| 11.10.2017. ПО ДОМА

Народот ги избира и ги создава своите идоли. Било тоа да се филмски или спортски ѕвезди. Политичари, хуманисти или револуционери од типот на Че. На Мартин Лутер Кинг. На мајка Тереза.

На некои, од љубов, од почит, или од воодушевеност, портретите им ги носат на делови од облеката, на други, во срцата. Секако, тоа не е грев. Не е морален престап или е продукт на отсуство на вредносен критериум, како што сакаат да коментираат некои типови кои ја кршат кората на јајцето, не за да видат колку е тоа свежо, калорично, или колку е квалитетна неговата жолчка, туку со тенденција по секоја цена во неа да најдат влакно. Ако го нема, ќе го произведат и од него ќе направат руно. А, потоа, ќе предат, ќе плетат, ќе везат, ќе ткаат, се додека од себе не ја исфрлат последната капка жолч.

Има луѓе од светската, но и о домашната политичка сцена кон кои, перцепирајќи ја нивната нестандардна менталност, негуваме чувство на омраза. На осуда. На крајот од краиштата, тоа е неминовна специфика на функциите на нашиот емотивен живот, кој носи, пред се, индивидуален, а потоа и масовен белег.

 
 

Не е грев, а уште помалку треба да се толкува како мисловен дефект, или морална слабост потегот на индивидуа која јавно го демонстрира избликот на својата воодушевеност од постапките на другиот. За сограѓанин или сонародник, чии човечки перформанси импресионираат до восклик. Со тоа, ние не градиме култ. Не возвишуваме виртуелна вредност, туку вообличуваме егземплар на единка со исклучителни морални човечки вредносни, која треба да се следи. На која може безрезервно да и се верува. Која ги отсликува нашите претстави за димензиите на вистинските човечки доблести.

Кому му пречи, на пример, навестот дека по еднодеценискиот режимски кошмар, во човек од верба и доверба прераснува Зоран Заев. Зарем до таа мера е сурнисана нашата генетска структура за да немаме примерок кој во себе носи, гледано низ призмата на довчерашната македонска реалност, нетипични морални вредности, најнапред на човек, а потоа на лидер, кој отстапува од прототиповите, проектирани од актерите на претходната режимска братија, главно, експоненти на екстремното зло. Егземплари подложни на злосторништва, измами и криминали. Кои за кусо време ги покажаа сите вештини на џелатење на сопствениот народ и анархично демонтирање на стожерните материјални вредности и национални симболи на државата. Поведение надвор од секоја нормалност, кое не се вклопува во ниту еден демократски цивилизациски систем.

Одвратно дегутантна е тенденцијата, здраворазумниот став или суд, кој, анатомски гледано, би требало да е својствен на секоја човечка ментална зрелост, да се заменува со дрзок критизерски цинизам, континуирано адресиран кон една личност или една идеолошка матрица. И секогаш перцепиран низ тешко деформирана диоптриска справа и и главно од лични коњуктурни мотиви. Зарем не е евидентно дека нашите човечки вредности се жртви на нашата плиткоумна еуфоричност и некритичност. Ги фрламе како безвреден сувенир хероите од фронтовите кои ја втемелија државноста на нашата татковина. Ги сквернавиме столбните имиња на националната култура и наука. Политички дилетанти, полуписмени идиоти, белосветск шарлатани и криминалци, поради нашата сервилност и апатичност, беа воспримани како култни величини. Врз вистинските национални вредности, токму тие го изведоа масовниот отстрел.

  
 

(30)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Бошко Нацевски
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени