Како да препознаете сончаница и топлотен удар пред да биде доцна?

Кога температурата на воздухот е над 32 степени, прекумерната изложеност на сонце може да има штетни последици по здравјето.

Лекарите предупредуваат дека сончаницата е многу чест проблем во овој период, и дека може да предизвика сериозни компликации. Главоболка, мачнина, вртоглавица, повраќање – ова се знаците за узбуна, посебно кај децата, лицата со хронични заболувања, и постарите лица, и доколку ги забележите потребно е веднаш да се јавите на лекар.

 
 

Симптоми на сончаница
Ако сте минале повеќе часа на сонце без адекватна заштита, постои голема опасност да добиете сончаница. Оваа состојба почнува со силна главоболка и покачување на телесната температура, а често се јавува поспаност, вртоглавица, и зуење во ушите. Кај младите кои долго се сончаат, чести симптоми се умор и омалаксаност, а кај постарите може да дојде и до губење на свеста.

Симптоми на топлотен удар
Топлотниот удар настанува не само поради прекумерна изложеност на сонце, туку и поради влажниот воздух. Ова претставува посебна опасност за вработените во пекари и кујни. Треба да се избегнува и возење во прегреан автомобил и јавен превоз.

  
 

„Топлотниот удар настанува кога телото се прегрева во релативно краток временски рок. Симптомите се покачена телесна температура, слабост, топла и сува кожа, забрзан пулс и дишење, низок крвен притисок, вртоглавица, главоболка, повраќање, губење на свеста“ – велат лекарите.

Посебно загрозени се постарите лица, децата, трудниците, и лицата со кардиоваскуларни болести, лицата со дијабетес, и други хронични болести. Подеднакво се под ризик од топлотен удар и оние кои работат на отворено, и оние кои работат во неадекватно проветрени простории.

Поблаг облик на топлотниот удар е топлотна исцрпеност, која најчесто настанува по претерана физичка активност на висока температура. Се манифестира со зголемено потење, грчеви во мускулите, главоболка, намалување на крвниот притисок, и омалаксаност.

Како да се заштитите од сончаница и топлотен удар?
За да не дојде до овие опасни состојби, и да го зачувате своето здравје, придржувајте се до следниве совети од лекарите:
1. Тргнете се од сонце. Не се изложувајте на жештината, посебно од 10 до 17 часот кога сонцето е најсилно.
2. Избегнувајте напорна физичка работа. Оние кои мораат тоа да го прават, нека го прават рано наутро (од 4 до 7 часот)
3. Носете лесна и широка облека со светли бои.
4. Носете шешир и наочари за сонце.
5. Оладете го телото со млак туш.
6. Редовно внесувајте течности, највеќе вода.
7. Избегнувајте алкохол, газирани пијалоци, и пијалоци со висока содржина на кофеин.
8. Јадете помали оброци почесто. Избегнувајте пржена и масна храна, а внесувајте повеќе зеленчук и овошје.
9. Разладете ги домашните простории, и гледајте да не надминат 30 степени во текот на денот, односно 24 степени во текот на ноќта.
10. Доколку немате клима уред, рано наутро отворете ги сите врати и прозори за да домот да се проветрее и разлади, а потоа затворете ги сите ролетни од каде што доаѓа сонцето.
11. Внимавајте кога влегувате во возило кое стоело на сонце. Пред влегување, отворете ги сите врати и почекајте неколку минути да се проветрее.

Прва помош кај сончаница:
Веднаш тргнете се од сонце, по можност во климатизирана просторија, или барем во затемнета и проветреана соба. Истуширајте се со млака вода, или ставете ладни облоги на челото и вратот. Пијте течности, но не наеднаш, туку повеќе мали голтки. Задолжителен одмор до крајот на денот, а утредента никако излегување на сонце.

Ако проблемите продолжат или се влошуваат, задолжително јавете се на лекар. Покрај тешкиот облик на сончаница, понекогаш знае да се провлече и почеток на некоја друга болест, како вирусна или бактериска инфекција, па помош од стручно лице е неопходна.

Прва помош кај топлотна исцрпеност
Задолжително тргање од сонце, по можност во ладна и темна просторија, и отстранување на што повеќе алишта. Млак туш или ладни облоги на вратот и челото.

Прва помош кај топлотен удар
Доколку се сомневате на топлотен удар, веднаш повикајте брза помош или отидете во најблиската здравствена установа.

Доколку здравствените служби не се достапни или им е потребно повеќе време, тргнете се од сонце, и соблечете што е можно повеќе слоеви од вас. Истуширајте се со ладна, но не преладна вода. Доколку тоа не е можно, застанете на провев или пред вентилатор. Доколку сте во можност, пијте што повеќе течности.

По закрепнувањето од топлотен удар, во наредните недели нормално е да имате зголемена осетливост на високи температури. Најдобро е да избегнувате излегување надвор и физичка активност, се додека не добиете дозвола за тоа од лекар.

(54)

loading...

Вашиот коментар