| 15.08.2017. ПО ДОМА

Веќе пишував еднаш дека груевистите, кои од позиција на власт ја имаа претворено Македонија во заробена држава, сега откако се во опозиција, прават се таа да биде блокирана држава. И заробената држава и блокираната спаѓаат во тнр. нефункционални демократии во кои не е можно да се спроведуваат реформи, да се заштитуваат ефикасно човековите права и слободи и да се обезбедува економски развој. Кога тоа ќе се случи, и домашната и меѓународната јавност излезот ќе почне да го сугерира во нови предвремени парламентарни избори.

А токму тоа го посакува поразениот режим на Груевски, кој со бројни обструкции на работата на Собранието, а со тоа и на владата, сака да покаже дека ништо во земјава не може да функционира без согласност или без компромис со силите на поразениот режим. Клучниот метод кој е избран за блокирање на промените за кои гласаа граѓаните на избори е злоупотребата на некакви права од деловникот на Собранието со што тие прават мајтап со парламентарната демократија и ја изложуваат на потсмев.

Нивната најдрска порака е “не ни можете ништо” и ние низ ваквиот мајтап ќе докажеме дека сегашното парламентарно мнозинство не е способно да решава и да се соочува со вакви проблеми за разлика од нас, кои кога имавме блокада од опозицијата тоа го решаваме со брутална сила и обвиненија за пуч против легално избраната власт. Во такви услови станува малку чудно зошто претседателот Талат Џафери и парламентарното мнозинство не сакаат да прифатат ниту еден од советите за излез од блокадата на Собранието што им ги нудат јавно и бесплатно Проф. Тито Беличанец, Мирјана Најчевска или Стојан Андов. Проф. Беличанец со право му објаснува на Талат Џафери, кој и самиот повторува дека десетте парламентарни групи на ВМРО ДПМНЕ се формирани спротивно на деловникот и на смислата на парламентарната демократија, да се повика на член 33 став 2 од Деловникот и пратениците ВМРО ДПМНЕ да ги сведе на една пратеничка група. Ако координаторот на било која од сегашните 10 фиктивни пратенички групи побара еден час пауза тоа треба да му се дозволи. Но ако уште некој од координаторите на фиктивните пратенички групи побара пауза Џафери тоа не треба да го прифати. И да објасни дека ” во согласност со член 81. Став 2 координаторот на пратеничката група во текот на денот само еднаш може да побара прекин на седницата во траење од еден час” И чиста работа. Нека скокаат до небо. Најчевска со право му советува на Џафери дека треба да им одзема збор на пратениците кога не говорат зошто Зврлевски не треба да биде разрешен и дека има право во секој момент да каже дека смета дека дискусијата по предложената точка е исцрпена, па дури и кога сите пратеници на ВМРОДПМНЕ се собрани околу говорницата, да го стави предлогот за разрешување на гласање. Дали е тоа кршење на Деловникот или е кршење ова што го прави ВМРО ДПМНЕ, нека суди историјата како тие што милуваат да кажат.

 
 

Талат Џафери и парламентарното мнозинство мора да демонстрираат моќ и храброст за отстранување на оваа блокада и на многу други што се најавуваат со бројните интерпелации за министрите иако не поминале ниту 100 дена од формирањето на владата. Џафери и парламентарното мнозинство мора да сватат дека битката со режимот на Груевски не е завршена и ако не се одважеа да ја прекинат блокадата за конститурање на Собранието денес уште не ќе имавме избрано ниту претседател на Собранието ниту Влада.

Приказната дека народот гледа што прави ВМРО ДПМНЕ во Собранието и дека ќе ја казни таа партија на локалните избори не делува уверливо. Граѓаните кои гласаа за партиите од новото парламентарно мнозинство може да бидат разочарани од неефикасноста во справувањето со блокадите кои можеа да се очекуваат и сето тоа да го протолкуваат како губење храброст или недоволно знаење и умеење за справување со бандитските методи на обструкција со кои се служат поразените груевисти на изборите. А додека сето тоа се случува и додека имаме блокирано судство, голем број невини граѓани и натаму скапуваат во затвор а криминалци и нарачатели на бројни кривични дела се шетаат слободно и ни кажуваат што смее и што не смее да се прави во Собранието.

(49)

  
 

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ѓорѓи Спасов
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени