| 17.10.2017. ПО ДОМА

Победата на Зоран Заев и на коалицијата “Живот за сите“ на вчерашните локални избори е величествена. Над очекувањата, чиста како солза, победа на која не може да и се стави ни најмала замерка. Се потврди тоа што совршено добро го знаеше Груевски. Без контрола над државните пари и над полицијата, тој не можеше да победи и да да – победува. Токму тоа го призна, во една од “бомбите“ на Заев и неговата некогашна десна рака Гордана Јанкуловски, кога рече дека нивните изборни победи во серија биле без “лезет“. А биле, затоа што биле брутална „кримининализација на изборниот процес“ (Ф. Фетаи).

Заев и неговите соработници имаат право да бидат горди на таа победа. Сега е извесно дека таа победа разоткри огромни демократски потенцијали кај обичниот свет. Тој свет вчера, како што сликовито се изрази екс-пратеникот Бишевац, заби “глогов колец“ во срцето на злото-груевизам. Се надевам, еднаш за секогаш. Се надевам дека вчера, дефинитивно, тоа зло-груевизам си замина на буништето на историјата, од каде што и дојде.

Во својот говор пред владата на РМ, премиерот Заев како, впрочем и неговите соработници, беше доволно присебен во својата видлива понесеност и егзалтација од чудесната победа, да ја каже “простата и строга“ вистината за неа. А вистината е дека: победија граѓаните на Македонија кои беа газани, понижувани, уценувани и ограбувани во тек на дест години од бездушниот, див, неук и – пред сè, примитивен и бандитски груевизам.

 
 

Кога велам дека имаат право да бидат горди на својата чудесна победа која отвора нова страница во политичката историја на РМ, една страница што ја носи на прагот на цивилизирана Европа, мислам на онаа гордост за која сакам да кажам два-три неопходни збора. Ќе се повикам, за таа цел, на детали од поемата “Скендербеј“ на нашиот најголем поет на 19 век, Охриѓанецот Глигор Прличев. Се повикувам на тој поет од следнава причина. По случај или по налог на некој силен внатрешен порив, во кој замешало свои прсти провидението, Заев го одржа својот завршен митинг во Охрид, родниот град на великанот Прличев. Се воспостави ли меѓу страдалникот од Охрид и Заев тајна, невидлива врска која била жива и неуништлива? Се одзва ли тој на повикот од Прличев, како водач на “ново племе“, кое дојде да го – “прославува“? Не исклучувам.

Во својата знаменита поема “Скендербеј“ Прличев зборува за еден вид городост, за којa го користи хомеровски израз orge (поемата е напишаната на грчката строга “катаревуса“). Изразот има своја адаптација во гало-романските јазици, во кои е вообичаен обликот orgeuil (фр.), “гордост“. Тој вид гордост е одлика на сите оние што се сметаат себеси – супериорни наспрема многу други; кои имаат, како супериорни, и поголеми права од другите.

Наспрема тој вид гордост стои еден друг вид гордост, онаа за која се користи изразот perifania во грчкиот со еквивалент fiérté (фр.) во гало-романските јазици. Taa perifania е прва одлика на култниот сеалбански јунак Скендербеј, храбриот бранител на Круја од турската наезда во Средниот век. Како што прва духовна одлика на Балабан (по потекло Албанец кај Прличев), водач на турска армија која треба да ја покори Круа на Скендербеј е она – orge. Затоа и може да се рече дека, кај Прличев, станува збор за борба меѓу два вида гордости, клучна одлика на двата клучни лика Скендербеј и Балабан. Победува, според лирската логика на Прличев, гордоста (perifaniа, fiérté) Скендербеј. Поразена е гордоста (orge, orgeuil) Балабан. Затоа што таа гордост е поблску до порокот. Како што онаа на Скендербеј е побилиску до – доблеста. Или, со еден збор, моралот е посилен од иморализмот кој ја губи битката со него.

  
 

Нема никакво сомнение дека онаа гордост за која вчера, пред владата, со право зборуваше Заев, е од редот на онаа која извира од склоноста човек да си постава, себеси, сè потешки и потешки задачи. За кои само тој знае како се излегува на крај со нив. Таа гордост, прва одлика на легендерниот Скендербеј според лирската оптика на Прчличев е, по сè изгледа, магистрална одлика на духовниот склоп на Заев. Не сум далеку од помислата дека, уште при неговата посетата на кумановското “Диво насеље“, Албанците од Макдонија ја препознаа, по инстинкт, таа духовна црта кај него, кои сега му веруваат како на – свој.

Токму затоа мислам дека таа гордост (perifania, fiérté), треба да стане исто толку прва одлика на неговите градоначалници кои надмоќно ги победија оние на груевизмот. Тое е мошне важно. Дури најважно во овој момент! Затоа што и над нив демне проклетото искушение на гордоста – orge. На која, како и оној Балабан на Прличев, и подлегна Груевски со неговите. А можеби и не и погледна! Таа orge беше Груевски и Груевски беше едно трагично – orge!

 

 
loading...
 

(39)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Атанас Вангелов
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени