Во неколку наврати со мои блиски имаме разговарано на темата која се повеќе е дел од нашето секојдневие. Наши другари, другарки се самоорганизираат за постигнување на одредена за нив разбирлива и јасна цел. Заштита на права на животни, ЛГБТ заедница, загадување на воздух, рудници, патеки за велосипеди, сообраќајна култура итн. Овие интересни групи преставуваат многу важен сегмент од модерните општества, а воедно се и креатор на вредностите на оштествата каде се тие присутни.

Секоја почит за овие луѓе кои решиле своето драгоцено време да го потрошат за да реализираат одредена промена, која знаеме дека секогаш е негативно прифатена во едно вакво опкружување. Но, мислам дека имаме заборавено на најважното, на она што е темел на секое општество, а тоа е владеење на правото. Не дека сум правник, ама сметам дека секое општество мора да се изгради исклучиво врз ова начело, затоа што тоа е гарант за рамноправноста и балансот во неговото постоење и функционирање.

Правото е универзална категорија која ни припаѓа на сите во форма на правда. Правото го уживаат сите, без оглед за која од горенаведените цели се борат, без оглед на пол, вера и етничка припадност. За разлика од, на пр. велосипедските патеки кои највеќе ги загрижуваат оние кои користат велосипеди, правото не обединува сите и сите треба да не загрижува, а жал тоа кај нас не е така. Имам чувство како да брзаме кон остварување на некои други вредности, без да го поставиме темелот. А како би можеле воопшто да зборуваме за нормален развој без темел? Врз што би се надоградувало нашето живеење и како би го подобриле живеењето ако секогаш се навраќаме назад со бајпасирање на одредена ситуација?!

 
 

Сигурно ќе си помислите дека ова го кажувам затоа што сум правник и сакам да се цени мојата професија. Напротив. Јас од оваа причина се одлучив да изучувам право, иако денес работам нешто сосема различно од мојата струка моето мислење за тоа што треба да не води не е сменето. Зошто велам владеење на право? Многу е едноставно колку и да ви звучи идеалистички.

-велосипедистите успеаа да издејствуваат изградба на велосипедски патеки низ Скопје каде ќе можат без проблем да циркулираат при минување низ градот. Но, што ги мачи сега? Паркирани возила на патека на секој чекор, кои пајак не ги крева затоа што „не смеат“ да бидат кренати. Со други зборови имаме патеки, ама исто како да ги немаме. Сообраќајни незгоди на велосипедисти за кои возачите не одговараат соодветно.

-аерозагадувањето во голема мера зависи од мерките кои институциите ќе ги преземат, но и во најголем дел од нас. Имаме голем број на домови, работилници кои се греат од запалени гуми, отпад и разноразни токсични материи. Сите тоа го знаат, а во исто време никој ништо не знае. Никој не реагира. А замислете кога би реагирале кај домаќинствата како што реагираат за филтрите на Југохром?

  
 

-заштита на правата на животните преку сопствени средства, јавно реагирање но сепак кога има конкретен случај институциите не реагираат. Постои закон за заштита на животните, исто како што постојат и стандарди за стационари, но никој не ги применува. Зошто?

Би можел да продолжам со примери, но мислам дека е јасна поентата. Без оглед што се работи за остварување на различни цели, сепак со владеење на правото во исто време може да се отстранат сите наведени неправилности. Затоа што правото е универзална категорија за сите. Правото за разлика од математиката, физиката итн (природните науки) е механизам кој човекот го востановил во општестовото и тој се менува согласно неговите потреби. А зошто би го востановиле ако не сакаме да имаме негова примена? Зошто бараме нови закони и измени кога не се бориме за ефективна примена на законите? Да го поставиме темелот, за да можеме цврсто да газиме, а потоа секој нека си ја уредува „својата соба“. Во спротивно, секој ризикува да остане без покрив над глава затоа што еднаш кога ќе „стресе“, големи се шансите од собата да не остане ништо.

(55)

 
loading...
 

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
МТеохаров

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени