Брат за брат, сирење за долг живот

Бидејќи за многумина се приближува „денот на ајварот“, да ја олабавиме и последната евентуална секирација околу тоа: и сирење, слободно.

Двојна доза од моментално препорачаните дневни количини млечни производи може сериозно да го намали ризикот од срцеви заболувања и инфаркт, вели скорешна студија објавена во магазинот Лансет. Резултатите се темелат на анализа на прехранбените навики на 130.000 луѓе од 21 држава, на возраст од 35 до 70 години.

 
 

Ваквите сознанија се особено значајни ако се земе предвид дека сериозни професори сметаат дека студијата има потенцијал да ги смени важечките официјални препораки за дневен внес на млечни производи.

„Овие резултати додаваат сериозна тежина на аргументите дека заситените масти од млекото и млечните производи не се поврзани со зголемени кардиоваскуларни ризици, како што е тоа случај со други извори на такви масти“, вели професор Јан Гивенс, кој предава нутриционизам на англискиот Ридинг Универзитет.

  
 

Една претходна студија од 2015 година уверливо сведочеше за бенефитите од млечните производи во поглед на мускуло-скелетните заболувања. Според неа, дури и оние кои се нетолерантни на лактоза не мора круто и засекогаш да се откажат од сите млечни производи, особено не од јогуртот и тврдите сирења.

А добрата стара „чаша млеко“ е рехабилитирана пред 8 години, кога врз основа на податоци на 4.000 возрасни лица е утврдено дека полномасното млеко помага во превенција на дијабетес од типот 2 и е цврсто линкувано со пониски нивоа на холестерол и пониска отпорност на инсулин.

 

(5)

loading...

Вашиот коментар