Сирење старо 3.200 години пронајдено во гробница во Египет

Археолозите кои работат на истражување на гробница од антички Египет пред неколку години пронајдоа состојка за која неодамна е утврдено дека е едно од најстарите сирења кои биле некогаш пронајдени. Пред неколку години, тимот археолози најдоа скршени ќупови во гробницата на Тамес, кој бил градоначалник на античкиот град Мемфис. Тие пронајдоа цврста белузлава маса во еден од ќуповите, за која претпоставуваа дека е храна.

Сега, според истражувањето објавено во списанието „Аналитичка хемија“, утврдено е дека масата е сирење, кое датира од пред 3.200 години.

 
 

Откритието е значајно бидејќи, претходно научниците немаа никакви докази за производство на сирење во древен Египет.

„Знаеме дека материјалот е направен главно од овчо и козјо млеко, но не можам да замислам каков вкус имало“, вели д-р Енрико Греко, од Универзитетот во Катанија, кој работел со колегите од Универзитетот во Каиро на утврдувањето на состојката.

  
 

„Античкото сирење би имало навистина, навистина кисел вкус“, изјави историчарот за сирење и професор по хемија Пол Кинстет за „Њујорк тајмс“.

Истражувачите рекоа дека нашле и траги од бактерија која може да предизвика бруцелоза, која се добива од јадење непастеризирани млечни производи. Симптомите за оваа заразна болест која постои и денес се треска, потење и болки во мускулите. Ако биде докажано тврдењето за бактеријата, тоа ќе биде доказ за најстар случај на бруцелоза.

Гробницата во некрополата Сакара во близина на Каиро за првпат била откриена во 1885. Но, откако била покриена со наноси песок, таа повторно беше откриена пред осум години.

(135)

loading...

Вашиот коментар