Европа гори: Зошто „полуде“ времето?

Северната хемисфера доживува превисоки температури и бројни пожари, а климатските промени не се единствена причина за тоа, предупредува „The Guardian“.

Минатата недела во Шведска е издаден невообичаен повик за меѓународна помош, за спречување на се поголемиот број на пожари, кои во последните неколку дена стануваат почести во оваа земја.

 
 

Ширум северната хемисфера, во Северна Америка, на Арктикот, Северна Европа и Африка, забележани се рекордно високи температури.

  
 

Метеоролошката станица во Алижир во Сахара, измери температура од 51,3 степени Целзиусови, што е највисоката температура некогаш забележана во Африка.

Во Јапонија, каде температурите достигнаа 40 степени, луѓето се повикани да преземат мерки на претпазливост, откако бројот на мртви од топлотниот бран е поголем од 30, а илјадници луѓе се сместени во болници.

Во Калифорнија е зголемена употребата на клима уреди, до таа мерка што дојде до снемување на струја.

Меѓутоа, како што пишува „The Guardian“, веројатно и најголемо влијание од пеколните горештини оваа година, може да се почувствува во Канада, каде температурите во период од 18 дена во Торонто, беа над 30 степени Целзиусови.

Научниците пренесуваат дека оваа година, на Земјата дојде до поклопување на повеќе фактори, кои се толку моќни, што дури ја надминуваат и силата на климатските фактори.

Неколку десетици луѓе, како резултат на големиот топлотен бран, го загубија животот во Монтреал, додека во Велика Британија исто така се забележани рекордно високи темптератури.

Од друга страна, најновиот биланс на мртви од пожарите во Грција изнесува 50.

Во што е всушност проблемот?
Поголемиот дел од научниците укажуваат на низа на фактори поврзани со глобалното затоплување, но други предупредуваат дека постои и нешто повеќе.

„Последните неколку недели се измерени екстремно високи температури. Сепак, не треба да се преценуваат и можностите на климатските фактори, бидејќи е јасно дека постојат и други влијанија“, вели Дан Мичел од Бристолскиот универзитет.

Еден од факторите е струјниот тек, јадрото на силни ветрови, на осум до 11 километри над површината на Земјата, кои дуваат од запад кон исток, и управуваат со временските услови ширум светот.

Кога се интензивни, тие ветрови носат големи бури, а кога се слаби носат мирни денови, и тоа се случува во моментот.

Други фактори, кои ги создаваат метеоролошките услови и кои доведуваат до вакви пеколни горештини, опфаќаат низа од значајни промени во температурата на површината на морето во северниот Атлантик.

„Ова е дел од феномен познат како атлантска повеќедецениска осцилација. Всушност, ситуацијата е слична со онаа од 1976 година, кога имавме слични температури на Атлантикот и непроменлив стурен тек. И секако оваа година преовладуваше најмногу суша, имавме најмногу сончеви денови и најтопло лето во Велика Британија“, вели Адам Скејф, од канцеларијата за метеорологија.

Сепак, постои една клучна разлика помеѓу оваа и 1976 година, вели професорот Тим Озборн, директор на Климатската истражувачка единица од Универзитет во источна Англија.

„Основата врз која овие ефекти сега функционираат, денеска е драстично поинаква. Од 1976 година имавме повеќе децении со глобално затоплување, поради растот на емисијата на јаглерод, што значајно ги зголеми глобалните температури“, нагласи Озборн.

Резултатот е дека секој феномен, како слабеењето на струјниот тек, ќе има поизразен ефект, отколку пред 40 години.

Научниците истакнуваат дека топлотните бранови ќе станат почести и дека ќе се влошат, како што расте и емисијата на јаглерод, а проблемот нема да се задржи само на копнената површина.

(208)

loading...

Вашиот коментар