| 17.10.2017. ПО ДОМА

Во 2009 влегов во партиска политика со една и единствена цел: пораз на политиките на Никола Груевски. Некои тоа подоцна го нарекуваа „груевизам“ (како пара-идеолошка одредница за авторитарни политички практики), некои фашизам, некои режим… И јас, иако ретко, понекогаш не можев да оддолеам на таквите епитети, веројатно понесен од жарот и поларизираноста на меѓу-партиската битка. 2009 година за мене беше еден вид на мое лично продолжување на политиката со други средства. Бидејќи, уште од почетокот на 2007, кога навистина малкумина го препознаа или го артикулираа поведението на Никола Груевски, јас љубоморно ги чувам пишаните документи, анализи и јавни настапи кои сведочат за таа моја „опсесија“.

Денес, после цели 11 години, со доза на самољубие, можам да кажам дека целта е остварена: Никола Груевски, и сето она што тој лично го претставуваше, е заминат. Неговата мрачна сенка уште долго ќе виси над Републиката, како што и некои други сенки во други држави сè уште демнат, а некои добиваат и сопствено воскреснување.

Во моите речиси 5 години активна политика, доживеав само порази (2011 на парламентарните избори, 2013 на локалните избори, и 2014 повторно на парламентарните и на претседателските избори). Тоа не беа мои лични порази, бидејќи јас бев свој на своето, со мирна совест дека се борам против нешто за што длабоко и жестоко верував дека не може да биде добро за мојата држава. Откако по своја волја заминав од активна политика, во сплет на невидени политички околности, СДСМ почна да победува, а Никола Груевски го демнеше речиси сигурна политичка пропаст, пропаст која многумина ја релативизираа но не и јас.

 
 

Можам да кажам, не без доза на бенигна иронија, дека од сите мои порази, овој последниов, на локалните избори на 15 октомври, ми е најдраг. Бидејќи деновиве, после цели 11 години, си ја исполнив лично зацртаната цел уште во 2007 година: дека ова што ѝ се случува(ше) на државата не беше добро и не можеше никако да биде добро за никого и дека секој од нас лично мораше нешто да направи. И во тоа имам несомнено чувство на задоволство, иако прилично одложено и исполнето со многу попатна горчина.

„Свој на своето“ исто така значи дека никогаш ништо не сум направил за да се компромитира борбата против Никола Груевски, иако тука не сум ги ставал во иста кошница поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои сум верувал дека веруваат во нешто и дека тоа „нешто“ немаме право да им го одземеме. Тоа го знаат сите мои блиски, но и сите останати кои макар бегло ме познаваат мене и моите принципи на делување и размислување.

На сегашната власт не можам нешто премногу да ѝ помогнам, таа ги има сите ресурси на располагање да си помогне самата себеси. Тоа ќе биде долг и трнлив пат кој никој не може да предвиди како ќе заврши. Она што можам да го правам, и ќе го правам, е да се борам ваквото ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски никогаш повеќе да не дојде на власт, без разлика дали ќе се нарекува ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ или нешто друго. Ако ваквото отежнување или оневозможување на враќањето на „груевизмот“ во било каква форма се смета како помош, тогаш во ред. Ако се смета како одмагање, толку полошо за тие што го сметаат така.

  
 

Вчера беше навистина голем ден, Никола Груевски заминува од политика, најверојатно и од јавноста. За повеќе од тоа апелирам да се спуштат очекувањата, бидејќи од нив (очекувањата) најмалку ќе зависат идните процеси. Ова е голем ден и за поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. И тие треба да здивнат, иако им претстои тежок и турбулентен период. Период во кој, доколку навистина имаат родољубие во себе, изразени национални сентименти и различен поглед на светот од оној на социјалдемократите, ќе треба со цела сила да го отфрлат тешкото бреме кое им го наметна Никола Груевски. Тоа нема да им биде лесно, и ќе треба да се обидеме, со сета нескромност и можност за погрешно толкување, да им помогнеме во тоа, бидејќи помош ќе ни треба, и нам и ним.

Тешките поделби со кои се соочивме изминативе 11 години ќе мора да почнат да се санираат, во ситуација кога речиси сите општествени мостови отидоа низводно. Оваа херојска задача, под големиот товар на неочекуваната огромна победа, пред сè ќе ѝ припадне на власта, а потоа на останатите општествени чинители.

Гордан Георгиев

 
loading...
 

(631)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливадџија
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени