Најголемата туристичка атракција во Барселона повеќе не е дивоградба – доби дозвола за градба по 136 години

 
 

Скоро еден и пол век откако започна изградбата на најпознатата црква во Барселона, а дури денеска беше издадена дозвола за градба од советот на каталонската престолнина. Досега Саграда Фамилија беше третирана како дивоградба, но не беше под закана да биде срушена поради големото архитектонско значење за Каталонија.

Изградбата на црквата Саграда Фамилија започна во 1882 година. Нејзиниот архитект Антони Гауди е еден од најпознатите Каталонци, но тој не успеа да ја заврши изградбата поради ненадејната смрт во 1926 година, предизвикана од удар од трамвај.

На недовршеното дело на Антони Гауди по неговата смрт работеа голем број архитекти, кои имаа само усна дозвола за градба бидејќи земјиштето и објектот не беа легализирани. Саграда Фамилија денес е најпосетуваната и најпозната туристичка атракција во Барселона и Каталонија, привлекувајќи преку 20 милиони посетители годишно.

До вчера фалеше потребната документација за да биде завршена изградбата, но сега конечно ја доби – 136 години откако започна изградбата. Концесионерите кои стојат зад црквата успеаја да постигнат договори со градскиот совет и конечно им беше издадена дозвола за градба. Објавено беше дека 22 милиони евра ќе бидат одвоени од фондот за да се добие потребната дозвола, од кои 7 милиони ќе бидат насочени кон подобрување на метро железниците, 4 милиони ќе бидат инвестирани во реновирање на околните улици а 3 милиони ќе бидат потрошени на одржување на хигиената во тој дел од градот.

„Саграда Фамилија е икона и најпосетениот објект во нашиот град. По двегодишен дијалог дојдовме до договор за добивање на потребната документација за изградба на црквата и реновирање на околниот дел од градот“, напиша на Twitter градоначалничката на Барселона, Ада Колау.

(35)

Вашиот коментар