Што му напишал Димитар Влахов на Тито за 24 Мај 1948 година!

Празникот на светите браќа Кирил и Методи, во Македонија уште во 18 век се празнувал свечено и со многу активности, со служби, литии, беседи за значењето на светителите. Нивниот култ, според фолклористот, проф. д-р Марко Китевски бил раширен особено во местата каде што дејствувале нивните ученици.

Но, по Втората светска војна се појавил извесен дисконтинуитет во празнувањето. За тоа, според Китевски, сведочи и писмото на Димитар Влахов што на 7 мај 1948 година го испратил до тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, во кое се залага 24 мај да се одбележува како државен празник. Овој документ се наоѓа во Архив на Јосип Броз Тито, го објавил д-р Новица Велјановски во книгата на Документи за Македонија (1943-1953).

 
 

Во писмото, Влахов ја објаснува потребата од повторно воспоставување на овој празник во Македонија, нагласувајќи дека во Бугарија се празнува како државен празник и се прават и обиди браќата Кирил и Методиј да се претстават како бугарски просветители.

  
 

„Другар Маршале, на 24 мај кај нас и посебно во Македонија, како и воопшто кај другите словенски земји се прославува празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата на тој ден во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на нашите браќа Македонци за нивното обединување и за јакнењето на нивната борба за национални, културни и политички права. Тој празник беше еден од најголемите празници на македонскиот народ. Во градовите, а особено меѓу интелигенцијата, тој заземаше највисоко место. Тој беше вистински народен празник. Тој ден се собираше целото население од градовите и од селата и беа организирани црковни служби, чествување, игри веселби. Особено активно учество на тој празник земаше училишната младина, затоа што денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како ден на словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се прославува уште од моментот кога македонскиот народ почна да ја води својата борба за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден век и половина” – му напишал Влахов на Тито, нагласувајќи дека во Бугарија овој празник бил искористуван за големобугарската пропаганда.

Влахов, притоа нагласува дека во Македонија овој празник не се празнувал, поради што, меѓу интелигенцијата имало незадоволство во врска со тоа.

„Засега ние во Македонија не го прославуваме тој празник. Јас имав можност да ги слушнам одгласите, не многу поволни за нас, од старите прогресивни луѓе кои ефективно учествувале во прославувањето на денот на Кирил и Методиј. Сметам дека тој ден треба да се празнува како празник на словенската солидарност и братство”.

Влахов уште пишува дека празникот треба да се празнува најсвечено, така како што некогаш се правело, кога тие празнувања имале и пошироко значење.

„Посебно за Македонија тој ден треба да биде најсвечено поставен, да добие значење какво што имаше во времето кога ние Македонците се боревме против ропството на Фенерот и турските паши и султани за своето ослободување. И во Македонија тој ден, исто така, може да биде присутен и пожелно е да биде присутен. На таа свеченост треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле, туку би требало да учествуваат и нашите народни избраници на чело со нашата влада, со нашите народни претставници”.

На крајот од писмото Влахов го повикува Маршалот да најде време, да ја разгледа оваа сугестија и да се донесе решение „кое ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ”.

– Од писмото се гледа духот на времето кога е пишувано. Се бара празнување на празникот, но никаде не се споменува светата димензија на Кирил и Методиј. Дури тие и не се нарекуваат светители. Како и да е, можеме да кажеме дека празникот на светите браќа Кирил и Методиј има своја повеќевековна традиција во празнувањето кај македонскиот народ, вели професорот Китевски.

(93)

loading...

Вашиот коментар