| 19.10.2017. ПО ДОМА

Јазикот на бројките, како и секој јазик – оној во секојдневна употреба кој го разбираат сите, но и оној на науките и уметностите кој го разбираат само добро упатените – постои само заради тоа за да се “направи порака“ (Конески). Или, за да се “скрие порака“, како што вели филозофот Владимир Јанкелевич во една своја книга на тема “Иронијата“ (1979). Се задржувам на последната порака на тој строг јазик на бројките од сè уште незавршените локални избори, на кои демократите просто ја прегазија клептократската елита на Груевски со неговите инсталаиции и тивки симпатизери.

Близу 330 000 луѓе го дадоа својот глас за таа клептократија на Груевски. Разликата во гласови меѓу коалицијата на Заев која доби 37 градоначалнички места во првиот изборен круг и онаа на Груевски која доби само 3 (Илинден, Сопиште и Петровец), изнезува некои 140 илјади гласови. Една симулација на која се повикува универзитетскиот професор Ѓорги Спасов зборува за тоа дека, кога “утре би се одржале парламентарни избори“, Груевски би загубил некои 10 пратенички места. Но затоа пак би задржал една мошне солдна бројка од над 40 пратеници, доволна за силна опозиција.

Пораките кои ни доаѓаат од тој јазик на бројките поставаат и некои, благо речено, нудобни прашања. Одговорите на тие прашање се уште понеудобни. Затоа што кажуваат нешто кое, во најмала рака, не зборува многу убаво за тоа што обично се нарекува “природа на човекот“. Кажуваат, на пример, дека луѓето се склони брзо и лесно да ги забораваат оние постапки во кои учествувале и самите. Затоа што е тоа “човечко, премногу човечко“ (Ниче). Дека се склони да прават подлости од незамислив вид кога е во прашање спасот на голиот живот (Е. Гинзбург). Дека секогаш се прават подлости од најдолен вид во името на некое „добро“ (Солженицин). Дека тоа апстрактно “добро“ добро помага човек да најде добро оправдание за сè што правел (и не правел а – трбало!). Иако против тоа крева глас неговиот строг внатрешен, морален судија (Шестов).

 
 

Можно ли е толку многу луѓе да не чуле ништо за „бомбите“ на Заев – тврди, непобитни докази за тоа како, клепто-елитата на Груевски земала дебели кинески кредити од кои наплатувала дебели провизии?; дека неговиот братучед, шеф на озлогласената тајна полиција, тоа го правел со израелски бизнисмени, од кои, со државни пари купувал скапи уреди за масовно прислушкување?; дека неговиот шеф на кабинет (Протуѓер), без око да му трепне, предлага: “да имаме војна!“, за да се амортизира некако ефектот од “Вистината за Македонија?“; дека некогашната прва екс-полицајка на Груевски (Јанкуловска) се гордее со тоа што направила ВМРО-ДПМНЕ од МВР?

Ако е неможно, можно ли е тие толку многу луѓе, толку лесно, без некоја драматична грижа на совеста, само да сакаат да – не чуле? Според онаа теорија, со импозантна интелектуална традиција, темелно образложена во длабинската психологија на Фројд? Која вели дека секое “сака“ кај секој жив човек е суровиот господар, со камшик и мамузи, над неговото “знае“ – свест и совест?. Можно ли е, да ја пренесеме сега таа ситуација од теоретски, на политичко-практичен план со рамка на сегашните локални избори, толку многу луѓе да ја одобруваат добро позната, цинична филозофија: “добро, тие крадат, ама и – градат!“?

А кога сме веќе кај тој очигледен цинизам: не сведочи ли, токму тој, како и секој цинизам, дека тие луѓе се длабоко свесни оти се работи за нешто кое не може да се брани од морална гледна точка? Кое го осудуваат во себеси? На кое, од едни или други причини, му подлегнале? Но затоа пак прават сè што можат и не можат за свој – спас? Според логиката “нападот е најдобра одбрана“? Една логика која работи добро откако постои векот и светот? И која ќе работи исто толку добро додека ќе постои век и свет? Најпосле, не зборува ли токму тој цинизам дека, склоноста кон клептократија кај луѓето е исто толку силна колку и склоноста кон демократија, друго име за – слобода, правда и еднаквост?

  
 

Ако зборува, тогаш зборува, уште, дека сепак ние сме далеку од тоа да направиме неопходна критичка маса, еден солиден “социјален капитал“ кој ќе направи бедем пред клептократијата како потенцијал. Која “по демократски пат“, може пак да се појави на политичката сцена? Иако, сега за сега, ја снема од таа сцена? Иако беше прегазена на локалните. Благодарение на онаа разлика од 140 000 гласови кои ги загуби клептократијата на Груевски.

Склон сум да мислам дека ни тоа не е толку страшно, колку што изгледа според пораките од строгиот јазик на бројките. Така мислам затоа што и таа клептократија е само видливатата, темна страна на демократијата. Таа се крие и вирее во нејзините пазуви, во нејзината интима. Токму како темната страна од душата на секој човек, кој е должен да да ја држи под контрола, да и става узда. За да не направи од него подлец. Или крволочен ѕвер!

(20)

 
loading...
 

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Атанас Вангелов
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени