| 14.09.2015. ПО ДОМА

Попусто очекуваме прозваните да излезат и јасно и гласно да кажат: под полна морална, кривична и материјална одговорност тврдам, се колнам, дека не сум земал пари од „Маѓар телеком“. Ама тоа, пустото, никој не го кажува. Само мрморат нешто дека и тие сведочеле, дека некој лажел и дека не бил завршен процесот во Њујорк

Сите знаевме за тоа, но заболе кога слушнавме. Милиони евра се вртеле низ рацете на македонските политички елити само за да и’ помогнат на една странска компанија да заработи што повеќе пари. Парите се заработени со брцање во џебовите на сите нас, и тоа елегантно и „во согласност со законските прописи“. Наместо да плаќаме телефонски сметки од по 1.000 денари, на пример, сме плаќале по 3.000 денари. Разликата во сумите отишла во едни други џебови – на луѓето кои не’ собираа на митинзи да им аплаудираме на нивните политички досетки, луѓето чиишто имиња ги заокружувавме на гласачките ливчиња во надеж дека ќе направат нешто добро за нас и за државата. Луѓето на кои сме им велеле добар ден на улица и со кои сме се поздравувале со гордост, бидејќи биле некој и нешто и чии муабети сме ги прераскажувале сметајќи дека нивните замисли и идеи водат кон наш личен и колективен просперитет.

Е, ама не било така. Тие мислеле само како да се збогатат. И како да ја избегнат раката на правдата за да можат во мир да го трошат своето богатство. Додека сме гледале ноќе како светат светилките во нивните кабинети и сме мислеле дека решаваат државни прашања, тие договарале „зделки“. И тоа не какви било зделки туку милионски од кои се врти умот. Смислувале рути како да стасаат парите најбезбедно до нив, каде да ги скријат потоа и како да ги уништат документите кои можат да ги загрозат подоцна. Смислувале и кого се’ и каде да подмачкаат за да бидат сигурни дека нема да бидат откриени во својата монструозна измама. За целото тоа време љубезно ни се смешкале, а некои и се’ уште ни се смешкаат од ТВ- екраните говорејќи ни за нивната бескрајна пожртвуваност да му донесат благосостојба на народот. Срам и арам да им е.

 
 

А(х) бре, Македонче. Кога само ќе помислиш колку знајни и незнајни пари се прелеале од твои во туѓи џебови, ти доаѓа да се запрашаш зошто ти била таква судбината да те водат такви политички елити. Една проста математика ќе каже дека во текот на нашиот живот на сите нам ни бил украден барем по еден стан, куќа и автомобил. Затоа тие имаат, а ние немаме, а не затоа што се попаметни и поспособни од нас или затоа што живееме во „сиромашна“ држава.

Попусто очекуваме прозваните да излезат и јасно и гласно да кажат: под полна морална, кривична и материјална одговорност тврдам, се колнам, дека не сум земал пари од „Маѓар телеком“. Ама тоа, пустото, никој не го кажува. Само мрморат нешто дека и тие сведочеле, дека некој лажел и дека не бил завршен процесот во Њујорк. А да, слушнавме и дека некои мрачни сили сакале да ја растурат ДУИ со вестите за митото што патувало кон Мала Речица. И тоа сега, би додале, кога парите се веќе потрошени и врват шемите за нови поткупи.

Што да се каже за македонските обвинителски и истражни органи. Од Америка им ја „нацртаа“ целата шема за патот на митото, а тие си седат мирно небаре судот од Њујорк им прати разгледница од Централ парк. Ним не им е доволно тоа што во САД се води процес, а не им беше доволен ни фактот за нагодбата што ја направи унгарската компанија со Американската комисија за хартии од вредност, само за да не се води судски процес. А во нагодбата и во наодите на Комисијата, јасно и гласно стои признанието на компанијата дека подмачкала високи македонски функционери за да не дозволат да им влезе конкурентски мобилен оператор во Македонија. Појасно, здравје!

  
 

Но очигледно е како бел ден дека поткупот не завршил во 2006 година. Тој трае и до денеска. Затоа и молчат обвинителите. Вознемирувачки е што јавното обвинителство не сака да викне ниту еден од споменатите актери, барем да го праша за здравјето. Македонските правосудни органи молчат како залиени и чекаат да помине бурата. Туку, што зборуваме за нив, правосилна затворска пресуда за бивш премиер кој се спомнува во сведочењето на Богоевски, се’ уште не е извршена. И намерата е да не се ни изврши. Како што тргнала работата, во затвор ќе се најдеме ние новинарите што ги обелоденивме случувањата, а тие ќе останат „добри и чесни“ граѓани на оваа држава и натаму ќе бараат гласови од избирачите. Море, и ќе ги добијат.

Јавноста е со право згрозена од информациите што протекоа во јавноста. Ние, па, во „Утрински весник“ цело попладне се думавме како да го избегнеме објавувањето на имињата за да не ги повредиме членовите на најблиските семејства на актерите во овој бесрамен поткуп. До последен миг вртевме закони за пресумпција на невиност, иако и на врапчињата им е веќе јасно дека „Маѓар телеком“ самата дала докази за поткупот. Не верувавме на она што го гледавме. Нормален човек не може да поверува, не сака да прифати, дека во државата во којашто живее, во чии институции се колне, чии премиерски и вицепремиерски изјави слуша, се случила таква бескрупулозна кражба од луѓе на најугледни државни позиции, на кои сме им довериле да управуваат со нашите пари, со нашите животи. На човек да му се крене коса на глава. И, цела држава црвенее, само тие не.

Ако македонските органи не пресудат за овој случај, можеме сите да и’ кажеме збогум на државата. Веста за милионскиот поткуп на телефонската компанија кон македонската влада стигна до секој граѓанин, до секој дом и до секое училиште. Ако набргу не стаса вест дека главните протагонисти на оваа милионска афера се в затвор, тоа ќе охрабри многу глави да смислуваат такви шеми за богатење наместо да мислат како да заработат чесно пари. Системот „кеш за одлуки“ ќе продре толку длабоко во свеста на македонскиот граѓанин што потоа нема да го искоренат ниту сто специјални обвинители. Сакам да кажам дека државата не смее да дозволи овој случај да стане пример на некои сегашни и идни генерации политичари да мислат како да украдат пари, а да не ги фатат.

 
loading...
 

Длабоката морална криза, во којашто се наоѓа македонското општество, веројатно произвела и категорија на луѓе кои сега им се восхитуваат на авторите на овој грабеж. Но не смееме да дозволиме да преовладаат таквите „вредности“. Македонија има шанса сега да покаже дали ќе биде држава или не. Без оглед колку далеку стигнале краците на „октоподот“, кој очигледно е се’ уште жив и очигледно добро е ухранет и од денешните структури на власта.

Соња Крамарска – www.utrinski.mk

Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

(698)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливадџија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
    1. Jas sakam lucno da kazam kako moze edna firma da raboti tolku mnogu necivilizirano zatoa sto 13-meseci ne podmirila zdravstvo i penzisko a seuste ne e pid stecaj, kade e drzavata da vidi sto se raboti ili vo sprotivno da znae sto se raboti koga je dojdese inspekcijata i zaminuvase kako se da bese vo red a ako toa sto imase i neosigurani od vrabotenite a od druga strana i so platite kasnese, jas mislam onoj najmnogu sto raboti i so pot si go vadi lebot (strada) zatoa sto i toa sakaat da mu go zemat. Vo ova drzava neman nacekano covecnost, pravda, humanost i pocit od vnatrsnite organi na drzavata, ova seto se raboti za edna firma od Gostivar Sputim-Komerc seto ova sto e izjaveno imam dokazi i toa kaj mene licno (vi blagodaram na trpenieto).
      ( Rubin Trajkoski 2015-09-14 20:24:38 )
      Ми се допаѓа(0) Не ми се допаѓа(0)
    HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени