loading...
loading…


| 13.09.2017. ОШТРЕЊЕ

Флеки, или дамки, како сакате – ама штом Ристо Лазаров го употребува зборот, немам дилеми во неговата точност – токму оние флеки од „намерно и несовесно раководење на државата“ (како што вели тој), ама кои што никако не можат да се исперат ни со „бабачки“ машини за перење флеки. Зашто нашиве десетгодишни флеки не се ни обични ниту пак вообичаени, тие се лочки, кажано народски, инкриминирачки маслосано-валкани траги на кожата на државата, на образот на многумина, но и на душите на сите оние кои беа сметани за неподобни, несоодветни, несакани, непријатни, па и, демек, непријателски настроени.

Овие вториве, оние кои не припаѓаа(т) на збиените редови на партиското злосторничко малцинство, се некако збунети, се’ уште воздржани, како да им фали поцврст ориентир во времето, па и во просторот, ако сакате, зашто целана онаа лочкосана булумента на партиски поддржувачи, следбеници, ракоплескачи и главоклимачи, па и оние кои, ете, и денес се онесвестуваат од зборовите на лидеро (баш и не мислам на детено, има такви и повозрасни од него), уште се тука, црвени и згоени – ене оној Цветко, „учитело“ по фискултура, уште сакал да добива 90.000 денари плата, Амди и понатаму коле и беси (стока де, ама сеедно) на улица – и како да никој ништо не им може?! Како да се’ уште не се знае кој добил, и што, на изборите, кој формирал влада, и кој и што прави во државава. Лочкосанине дебили распределени во дури десет „пратенички“ групи во Собранието се можеби и најмалиот проблем. Тие се веќе толку изрезилени што никому, или на сосема мал број идиоти од сличен калибар, им оставаат некаков впечаток. Ама останаа другите. Ене ви го оној – некојси „скот“ – кој не само што ги тера работниците да работат на државен празник, се разбира со амин на Владата, поранешна или сегашна, не се знае, туку уште и ги тужи да му платат оштета, цели три и кусур илјади евра за еден ден! Скот, и формално и фактички. И сега, флеката не знаеме каде е: кај оние минатите, или кај овие сегашниве? Кој на „скотот“ му дава такви права, или кој не му ги одзема(л)? Тоа што работничките самите си дале отказ, тоа ли ќе ја избрише лочката од образот на државата? Или можеби фактот дека „скотот“ ќе ја повлече тужбата, ама работничките ќе останат без работа? Та не сме белки толкави идиоти. И што ако „скотот“ го избркаме од државата, сосе бизнисот? Толку ли ќе осиромашиме? Навистина?! Или ќе сме дале „лош сигнал“ на меѓународниот „дуинг бизнис“? Па таков сигнал баш и треба да дадеме, на такви „скотови“. Тие не се за „дуинг бизнис“, тие се дерикожи! А и повееќе ќе остане за нашиве, од истата провениенција, оние „успешнине“ за кои „робинхудовскиот“ данок бил само убава приказна. Пази – успешни македонски бизнисмени! Па тоа е троен оксиморон!!!

Или како да ќе пропадне светов ако не го викнат оној „аналитичарон“ во емисија, оној кој за две-три години инкасирал повеќе од половина милион евра за „анализи“ и „истражувања“ на јавното мислење? Та немаме ли барем малку поумни – а од него имаме, сигурен сум, само треба да прошетаме низ Скопје, Битола, Кавадарци, Богданци … – и поефтини луѓе? И уште ли тој ќе ни продава памет, која што, патем, ниту ја има? Па колку треба(ше) во оваа држава за да видиме кој е кој, и што е што? Џабе и транспарентност, објави за грабеж преку картици и сите останати начини на пљачкосување државни пари ако тоа остане само забава за народ. Такви забави баш не ни недостасуваат. Ги гледавме десет години! И да е само „аналитичарон“, туку се повампируваат и секакви други бараби и битанги гледајќи го беневолентниот однос он нив? Луѓе без сработен ден во изминативе деценија и кусур – некакви божем „конзерваторки“, фотографчиња, писателчиња што им ги издавале химните на дилетантчињата – сите полека излегуваат од сенките и почнуваат да ни се поттураат како стручни за нешто. За што: за неработа, за махинации, за манипулации и подлизурковство? Еден сега надобуден „писател“, па уште и издавач – токму на една од контрацептивните химноспеви на некоја од оние партиски тутурутки – многу е загрижен за македонската култура и секој ден соли памет. Лочка. До вчера беа сраснати со злосторничкана дружина, лочкосани се од глава до петици, премачкани со сите маслени и акрилни бои. Ај што уште им даваат плати, ама да ги слушаме како „експерти“? Културата ни е се’ уште полна со химнописци и климоглавци, со неспособни и некадарни, со недоделкани профитери од сите провениенции. Во кој момент впрочем човек станува соучесник во крминалот? Кога директно учествува во него или кога само молчи за истиот, потполно свесен што и како се случува околу него? Да, тоа никој не успеал да го измери, велат, ама дали е баш така?

Мислам дека како општество се’ уште не сме доволно свесни што ни случувало во изминативе десет-единаесет години, какви и колкави се димензиите на лудилото спрострено низ сите пори на државата – особено таму каде што никако не би смеело да го има: во администрацијата, во образованието, културата, медиумите, економијата … дури и среде Владата со оние стотина (или колку и да се) суртуци што не доаѓале на работа! Како да се’ уште не ни е јасно дека оставањето на лочкосаните и црвосаните во здравото општествено ткиво е рамно на постапно самоубиство. Таа навидум мртва војска во распаѓање одвај чека да крене глава. Како во „Игра на тронови“. Впрочем, беше инсталирана во системот токму за тоа. Не пледирам дека јас сум еден од малкуте свесни или освестени, напротив – социјалните мрежи вријат од вакви и слични укажувања. Ниту пак мислам дека нештата можат да се расчистат преку ноќ. Напротив, ама некои – можат. Што вели Героски, тие што тврдат дека „не може“ – не знаат. Ниту знаеле. Знаеме и дека санацијата на целиот систем од штетите ќе трае барем двојно подолго од неговото траење, а некои нешта, или луѓе, никогаш нема да се отрезнат од лудилото. Силен збор? Можеби, но како и да го наречеме ова што се’ уште го гледаме и слушаме во јавниот простор, во крајната инстанца ќе се сведе на некаква форма на лудило. И голема, мрсна флека, лочка на кожата на државата.

Златко Теодосиевски

(19)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливада.мк
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

Tags:



22.09.2017. Мартин Богатиноски
Марјан Тодоровски
Ливада.мк

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • Mени