Уставната криза во Шпанија значително се влоши во текот на изминатите денови. Во чекор без преседан откако е вратена демократијата во 1978 година, шпанската влада го објави прекинувањето на каталонската автономија и во петокот воспостави директна власт од Мадрид. Претходно истиот ден, каталонскиот парламент одобри еднострано прогласување независност, што би можело да предизвика казна затвор од 30 години за одредени политичари.

Па што следи сега понатаму? Првиот потег на шпанската влада беше да го распушти каталонскиот парламент и да побара предвремени регионални избори на 21 декември. Каталонија сега се соочува со три потенцијални начини за редефинирање на нејзиниот однос со Шпанија и за долгорочно решавање на конфликтот.

Сценарио 1: Шпанија ја централизира моќта

Кога актуелната шпанска партија на власт – Партидо Популар објави дека ќе ја преземе контролата врз регионалната власт, полицијата, бирократијата и јавните радиодифузери, дознавме дека рецентрализацијата е сериозна опција за прв пат во последниве децении.

 
 

Дали легалистичкиот пристап на Шпанија ќе успее? Тоа зависи од тоа зошто сецесионизмот се зголемил толку многу во Каталонија. Шпанските политички елити сметаат дека поддршката е привремена и променлива. Сепак, 48 отсто од регионот гласаа за сецесионистички партии на последните регионални избори.

Мадрид не верува дека чувството оди длабоко по ова прашање. Наместо тоа, оваа теорија тврди, дека опортунистичките каталонски елити го мобилизираа популарното незадоволство што беше вкоренето поради глобалната економска криза во 2008 година и корупциските скандали што ги погодија политичарите поврзани со централната власт, па дури и со монархијата.

Ако тоа е ситуацијата, најдобриот одговор би бил да се почека чувството да се смири и да се бори против партиите и здруженијата што ја започнаа проблематиката со враќање на контролата врз нивните финансии, затворање на сецесионистичките лидери и носење на избраните функционери на суд.

 
 

Всушност, властите во Мадрид сметаат дека оваа стратегија се покажала успешна кога во прашање беше баскискиот национализам пред две децении. Наместо да преговара за политички договор, Мадрид одлучи да ги илегализира баскиските политички партии, наводно поврзани со тероризмот и да ги гони нивните лидери.

И покрај фактот што Каталонците не покажаа насилничко однесување, трошоците за физичко потиснување на мирните сецесионистички гласачи, политичари и граѓански лидери, се чини дека се минимални за централната власт. Шпанското јавно мислење во голема мера се согласува со оваа стратегија, а поддршката на Европската комисија за шпанската влада е недвосмислена.

Но, овој пристап може да биде опасно погрешен. Поддршката за независност е висока низ социоекономскиот континуум, што го отежнува репресирањето и менаџирањето. Исто така постојат знаци на генерациска промена во корист на стабилна поддршка за независност кај младите и гласачите од средната возраст.

 
loading...
 

Законските мерки би можеле да ја влошат ситуацијата. Политичките истражувања покажуваат дека кога репресивната држава ја одзема способноста на граѓаните да изберат своја сопствена влада, чувството на понижување и жалењето на тие граѓани може да го забрзаат конфликтот и да се дегенерираат во насилства.

Каталонците го прославуваат гласањето за независност, но се грижат за тоа што е следно. Само неколку часа откако Каталонија прогласи независност на 27 октомври, шпанскиот премиер објави дека ќе ја укине владата во регионот. И покрај тоа, прославата за независност во Барселона траеше длабоко во ноќта.

Сценарио 2: Дополнителна децентрализација

Втората опција за Шпанија би била уште повеќе да се децентрализира. Но, тоа е малку веројатно по настаните оваа недела, од две причини: каталонската недоверба и недостаток на шпанска политичка поддршка за вистинска децентрализација.

Истражувањата покажуваат дека децентрализацијата не мора да значи дека ќе ги ублажи сецесионистичките тенденции доколку регионалните партии во Каталонија се веќе силни. Освен тоа, откако федералниот конфликт ескалираше до овој момент, сецесионистите имаат тенденција да ја видат децентрализацијата како “премногу малку, премногу доцна”.

Најверојатно, ниту многу Каталонци ќе веруваат во таквите ветувања. Во 2005 година, 89 проценти од парламентот на Каталонија гласаа за предлог за децентрализација, која ќе и овозможи на Каталонија директно да ги собира даноците и да биде признаена Каталонија како нација. И покрај ветувањата за спротивното, шпанската социјалистичка влада во тоа време го “разводени“ предлогот во шпанскиот парламент.

Откако помалку амбициозниот нов статут за каталонска автономија беше потпишан и ратификуван на популарен референдум во 2006 година, Шпанската конзервативна партија го оспори договорот, што го натера Уставниот суд да прогласи некои принципи на законот за неуставни во 2010 година.

Овие тогашни предавства доведоа до тоа многу Каталонци да гледаат на Шпанија како на некој на кој не може да се потпре за децентрализирање – и многумина ги аспирираа своите надежи кон целосна независност. Таквата недоверба значи дека движењето за независност на Каталонија не ги смета веродостојни предлозите за децентрализација.

И можеби тие имаат добра причина за тоа верување. Најважниот чекор – и оној за кој Каталонците го бараа со години – ќе бара сериозни реформи во шпанскиот систем на фискално управување. И покрај тоа што секој регион има голема одговорност за управување со јавните услуги, како што се здравството и образованието, регионите имаат ограничени овластувања за зголемување и управување со даночните приходи.

Компаративните истражувања покажуваат дека оваа неусогласеност е во корелација со дефицитите, инфлацијата и лошите економски перформанси. Додека другите земји го гледаат ова несогласување и реагираат, Шпанија е поекстремна. Нерамнотежата меѓу услугите што шпанските региони треба да ги менаџираат и даночните приходи што тие можат да ги превземат сами, се 30 отсто повисоки од државите и регионите во другите децентрализирани земји како што се Германија, Швајцарија, САД и Канада.

Ова несогласување е една од поплаките во Каталонија, давајќи им на регионалните елити веродостојни причини да ја обвинат централната власт дека не успеале подобро да ги распределат ресурсите низ регионите.

Но, Шпанија веројатно нема да предложи такви реформи. Само многу длабока политичка децентрализација, во која регионите можат да ја обликуваат националната политика, е ефикасна за подобрување на управувањето. За жал, Шпанија е релативно слаба во тој вид на моќ, поради силниот Сенат и изборниот систем што се залага на националното мнозинство.

Подетализиран фискален федерален аранжман, реформа на Сенатот и изборниот систем не се на дневен ред на која било национална партија. Единствените формули за децентрализација за кои се знае дека се ефективни за овој вид на конфликт можеби се премногу длабоки за да бидат реални.

Сценарио 3: Правен референдум

Наметнувањето на директното владеење и недостатокот на меѓународно признавање ја прават едностраната независност нереално сценарио за Каталонија. Но Каталонија би можела да продолжи да бара уште една опција: правно обврзувачки референдум, како Шкотска во 2014 година и Квебек во 1995 година. Во анкетата годинава, 72 проценти од каталонците ја поддржаа оваа опција.

Дали Шпанија ќе се согласи да го признае таков референдум? Ако се согласи тогаш ќе се бара радикална промена на ставот во централната власт – и уставни реформи. Мнозинството шпански граѓани ја отфрлаат идејата за референдум.

Одржувањето референдум за независност би било исклучително комплицирано и може да биде возможно само со меѓународно посредување. Сите партии ќе треба да дебатираат и да се согласат што ќе воспостави валиден исход. Дали барањата вклучуваат минимални нивоа на одѕив? Дали би било потребно просто мнозинство или масовно?

Се разбира, таквите барања ќе имаат добри и лоши страни. Барањето за невообичаено високо ниво на одѕив може да ги поттикне некои фракции да се обидат да ги задржат гласачите подалеку од гласачките кутии. Ако се бара само фракцијата за независност да постигне мнозинство од 60 отсто, што значи дека ако 57 отсто гласаат за независност, Каталонија ќе остане дел од Шпанија – може да ги влоши чувствата на огорченост што доведоа до актуелната криза.

Ако ниту едно од претходните сценарија не генерира доволно поддршка на претстојните регионални избори, последната опција за Каталонија, за жал, ќе биде ќор-сокак и социјален хаос. Овозможувањето крвопролевање во еден од најбогатите региони во Европа од 21 век ќе значи драматичен политички неуспех. За да се избегне тој резултат, треба да започне дискусија за реални начини пред да биде предоцна.

Автор: Sergi Pardos-Prado

(72)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливадџија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени