Како медитацијата ги спаси тајландските момчиња?

Кога 12. момчиња од Тајланд, кои поминаа повеќе од две недели во пештерата Там Луанг, беа пронајдени од страна на британските нуркачи, наводно медитирале.

– Погледнете колку смирено седат и чекаат. Никој не плаче или нешто слично. Тоа е зачудувачко – истакна мајка на едно од децата, коментирајќи ја снимката од моментот кога момчињата беа пронајдени.

 
 

Излезе дека Екапол Чантавонг, 25-годишниот тренер, кого многумина го сметаат за виновен за целиот настан, цела деценија практикувал медитација како будистички монах пред да стане фудбалски тренер. Тој ги учел децата да медитираат во пештерата за да бидат мирни и да ја зачуваат нивната енергија.

– Тој можеше да медитира до еден час. Дефинитивно му помогна и веројатно им помага и на децата да останат смирени – истакна тетката на Екапол, Там Чантавонг.

  
 

Екапол заминал да живее во манастир на 12 години откако останал сирак. Тој десет години се подготвувал да биде монах во еден манастир во Мае Саи, но заминал да се грижи за болната баба. Тогаш се вработил како асистент-тренер на тимот познат како „Диви вепри“. Тренерот сѐ уште одржува блиски контакти со манастирот. Игуменот од манастирот истакна дека тој е одговорен млад човек кој редовно медитира.

Додека беше во пештерата, Екапол им напиша писмо на својата тетка и баба, кои го одгледале кога останал сирак.

– До мојата тетка и баба. Добро сум, не грижете се. Чувајте се. Тета, те молам, кажи ѝ на баба да ми направи сок од зеленчук и печено свинско месо. Ќе дојдам и ќе го изедам сето. Ве сакам – стои во писмото што тренерот го испрати преку спасувачите.

Тој напиша писмо и до родителите на децата, молејќи ги да му простат за неговата непромисленост.

– Драги родители, сите деца се добро. Ветувам дека ќе се грижам за децата најдобро што можам. Сакам да ви се заблагодарам за поддршката и да ви се извинам – напиша тренерот.

Родителите му одговорија на неговото извинување.

– Драг тренеру, ние, родителите на членовите на фудбалскиот клуб, веруваме во тебе и во твојот дух, веруваме дека добро си се грижел за децата. Само сакаме да знаеш дека ова не е твоја вина. Ние не те обвинуваме и сакаме и ти да не се обвинуваш. Ја разбираме ситуацијата што се случи и те поддржуваме. Ја цениме твојата поддршка и грижа за нашите деца – напишаа родителите.

На социјалните мрежи многу корисници од Тајланд и од остатокот од светот застанаа во одбрана на тренерот, припишувајќи му ги заслугите за тоа што децата се добро и по повеќе од две недели поминати во пештерата.

Наградуваниот писател Асџад Назир потврди дека Екапол ја загубил фамилијата уште како дете и заминал во манастир, но на крајот се вратил и целиот свој живот го посветил на тренирање деца.

– Одржа 12 деца во живот без храна и светлина девет дена. Тој излезе последен, а има само 25 години. Не заборавајте го тоа – напиша писателот.


Социјалните мрежи деновиве беа преполни и со илустрации, а на една од нив беше прикажан тренерот како медитира со прекрстени нозе и во скутот има мали вепри.

– Со своите 25 години, овој тренер сѐ уште е дете. Но, очигледно тој бил голема инспирација за момчињата, чиј морал изгледа не опаднал и покрај сѐ што поминале. Голема почит кон овој тренер – напиша една корисничка на социјалните мрежи.

(35)

loading...

Вашиот коментар