Јапонската Hayabusa 2 сонда успешно слета на астероид и зема примероци

 
 

Сондата требаше да испука специјални куршуми на површината на астероидот и да се обиде да земе примероци од правот и земјата

Јапонско вселенско летало успешно слета на астероидот кој поминува на 300 милиони километри од Земјата, смело обидувајќи се да собира примероци на површината и да ги врати на Земјата за научниците да ги истражуваат.

Сондата Hayabusa 2 се спушти на астероидот Рјугу во четвртокот околу 23:30 часот. Податоците од сондата покажаа промени во брзината и насоката, индицирајќи дека ја достигнал површината на астероидот, според официјалните лица од јапонската агенција за истражување на вселената (JAXA).

Во преносот во живо од контролната соба можеле да се видат десетици членови на персоналот на JAXA како нервозно ги следат податоците од сондата пред да слета, пред да се види голем аплауз и радост откако добиле сигнал од Hayabusa 2 дека успешно слетала на астероидот.

“Направивме успешен тачдаун, вклучително и земање на примероци” од астероидот Рјугу, изјави Јуичи Цуда, менаџер на проектот Hayabusa 2, за новинарите.

Портпаролката на JAXA, Чисато Икута, изјави дека контролниот центар “добил податоци кои покажуваат дека сондата работи нормално и е здрава”.

Научниците продолжуваат да собираат и анализираат податоци од сондата, рече таа.

Сондата требаше да испука специјален куршум на астероидот Рјугу, за да ја разбранува површината, чија материја потоа ќе се собере за анализа на Земјата. Се смета дека астероидот содржи релативно големи количини на органска материја и вода од пред 4,6 милијарди години кога се родил сончевиот систем.

Сложената процедура траеше помалку отколку што се очекуваше и се помина без проблеми, рече менаџерот на “Хајабуса 2”, Макото Јошикава.

“Сега навистина ми олесна. Многу долг ми се виде моментот кога се случи тачдаунот”, рече тој.

Тој рече дека испалувањето на куршумот – прв од трите планирани во оваа мисија – “ќе доведе до скок или нови откритија во планетарната наука”.

Вселенското летало се обидува да собере 10g од исфрлените остатоци со инструмент именуван како “Sempler Horn”, кој виси од долната страна на леталото.

Сите материјали кои ќе бидат собрани од вселенското летало, ќе бидат складирани во сондата додека Hayabusa 2 не слета во Woomera, Јужна Австралија, во 2020 година по патот долг повеќе од три милијарди милји.

Јапонската агенција за вселенски истражувања објави снимки од слетувањето во четвртокот вечерта, а еуфоријата можеше да се почуствува насекаде.

Hayabusa 2 фати чекор со Ryugu во јуни минатата година, по три и пол годишно патување за да го пресретне. Контролорите на мисијата во јапонската вселенска агенција планирале да допрат долу во октомври, но го одложиле обидот откако камерите ја откриле површината да биде далеку покарпеста од очекуваното.

Астероидот припаѓа на семејството на вселенски карпи, кои се најпримитивни блокови на сончевиот систем. “Ова е материјал што не се задржал да формира планети, туку останал низ вселената”, рече Џон Бриџис, професор по планетарна наука на Универзитетот во Лестер. “Причината зошто сакаме да го проучуваме е бидејќи тоа е материјал каков што бил на “нулта” година”.

Сличен материјал паѓа на Земјата како метеорити, но тој е погоден и изгорен како што поминува низ атмосферата и брзо се контаминира кога ќе падне на земјата. Материјалот од астероидот од Хајабуса 2 ќе им покаже на научниците каков е метеоритниот материјал уште пред да падне на Земјата.

(28)

Вашиот коментар