Рускиот робот Федор ќе ја освојува Месечината

 
 

Рускиот хуманоиден робот, познат под името Федор, би можел во скора иднина да добие интересна улога во повторното освојување на Месечината.

Извршниот директор на компанијата „Андроиднаја Техника“, која го развила роботот, Јевгениј Дудоров, за руските медиуми рекол дека Федер уште во 2022 година би можел да отиде во својата прва вистинска вселенска мисија.

Планот на неговите конструктори е Федор за нешто повеќе од две години да отиде до Меѓународната вселенска станица и во неа да помине одредено време со астронаутите. Меѓутоа долгорочните планови за Федор се тој да прошета и по Месечината.

Во не така далечна иднина, овој робот би можел да биде употребен за време на траењето на мисијата на Месечината. Но за тоа би било неопходно долните делови да му бидат заменети со тркала  какви што се вградуваат на стандардните возила за движење по Месечината (лунарните ровери), додава Дудоров.

Инаку Федор во својата биографија веќе има една успешна вселенска мисија, Тој ова лето бил пратен на Меѓународната вселенска станица, каде за време на престојот симулирал поправки на надворешните делови од станицата и тогаш покажал дека добро се снаоѓа во работа со поголем број различни алатки.

Имајќи во предвид дека со овој робот можат да управуваат луѓе, но дека е и оспособен за самостојно функционирање, руските инженери сметаат дека Федор би бил одлично решение за истражување на Месечината заедно со луѓето.

(6)

Вашиот коментар