Пјонгјанг ги врати посмртните остатоци на американските војници

Севернокорејските власти ги вратија посмртните остатоци на американските војници убиени во Корејската војна, во најновиот потег на внимателната дипломатија меѓу Вашингтон и Пјонгјанг, информираа денес светските агенции.

Авионот со посмртните остатоци преземени во Северна Кореја беше дочекан со почесна стража во американската база Осан во Јужна Кореја, јави Би-би-си. Роднините со години го чекаа враќањето на остатоците на своите најблиски.

 
 

Репатријацијата беше договорена на самитот во јуни меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Самитот во Сингапур, на кој двајцата лидери се договорија дека ќе дејствуваат со цел „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, беше критикуван поради недостиг од детали за тоа кога и на кој начин Пјонгјанг ќе се ослободи од нуклеарното оружје.

Враќањето на остатоците од телата на американските војници е една од четирите точки наведени во јунската декларација и се случува на 65-годишнината од потпишувањето на примирјето со кое заврши Корејската војна (1950-1953).

Се верува дека овој пат се вратени остатоците на 55 војници, но треба да се изврши форензичка анализа за идентификација. Американскиот претседател му се заблагодари на севернокорејскиот лидер за репатријацијата.

„По толку многу години ова ќе биде голем момент за толку многу семејства. Благодарам, Ким Џонг Ун“, напиша Трамп на Твитер.

Во соопштението што го објави Белата куќа се наведува дека се „охрабрени од потезите на Северна Кореја и ги сметаат за чекор кон позитивни промени“.

Над 326.000 Американци се бореле покрај јужнокорејските војници на страната на Југот против комунистичкиот Север.

За илјадници војници на американската војска не се знае каде загинале, а повеќето од нив, околу 5.300, исчезнале на просторот на денешна Северна Кореја.

Авионот на американската војска ги преземал посмртните остатоци во градот Вонсан на североистокот на Северна Кореја, а по извршувањето на првичната ДНК анализа во воздухопловната база Осан во Јужна Кореја, ќе бидат префрлени на Хаваи.

(35)

loading...

Вашиот коментар