мал број традиционални мислења за Марс преживеале до денес, астрономите што се фокусирани на Австралија имаат докази дека абориџинските народи низ целиот регион со милениуми внимателно ги следеле Марс и другите планети.

Вавилонците ја изучувале астрономијата уште во 400 година п.н.е., па развиле напредни методи за предвидување на астрономските настани како што се еклипсите. Тие внимателно го набљудувале небото заради своите календари и од религиозни причини, но никогаш не се обиделе да ги објаснат појавите на кои биле сведоци. Вавилонците Марс го нарекле Нергал – големиот херој, кралот на конфликтите.

Старите Египќани први забележале дека ѕвездите се „фиксни“ и дека сонцето се движи во однос на ѕвездите. Тие исто така забележале пет светли објекти на небото (Меркур, Марс, Венера, Јупитер и Сатурн), кои се чинело дека се движат на сличен начин. Марс го нарекле Хар Дехеер – „црвениот“.

Се разбира, и старите Грци и Римјани ги следеле движењата на Марс и другите небесни тела низ небото. Грците Марс го нарекувале Арес, по својот бог на војната, додека Римјаните од истата причина го нарекувале Марс. За неговиот знак се сметало дека е штитот и мачот на Марс.

(21)

loading...

Вашиот коментар