| 19.10.2017. ЕВОЛУЦИЈА

Јапонија има население од 127 милиони луѓе, но смртните случаи предизвикани од огнено оружје ретко ја надминуваат бројката од 10 жртви годишно.

„Јапонија отсекогаш имала строги закони околу оружјето, уште од самата негова популаризација”, вели Иан Овертон – извршен директор на британската организација Action on Armed Violence. „Јапонија беше првата држава која наметна закони за (контрола на) оружјето во светот, и мислам дека тоа ја постави основата за верувањето дека за оружјето навистина нема место во едно граѓанско општество“, објаснува Овертон.

Успехот на Јапонија во ограничувањето на смртните случаи причинети од огнено оружје е тесно поврзан со нејзината историја. По Втората светска војна, имено, како преовладувачка филозофија во земјата се развива токму пацифизмот.

 
 

Дури и полицијата непосредно по војната не носи оружје – почнува дури во 1946 година. Во јапонското законодавство од 1958 година, исто така, запишано беше дека никој не треба да поседува огнено оружје, па ни ладно оружје (катани). Оттогаш тие ограничувања се тргнати, но важно е што од самиот почеток ставот на Јапонија кон оружјето наметнуваше контрола од позиција на забрана. Денес не само властите, туку и целото јапонско општество стои цврсто на ставот дека колку помалку оружје има во оптек/употреба, толку помалку ќе има и смртни случаи.

Тој став е дијаметрално спротивен од оној на САД, каде со вториот амандман на Уставот генерално им се дозволува на граѓаните да поседуваат оружје без многу ограничувања.

Во Јапонија, од друга страна…

  
 

Во Јапонија, ако некој сака да поседува оружје, мора да посети целодневен курс, да помине писмен тест и да постигне најмалку 95% прецизност при пукање во мети на стрелиште. Кандидатот исто така треба да помине и психички преглед (кој се спроведува во медицинска установа), а се прави и проверка дали има чисто досие, при што се разговара и со негови блиски и пријатели.

Дури и да ги помине сите овие „филтри“, кандидатот може да купи само пушка или воздушна пушка, но не и пиштол. Притоа, на секои три години задолжително мора одново да го минува еднодневниот курс и одново да го полага првичниот испит.

Притоа, ограничен е и бројот на продавници за оружје. Во секоја префектура (населението од префектура до префектура варира од 0.5 до 12 милиони, колку што има Токио) може да има најмногу до три продавници. Нова муниција, пак, може да се купи само со замена на потрошената стара муниција. А кога еден сопственик ќе почине, неговите роднини се должни да го предадат неговото оружје на државата.

 
loading...
 

Култура на доверба

Како резултат на контролата на оружјето, меѓу другото, добивате средина во која и граѓаните и полицијата ретко поседуваат или користат оружје. Јапонските полицајци кои не се на должност, на пример, немаат право да носат пиштол. Делува дури и смешно, но повеќето судири на полицијата со осомничените криминалци се одвиваат преку комбинација од боречки вештини и оружја што подразбираат контакт од блиску (познати како „melee“), како пендреци и палки.

Кога нападите во Јапонија завршуваат со фатален крај, обично се работи за убодни рани. Во јули 2016-та, на пример, поранешен служител во дом за инвалиди уби 19 луѓе со нож. Не само што ваквите случаи едноставно не може да бидат целосно искоренети, туку во Јапонија се и реткост. Земјата ретко има толкав број на жртви од огнено оружје, дури и кога ќе се соберат на ниво на цела година.

Контролата на оружјето, но и големата почит кон полицијата меѓу Јапонците, доведе до порелаксирани односи меѓу граѓаните и полицијата, но и до главно стерилна некриминална атмосфера, за разлика од САД, на пример. Тоа ќе му дојде нешто како прашањето за јајцето и кокошката; полицијата, со тоа што бира да не користи смртоносна сила кон населението, генерира помалку страв меѓу луѓето дека ќе бидат застрелани. Како резултат, и граѓаните, па дури и криминалците, не гледаат голема потреба да се вооружуваат. На крајот, добивате земја во која, како што пишавме и порано, граѓаните сами се „полицираат“, а полицијата се досадува.

Кога веќе споредуваме со САД, таму е обратен пример. Полициските сили се далеку помилитаризирани, вооружени со автоматски оружја и оклопни возила. Притоа има и помала доверба меѓу луѓето и институциите, што резултира со култура на многу поголем страв и постојана тензија.

(84)

Тим ЗА -0%
 
 
Тим ПРОТИВ 0%
Гласањето е затворено
  
Ливадџија
Livada.mk е концепт на портал/блог каде сите поединци или организации може да објавуваат свои колумни, анализи, отворени писма, искуства, патеписи, хроники, поезија, раскази, рецепти, да објават некој настан во најава или некое свое аматерско или професионално видео. Ги очекуваме вашите материјали преку овој линк за да ги објавиме.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

  • Hема коментари
  • Hема коментари
  • HTML Snippets Powered By : XYZScripts.com
    Mени