Тостот што полека не убива со ПМ честички

 
 

Лоши вести за секој кој сака да ужива во печен леб (во било која форма), бидејќи едно американско истражување сугерира дека изгорениот леб може да ги изложи луѓето на поголемо загадување со оние страшните ПМ честички, отколку да застанат на тротоар на “Рекорд” за време на најголемите гужви.

Истражувачите од Универзитетот во Остин, Тексас, ни велат дека изгорен тост може да биде особено штетен и дека дури и само со користење на тостерот воопшто, може да испратите бран на “токсични честички” во воздухот во вашиот дом.

via GIPHY

При тестовите, правени во просечен дом со три соби, секоја соба опремена со монитори за проверка на квалитетот на воздухот, пржењето и печењето храна има и те-како голем ефект врз квалитетот на воздухот.

Најсигурно е да се обидете тостот да го испечете до “златно-кафеава” боја, наместо да изгори со јасни црни линии, што ете, е некоја добра вест за нас што си сакаме печено лебче.

Инаку, според препораките на Светската здравствена организација, воздухот не треба да има повеќе од 25 микрограми ситни честички на кубен метар, но истражувачите откриле дека со печењето на лебче можете да си го збогатите домашниот воздух со околу 3.000 микрограми честички во воздухот. Не звучи баш фино, м?

Ако го темпирате тостот да е со “златно кафеава” (не повеќе од 1 мин на една страна), ова се намалува на 300 микрограми честички на кубен метар, според ова истражување.

Додајте на тоа и дека самиот леб кога се пече – емитува низа работи кои не се баш препорачливи за дишење. Истражувачите детектирале на пример етанол, кој е нус-производ од квасецот кој се користи при правењето на лебот.

Ако има дел од лебот што го допира грејачот на тостерот, ќе можете да го видите чадот, или можеби има трошки на дното на тостерот, кои ги “печете“ по 100-ти пат, сите тие елементи и сценарија ќе направат многу честички.

via GIPHY

Овие нивоа на загадување на воздухот се сметаат веќе за многу нездрави по човекот, ако се споредат со стандардите за квалитет на надворешниот воздух.

БОНУС: Тимот, исто така, откри дека и други вообичаени предмети во домаќинствата, како што се миризливите свеќи на пример, исто така можат да ослободат загадувачи во воздухот.

Уживајте во вашиот појадок и запалете некоја свеќа да мириса убаво се додека не објават повик за субвенции.

(157)

Вашиот коментар