Ватикан го ограничува бројот на туристи

Ватиканскиот музеј планира да го ограничи бројот на посетители, поради стравот на туристичките водичи дека заради голем број на луѓе би можело да дојде до стампедо. Тие сугерираат промени во правилата за безбедност.

Музејот, кој се состои од 54 галерии во кои е сместено непроценливо богатство собрано низ вековите, привлекува повеќе од шест милиони туристи годишно. Но, за разлика од други туристички атракции во Рим, како на пример Колосеумот, музејот во Ватикан нема ограничувања за бројот на посетителите.

За „Гардијан“, туристички водичи изјавиле дека секојдневно во музејот се онесвестуваат најмалку десет луѓе, а групите бавно се движат низ долгите и тесни ходници кои водат кон најпопуларната атракција – Систинската капела. Има луѓе и кои се здобиле со повреди или доживеале панични напади. На еден од посетителите, човек од обезбедувањето му го спасил животот откако туристот доживеал срцев удар.

Водичите, кои секоја година плаќаат по 250 евра за лиценца, сметаат дека условите се најлоши за време на летните месеци кога бројот на посетители е најголем – повеќе од 30 илјади лица дневно, а температурите достигнуваат и до 40 степени.

 
 

(6)

Вашиот коментар