ЕУ против Полска ја активираше нуклеарната опција, опција која беше воспоставена со надеж дека самиот нејзин драконски карактер ќе ги одврати однесувањата кои би ја провоцирале. Европа смета дека полските власти на недопустив начин сaкаат да го седнат судството во скут, а полските десничари возвраќаат: Кое судство, она комуњарите?

За прв пат од постоењето на Европската унија, Брисел ја активираше тн „нуклеарна опција“ – како што во политички жаргон се нарекува членот 7 од Лисабонскиот договор со кој на Полска ѝ се заканува одземање на правото на глас во ЕУ и финансиски казни. Одлуката на Европската комисија беше наречена „црн ден за ЕУ“, бидејќи драконскиот член 7 беше воспоставен за всушност да се избегне потребата од неговото користење. Полската влада тврдоглаво застана зад контроверзната намера да го реструктуира правосудниот систем со што суштински ги стави судовите под контрола на владејачката партија. Брисел ја обвини Варшава дека се обидува да ги поткопа клучните демократски вредности на Унијата. Пркосејќи ѝ на ваквата одлука на ЕК, само неколку часа по нејзиното објавување, полскиот претседател Анджеј Дуда ги потпиша законите.

Сепак, ова е нација која сака да остане со Запад, пишува Њујорк тајмс. Иако владејачката партија ги критикуваше официјалните претставници на Европската унија во Брисел како елитисти кои се однесуваат патронски, таа се потпира на финансиската поддршка што ја носи членството во Унијата и продолжува да ги продлабочува воените врски со другите земји на НАТО.

 
 

Но, не само што пркосењето ја доведе во прашање насоката на полската демократија, туку ова практично е предизвик за самата идеја како ЕУ ефикасно може да се справи со земјите кои отстапуваат од зацртаната линија. Ако Брисел не успее да го спречи она што го гледа како однесување кое ги поткопува демократските вредности во Полска, ќе бидат охрабрени и други држави со популистички лидери, како Чешка и Романија.

Полскиот спор со Европската унија е комплексен, и типично полски.

  
 

Корените на кризата датираат од 1989 година, кога Полска прва од Источниот блок делумно имаше слободни избори, по неколку децениска жестока и често смртоносна борба за слобода. Беа потребни уште осум години да се создаде устав, за кој Марчин Мачак, професор по уставно право на универзитетот во Варшава, рече дека е „донесен во пост-тоталитарна траума”.

„Постоеше голем страв дека владата може да биде премногу силна и дека ќе се вратиме во старите времиња“, вели тој. „Дури и преамбулата на нашиот Устав вели така. Се сеќаваме на времето кога нашите човекови права беа прекршувани“.

Една од најважните одредби беше јасното одвојување на власта меѓу судовите и политичарите. Но, кога Уставот беше донесен во 1997 година, не беше застапена ниту една десничарска партија, вклучително и претходниците на сегашната владејачка Партија за правото и правдата.

 
loading...
 

„Тие одбија да му дадат легитимитет на Уставот“, вели Мачак, кој е жесток противник на легислативата потпишана од Дуда. Според него овој кусок на инклузија доведе до огорченост и сè уште ја жести владејачката партија и нејзиниот моќен водач Јарослав Качински.

За други пак, денешните проблеми произлегуваат уште од првите години на полската демократија.

„Кога некој ми кажува дека го уништуваме судството, велам: ‘Кое судство?“, вели Игор Јанке, поранешен новинар кој сега е на чело на тинк тенкот Институт за слобода. Тој тврди дека во 1990-тите, многу од оние кои беа одговорни за злосторствата против полскиот народ ѝ избегале на правдата. Тој ги нарекува „црвени пајаци“.

Црвените пајаци одгледаа повеќе црвени пајаци, и иако само двајца од вкупно 80 судии во Врховниот суд имаат врски што датираат од советската ера, нивното влијание сè уште се чувствува, вели тој.

Кога Партијата на правото и правдата кусо време беше на власт од 2005 до 2007 година, нејзиниот водач Качински на секој чекор имаше проблеми со судовите. Кога партијата подоцна повторно ја освои власта, Качински се врати помудар и не сакаше да ги направи истите грешки, па почна да презема дејства за да ги отстрани опструкциите.

Првиот потег беше да го демонтира Уставниот суд кој е овластен да ги ревидира полските закони. Несоодветните судии беа отстранети со што, како што вели Мачак, некогаш моќното тело стана небитно.

Според Мачак, внимателното читање на новите закони ја покажува нивната вистинска намера.

„Целата идеја зад овие закони е да се воспостави целосна контрола врз националниот судски совет, кој има контрола врз назначувањето судии. Ако имате контрола над комисијата за избор, потребни ви се слободни работни места“, вели тој, додавајќи дека следниот чекор на владата би можел да биде потчинетиот судски систем да се искористи против старите непријатели и политичките ривали.

Мачак ја посочува и новата одредба која дозволува т.н. посебна вонредна жалба, што во суштина ќе овозможи секој случај во изминатите 20 години да биде повторно отворен. Тоа во наредните три години може да резултира со над еден милион повторно отворени случаи.

Мачак исто така стравува дека Качински и неговата партија планираат да создадат „четврта република“ – која ќе се темели врз конзервативни вредности и исчистена од штетните непријатели кои датираат од комунистичката ера.

За сега, реакциите надвор од Европската унија се прилично тивки.

Само еден ден откако предложените прописи станаа закон, новиот премиер на Полска, Матеуш Моравјецки, стоеше рамо до рамо во Варшава со британската премиерка Тереза Меј, при што објави нов договор за одбрана, и се заложи за заштита на правата на еден милион Полјаци во Велика Британија, откако таа ќе ја напушти ЕУ.

Премиерката Меј го заобиколи прашањето околу битката за судовите. „Овие уставни прашања се нормални и првенствено треба да бидат предмет на засегнатата земја“, рече таа, изразувајќи надеж дека преговорите со Брисел ќе ги решат сите отворени прашања.

САД исто така избегнуваа да ја критикуваат Полска. Кога Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство го осуди признавањето на Ерусалим како главен град на Израел, Полска беше дел од американските сојузници кои беа воздржани.

(0)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливадџија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени