„Ова е последно предупредување“ – Научниците повикаа на брзи промени за избегнување на климатска катастрофа

Владите низ светот мора да преземат брзи и сеопфатни промени во сите општествени сфери за да се избегнат катастрофалните последици од глобалното затоплување, наведува новиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатските промени на Обединетите Нации (ИПЦЦ).

Студијата вели дека планетата ќе стигне до критичното ниво на 1,5 целзиусови степени повеќе од прединдустриската ера во 2030 година, што ќе доведе до екстремни суши, пожари, поплави и недостатоци на храна за стотици милиони луѓе низ светот.

 
 

Овој датум е заснован на сегашните нивоа на емисии на стакленички гасови. Планетата веќе има надминато две третини од овие нивоа, бидејќи глобалните температури се за 1 степен повисоки од оние кои биле регистрирани пред индустриската револуција. Избегнувањето на дополнително загревање ќе бара огромна акција од сите светски власти во следните неколку години.

„Ова е загрижувачки бидејќи знаеме дека ќе имаме многу дополнителни проблеми доколку ја надминеме границата од 1,5 степени целзиусови, што ќе значи потопли лета, повисоки нивоа на морињата и страшни суши и екстремни бури во поголемиот дел од светот“, вели во соопштение Ендрју Кинг, професор по климатска наука на Универзитетот во Мелбурн.

  
 

Глобалните емисии на јаглерод диоксид ќе треба да се намалат за 45% до 2030 година и целосно да запрат околу 2050 година за да се задржи глобалното затоплување до 1,5 степени.

Иако ова е технички можно, за да се реализира ќе биде потребна сеопфатна промена во енергетиката, индустријата, градежништвото, транспортот и урбанизмот, наведува извештајот.

„Прозорецот за задржување на загревањето под 1,5 степени целзиусови набрзо ќе се затвори и моменталните нивоа на емисии, на кои се согласија потписниците на Договорот од Париз, не се совпаѓаат со достигањето на таа цел“, додава Кинг.

Извештајот е производ на тригодишно истражување и недела на консултации на научниците со владини претставници во Јужна Кореја. Сумираниот материјал за носителите на одлуки истакнува тешки преговори меѓу научниците, кои се држеле до научните податоци и политичките претставници, кои биле повеќе загрижени за економијата и животниот стандард.

Планот понуден во научната студија покажува и дека промената ќе биде доста скапа. За да се лимитира загревањето до 1,5 степени ќе бидат потребни „просечни годишни инвестиции во енергетскиот систем од околу 2,4 билиони долари“ помеѓу 2016 и 2035 година.

(21)

loading...

Вашиот коментар