Сè повеќе пациенти сакаат да изгледаат Снепчет „филтрирано“ преку пластична хирургија, покажува нова студија

Пластични хирурзи информираат дека се повеќе пациенти доаѓаат со селфи фотографии направени со некои од филтрите на Снепчет или Инстаграм и бараат да изгледаат како ретушираната фотографија.

Научниците од Медицинскиот центар во Бостон ваквиот тренд го нарекле „Снепчет дисморфија“ и додаваат дека филтрите на мобилните апликации имаат катастрофален ефект врз самодовербата на луѓето, се наведува во статија објавена во списанието ЈАМА за пластична хирургија на лицето.

 
 

Снепчет доаѓа со голем број филтри кои веднаш ги менуваат фотографиите со користење на вештачка интелигенција. Филтерот може да направи кожата да изгледа помазна, да ги издолжи трепките и да ја направи посиметрична структурата на коските.

Во статијата се вели дека овие филтри понекогаш го поттикнуваат менталното нарушување наречено дисморфофобија, односно страв дека телото изгледа грдо или има недостатоци, што води кон непотребни подложувања на промени на изгледот и повлекување од социјални активности.

  
 

Ваквиот тренд особено ги загрижува докторите бидејќи филтрите на Снепчет не само што обезбедуваат идеални стандарди на убавина, туку и целосно нечовечки, претставувајќи „невозможен изглед кој ја поматува линијата на реалност и фантазија за овие пациенти“, се наведува во статијата.

Освен пациенти кои сакаат да изгледаат како на нивните селфи фотографии, повеќе од половина од пластичните хирурзи пријавиле дека пациенти бараат и медицински зафати за да изгледаат подобро на селфи фотографиите.

За порастот на појавата на дисморфофобија и нарушувањата во хранењето кај жените и тинејџерките најчесто виновни се „фотошопираните“ и нереални претставувања на жените во модните списанија. Но, во последната деценија, сè поприсутна е уште едно извитоперување на реалниот изглед со тоа што луѓето сами си ги уредуваат сопствените фотографии за да изгледаат попривлечно, но објавувајќи ги како тие да се вистински. Разни апликации, како „Лајн Камера“ и „Фејстјун“ им овозможуваат на корисниците лесни алатки за да ги направат лицата посиметрични, потенки или да ги отстранат дамките пред да ги објават на Фејсбук.

Едно истражување од 2015 година открило дека и покрај тоа што повеќе од две третини од анкетираните жени сметале дека е погрешно магазините да ги „фотошопираат“ фотографиите, 57% од нив признале дека редовно си ги уредуваат фотографиите на нивните социјални мрежи за да го подобрат изгледот. Трендот брзо се зголеми со порастот на вградени филтри на апликациите како Инстаграм и Снепчет, кои лицата ги прават да изгледаат скоро карикатурално перфектни.

Новата студија открива дека, во споредба со минатото, се промениле и хируршките зафати кои ги бараат пациентите. Претходно најчесто се барале хируршки корекции на носот, но сега, според авторите на статијата, луѓето бараат зафати кои би имале ефект сличен на селфи филтрите, како поголема симетричност, пресадување на коса и хируршки корекции на очните капаци.

Ова е последна од неколкуте слични студии во последниот период кои сугерираат дека на младите им е сè потешко да направат разлика меѓу реалниот живот и социјалните медиуми и дека тоа им се одразува негативно врз здравјето. Минатогодишна студија објавена во Американското списание за превентивна медицина откри дека луѓето кои се редовни корисници на социјалните мрежи имаат двојно поголема веројатност да се чувствуваат осамени отколку оние кои социјалните мрежи ги користат малку. Во друга студија, објавена исто така минатата година, во која биле анкетирани 1.500 млади на возраст од 15 до 24 години, откри дека социјалните медиуми, особено Инстаграм, им го влошиле чувството на стрес и неадекватност.

Токму денеска Снепчет соопшти дека за прв пат се намалил бројот на дневни корисници на нивната апликација за околу 2%, или вкупно 188 милиони луѓе.

(17)

loading...

Вашиот коментар