Вакцинирање: ЗА или ПРОТИВ – што велат родителите

Родителите се со поделени мислења кога станува збор за вакцинирањето на своите деца. Во секој случај, секој е во дилема, дали да го вакцинира детето или не.

На социјалните мрежи, како и по интернет форумите постојано се пишува на оваа тема, која е посебно актуелна во последните години.

 
 

И стручните лица се со поделени мислења. Еве што велат родителите, споделувајќи свои мислења по разни форуми:

     – После многу размислување, читање, трагање по информации, и се разбира неколку разгвори со различни типови на лекари, јас и сопругот одлучивме да ги поштедиме нашите деца од вакцинирање, и со тоа го заземавме ставот дека по никој основ ( дури и судски ) нема да дозволиме нашите деца да примат вакцина. 

  
 

Бев спремен да се акам и по судови за истово, да плаќам казни, но сепак да не дозволам да им се збрцаат тие ( за нас ) отрови.

Го читав и законот за здравствена заштита ( го имате на www.pravo.org.mk ) и видов дека казниво е да не се примат вакцини само поради негрижа кон детето, што во мојот случај не е така. Изјавата која ја напишав помина кај контролата на инспекторите. Истата изјава ја дадов и за керка ми кога прв пат ја заведовме кај педијатарот

После породувањето на керка ми во Државна, маж ми потпиша дека детето не сака да биде вакцинирано. И толку.

Морам да кажам дека многу од пријателите, ( да не кажам другите ) не гледаа со чудење, некаде се обидував да објаснам а некаде не се ни трудев. Во моето размислување стои дека тоа го правам за доброто на моите најмили и дека никој нема да ме поколеба.

     – Јас не сум ни за ни против вакцините. Синот е вакциниран со сите вацини, и во времето кога требаше да се вакцинира не беше толку актуелно не вакцинирањето на деца, па така како му доаѓаше ред за вакцина ја примаше ( и пред некое врме во школо прими вакцина). Всушност никогаш и не сум размислувала за вакцините како нешто лошо, веројатно не сум била упатена во нивниот состав.

     – Не знам што да мислам, оваа тема стана толку актуелна, чудо едно. Колку повеќе читаме толку станува уште понејасно…Милион пати сум се прашала дали кога ќе имам дете ќе го вакцинирам. Во разговор до други мајки сите се на исто мислење. А станува збор сепак за образовани жени, кои се во тек.

     – Нормално дека ќе го вакцинирам моето дете здравје боже, тоа е нешто што секоја мајка треба да го направи според мене. Едно е што пишува на интернет и што се мота по социјалните мрежи, докторите и стручните лица никој не ги слуша изгледа. Греота е да се ризикува здравјето на детето заради недокажани работи.

Иако спроведувањето на задолжителната имунизација во Република Македонија со години и децении наназад бележи висок опфат од околу 95 отсто за поголемиот број вакцини, во последниве неколку години, бројот на родители што одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца сѐ повеќе се зголемува. Конкретно, ревакцинација под 95% е регистрирана за следниве вакцини: Ди-Ти-Пер I, Ди-Ти-Пер II и Ди-Ти IV, кои соодветно имаат опфат од 93,2%, 93,5% и 93,8%. Покрај тоа, во нагорна линија се движи и бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата со вакцината МРП, која се дава за заштита на децата од морбили, рубеола и заушки, бидејќи, како што велат, ја поврзуваат со сѐ поголем број случаи на деца со аутизам.

Лекарите сметаат дека антиимунизациското лоби во светот зазема сѐ поголем замав, поради што треба да се преземат сериозни мерки на глобално ниво за да се намали овој тренд, а сѐ со цел, како што велат, да не се случи повторно да се појават некои болести, од кои во минатото имало огромен број смртни случаи.

Инаку, според член 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести, кој се однесува на имунопрофилакса и хемиопрофилакса, вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатит и хуман папилома вирус (ХПВ). Во согласност со овој закон, односно во согласност со член 67 од Законот за заштита на населението од заразни болести, доколку родител односно старател одбие да го вакцинира своето дете, ќе му се изрече глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност.

(77)

loading...

Вашиот коментар