Што најмногу нервира кај “македонскиот шеф” од работа?

 
 

Денес е тешко да се најде работа, добар работник и секако – добар шеф.

За ова последното се чини дека конкуренцијата е најголема, со оглед на фактот што на сите нам ни е добро познат синдромот наречен „македонски шеф“.

Што најмногу не нервира кај шефот од работа?!

Кога станал на лева нога
Се успал, задоцнил, заглавил во сообраќај, се скарал со сопругата, се сопнал од играчките на децата, му се истурило кафето во автомобилот… практично истите работи кои ви се случиле и вам, само што за вашите проблеми нема да дознае никој, а за неговите сите ќе ги почувствуваат последиците на своја кожа поради лошото расположение.

Кога очекува да му ги читате мислите
Бидејќи имате магична топка. Или гледате на гравчиња. Тој намуртен гледа во вашиот правец и очекува да му ги извлекувате зборовите со клешти или да погодувате во што е проблемот и како да се пронајдат решенија за истиот.

Кога ја присвојува заслугата за вашиот труд
Вие ќе се убиете од работа на проектот, но шефот е оној кој ги собира пофалбите и аплаузите. Најтрагично е што не вели ниту – НИЕ го сработивме тоа, туку секогаш се истакнува себеси во прво лице.

Кога ви дава задача и прашува на секои 2 минути дали е готово
Не, не е готово! И нема да биде готово ако ве прашува на секои 2 минути. Впрочем, толку подолго ќе трае сработеното и воедно, многу би сакале да видиме како шефовите работат под притисок додека некој цело време им диши во врат.

Кога дава лажни ветувања
Стрпи се уште малку за унапредувањето, стрпи се уште малку за покачувањето на платата, имате 25 дена право на годишен одмор… овој викенд одиме сите на тим билдинг! И погодувате – ништо од тоа не се остварува.

Кога тврди дека не сака умилкувачи, а е постојано опкружен со нив
Македонските шефови се едни од оние кои упорно тврдат дека не сакаат умилкувачи и подлизурковци, а сепак се топат покрај таквите и уживаат во нивното умилкување и внимание.

(73)

Вашиот коментар