| 14.09.2017. ПО ДОМА

После Големиот потоп, одбраните чеда на Креаторот решиле да направат свој град во земјата Синар. Сите луѓе биле сложни и зборувале еден јазик. Се договориле во градот Вавилон да направат кула која ќе била толку висока што ќе можеле да се искачат до Рајот на небесата. Креаторот го забележал тоа и не му се допаднала идејата. Веројатно сметал дека е исклучително дрско, еднаш протераните од Рајот, на ваков начин да му се прошверцуваат по белите облаци. По втор пат, ги казнил оние кои ги создал за да им го покаже вистинското место. Како ги казнил? Им го одзел најсилното оружје и орудие – разбирачката. Ги раселил по светот и, од тогаш, сите зборуваме различни јазици. Така велат светите книги.

Постојат бројни обиди за надминување на оваа библиска грешка. Кон крајот на XIX век, Лудвиг Замехов го создава меѓународниот јазик Еsperanto (надежен). Од истиот јазик, после дваесеттина години, се формира Ido (поколение). Врз база на западноевропските јазици, нешто подоцна, предложен е Interlingua (меѓујазик) односно, поедноставена варијанта на латинскиот јазик. Впрочем, припадниците на животинското и растителното царство се опишани, исто така, на латински. Не верувам дека некој колега од Норвешка, Јапонија или Бразил ќе ме разбере ако му кажам дека компирот ми го нападнала компирова златица. Меѓутоа, ако им напишам Solanum tuberosum L. и Coccinella decemlineata – веќе зборуваме ист јазик.

Најмала грешка при комуникацијата во авио-сообраќајот може да доведе до фатални последици. Од тие причини, на глобално ниво, решено е пилотите да комуницираат на леталото и со контролата на летање на англиски јазик. Иако ова правило е воведено во 1951 година, дури во 2008 години, употребата на англискиот јазик станува задолжителна за пилотите и за контролорите на летови.

 
 

Тоа е светот, а ова е Македонија.

Во мојата Македонија, здраво се трудиме да не се разбереме. Во мојата Македонија секогаш наоѓаме причина да се напикаме по ровови за да се повлечеме или за да нападнеме. Оџите и камбаните се надгласуваат. Едните се за некого прегласни, вторите се за некого иритирачки. Баклавите се преслатки, а велигденските јајца се прецрвени. Се потсмеваме на нечиј изговор, иако се потрудил да зборува втор, немајчин јазик, а својот го загорчивме со пцости и клетви. Во оваа убава земја, мислиме дека законите постојат за да се загрозат едни и да се заштитат други. Трети, четврти или петти – нема. Што не ни пречи и за нив да направиме закони. Во оваа земја, законите станаа предизборна паричка во безнадежните обиди да го нагласиме она што не’ разликува, а да го потцениме она што не’ спојува.

А, можеше Македонија да стане кула Вавилонска. Само ако сакавме да се разбереме. Ќе сакаме ли?

  
 

(72)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Гордана Попсимонова
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени