Прастар метеорит на научниците им покажува како настанал животот на Земјата

Ново научно откритие може да даде објаснување за потеклото на животот, откако научници истражуваа прастар метеорит кој бил формиран на самиот почеток од создавањето на нашиот Соларен систем пред 4,5 милијарди години.

Преку проучување на тој период од историјата, астрономите можат да добијат корисни информации за тоа како Земјата станала погодна за поддршка на живот, додека истражувањата можат да покажат и дали има живот и во други соларни системи.

 
 

Научното истражување потврдува дека при создавањето на Соларниот систем најверојатно биле формирани важни органски материи. Преку анализа на изотопите во метеоритот тие нашле траги од клучни елементи – јаглерод, водород, кислород, азот и сулфур, кои се централни за создавањето на живот.

Според истражувањето, доколку овие органски материјали можеле да бидат формирани низ релативно едноставните процеси во раниот Соларен систем, тогаш тие можеби се распространети и на други места во универзумот. Оваа претпоставка на научниците им сугерира дека можеби и на други планетарни системи животот е многу поприсутен отколку што се верува.

  
 

Ваквите видови на прастари метеорити, како овој кој се проучувал на Универзитетот во Манчестер, се многу ретки. Тие претставуваат само неколку проценти од сите познати метеорити, а се особено важни и се необични поради начинот на кој преку нив може да се гледа во самите почетоци на Соларниот систем кој не окружува.

„Земјата е динамична планета. Процесите како тектонските плочи и ерозиите избришале поголем дел од доказите за тоа што се случувало во раниот период на планетата“, вели Ромаин Татез од Школата за природни науки од Манчестер.

Научниците го проучувале метеоритот повеќе од две години за да го утврдат неговиот точен состав. Нашле серија на докази за тоа како се формирала градбата на животот – откривајќи, на пример, дека клучните материјали во нашиот Соларен систем биле формирани сами од себе и не стигнале од некое друго место.

„Изотопите на кислород беа слични со врската која ги поврзува Сонцето, астероидите и цврстите планети. Поради тоа, ова веројатно имплицира дека материјалите биле формирани низ хемиски реакции во нашиот ран Соларен систем, наместо дека биле наследени од некој меѓуѕвезден медиум“, изјавил Татез.

(52)

loading...

Вашиот коментар