Намирниците денеска се помалку хранливи од некогашните

Овошјето и зеленчукот кои денеска се продаваат во Канада и во САД содржат многу помалку нутриенти отколку што содржеле во 50-тите години, утврдила анализата која ја спровеле The Globe and Mail  и CTV News споредувајќи ги нутритивните таблици на некогашната и сегашната храна.

За да ја направат анализата, истражувачите ги прегледале табелите на нутритивните вредности на намирниците кои ги подготвиле државните институции на Канада во 1951, 1972. и 1999. година и ја споредиле количината на нутриенти во 100 грама од дадена намирница некогаш и сега.
Произлегло дека, на пример, компирот изгубил 100% од својата содржина на витамин А, 57% витамин Ц и железо, и 28% од содржината на калциум. Исто така, изгубил 50% од содржината на рибофлавин и 18% тиамин.

 
 

Од седум клучни нутриенти кои се споредувани некогаш и сега, единствено се зголемила содржината на ниацин. Сличен бил случајот со уште 25 видови овошје и зеленчук кои биле анализирани.

Еден од најголемите губитници биле брокулите, кои инаку се нагласуваат како задолжителна намирница за здрава исхрана. Количината на сите седум нутриенти во брокулите кои биле споредувани денеска се намалила – најмногу калциумот кој опаднал за 63%, и железото кое опаднало за 34%. Иронично е тоа што брокулите често се наведуваат како извонреден извор токму на калциум и железо.

  
 

Што значи тоа практично? На пример, денешен жител на Канада би требало да изеде 8 портокали за да добие иста количина на витамин А, како што неговиот дедо можел да добие само од еден портокал. Исто така, би требало да изеде 5 портокали за да добие иста количина железо којашто порано се добивала од само еден портокал.

Агрономот и професор на Земјоделскиот факултет во Нова Шкотска, Фил Вормен, прокоментирал дека нема сомнение дека нутритивната содржина на денешните намирници е поинаква, заради инсистирањето на тоа да се произведе ефтина храна.

Др.Вормен вели дека земјоделските култури се одгледуваат така за да имаат повеќе приноси, да бидат отпорни на болести и да изгледаат поубаво однадвор, но многу малку или воопшто не се води сметка за тоа колку витамини или минерали содржат. А тоа е, како што вели др.Вормен, загрижувачки, затоа што изгледот не е тоа што им дава вредност на овошјето и зеленчукот, туку тоа го прават нутриентите што ги содржат.

До слични резултати дошла и американската организација The Organic Center, која го испитала опаѓањето на нутриентите во храната во САД, особено во овошјето, зеленчукот и житарките. Тоа истражување констатирало опаѓање на нутриентите како железото, цинкот, калциумот, витаминот Ц и другите во земјоделските култури, до 25% истовремено со тоа како нивните приноси се дуплирале.

„Тактиката што ја користат фармерите за да ги зголемат приносите – вклучувајќи многу мала разлика помеѓу билките и широко распространетата употреба на вештачки ѓубрива, наводнување и пестициди создава крупни билки кои брзо растат, но не впиваат соодветна количина од бројните нутриенти од земјата“, се констарира во тој извештај.

Веројатно се прашувате дали е така и кај нас? Иако не е направено никакво истражување од тој вид, многу е веројатно дека овие заклучоци важат и за домашните земјоделски производи, само прашањето е во која мерка.

(12)

loading...

Вашиот коментар