loading...
loading…
05.09.2017.Ливада.мк
13.09.2017.Ливада.мк


| 15.08.2017. ОШТРЕЊЕ

Минатата недела помина во знакот на неубави годишнини. Љуботен, Карпалак…И, несакајќи, се вратив 16 години назад, во летото кога моето единствено чедо наполни една година, кога ги очекувавме нејзините први чекори, кога таа прооде, но не во нејзиниот дом, туку во друг град, во туѓ дом…

На неколку дена од роденденот на мојата ќерка, во непосредна близина на мојот дом, се случуваа необјасниви работи, коишто ги проследив со мои очи, заедно со моето семејство и соседите. Секој со различна перцепција и толкување на случувањата. Од мојот двор се гледа патот што води од Љуботен до градот, поточно, патот до Бутел што не поминува низ Радишани туку од спротивната страна на селото и населбата. Дотогаш, автобусите до Љуботен се движеа низ Радишани. Оттогаш, веќе не поминуваат низ населбата и низ Љубанци. Се движат низ патот на ридот што се гледа од мојот двор. На истиот пат на којшто едно цело попладне и цела ноќ, ги гледавме луѓето – жителите од Љуботен, како се движат кон градот, избркани од своите домови. Некое време ни се изгубија од вид, за подоцна, пак да се појават. Полициската патрола на влезот на Бутел не ги пуштила да поминат. Цела ноќ останаа на патот, и од време-навреме, оттаму се гледаше некаква светлост, најверојатно од запалки или ќибрити, или можеби и некој се сетил да земе свеќа во бегањето.

Најинтересно, или најтажно беше што соседите нè повикаа да ги гледаме „терористите“ како бегаат, и како еден терорист скока како зајак, не – на патот, туку под патот, на ридот. Одеднаш, терористот не мрдаше веќе. Постојат две-три верзии за неговото инстантно мирување, но сега нема да ги елаборирам. Ќе ви раскажам што нѝ велеа соседите со коишто заедно го гледавме „филмот“ што се одвиваше на патот којшто се гледаше од нашето маало: „Ќе ги избркамо сви, маму им њину терористичку, има све да ги утепамо, ако се вратив некад у село„, „Море нека идев од куде са дошле„, (дел од нашите соседи потекнуваат од селата крај Свети Николе). Најстрашни беа изразите на нивните лица, и крвничкиот сјај во очите.

Уште пострашно беше тоа што нè повикуваа да гледаме заедно, и да ги слушаме нивните бесрамно ниски „триумфални“ и нечовечни изблици. На коишто јас изреагирав, а татко ми ме тргна настрана, и ме посоветува да не се огласувам, туку да си влезам дома и да не обрнувам внимание на нив. Не влегов, молчев, но гледав… И плачев. По неколку дена, дојдоа од семејството на мојот сопруг, во паника, без објаснување, и нè собраа ќерка ми и мене, по влечки, оставајќи ми минимум време да соберам малку алишта за детето, и нè однесоа надвор од државата. До ден-денешен не можам да си простам што отидов, ним им простив што ме тргнаа од домот, затоа што беа преплашени. Јас не бев.

Бев гневна. Гневна на тие што се качија на планини, во мое име да војуваат за нешто што ми припаѓа со самото мое постоење и на тие што не ми го признаваат моето постоење, со тоа што сакаат да ми го одземат моето основно право, на сите тие што се осмелија да одземат животи во име на цел еден народ, биле тоа бранители или „учк“-и. Никогаш не сфатив кого точно бранеа бранителите, и за што, всушност, се бореа „учк“-ите. Сфатив дека тие што наивно веруваа во некаква борба за правдина, и што се качија по планини од идеалистичко-романтични причини, ги нема никаде. Таму каде што се, гладуваат, во име на правдината, а некои и не се гладни, хранат црви под земја.

А во нивно име владеат „команданти“, сè уште. Сфатив дека многу бранители тргнале во „одбрана“ на татковината за неколку илјади денари повисока плата. А еден куршум чинеше 2 евра. Човечки живот – за две евра…

По два месеца се вративме, соседите чудно молчеа. Населбата чудно молчеше, сè беше чудно. Дознав дека моите соседи, тогашни и сегашни, со коишто моите родители секојдневно пијат кафе и се грижат едни за други, како да се најблиски роднини, биле членови на организирана група што тргнале да ни ја запалат куќата. А во намерата ги спречил еден нов сосед, вмровец, тогашен и сегашен. Како тоа, тргнале да ја палат куќата на човекот за кој секогаш зборувале во суперлатив, и од чиј бунар си ги изградиле куќите?! Сè уште не знаеме кои биле останатите членови на групата, веќе не е ни важно. Како што сè уште не знаеме точно што се случило на Карпалак, и зошто не се поведе детална истрага за грозоморните убиства на луѓето што верувале дека ја бранат татковината. Сè уште не знаеме уште многу работи. Но, сè уште веруваме во херои. Секој во својот, додека заедно пиеме кафе или пиво и си евоцираме спомени, речиси секогаш туѓи. Ако ги нема, ќе ги измислиме, неделно по еден. За да имаме со што да се маваме по гради.

Ова е само една од мноштвото перцепции и ретроспективи меѓу нас, живите. А за мртвите, сè најдобро.

Диана Тахири – www.civilmedia.mk

(141)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливада.мк
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

Tags:



22.09.2017. Марјан Тодоровски
Мартин Богатиноски
Ливада.мк

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • Mени