Германија исплаќа воени пензии на нацистички соработници во Белгија и Велика Британија

 
 

Белгискиот парламент побара од Берлин да ги прекине исплатите за не-Германците кои ветиле дека ќе му бидат верни на Хитлер

Речиси 75 години по Втората светска војна, Германија сé уште плаќа месечни пензии на соработниците на воениот нацистички режим во неколку европски земји, меѓу кои и Белгија и Велика Британија, според белгиските пратеници и извештаите на медиумите.

Комитетот за надворешни работи на белгискиот парламент оваа недела гласаше за резолуција со која се бара од германската федерална влада веднаш да престане со исплаќањата и да објави целосна листа на оние што ги добиваат.

“Приемот на пензии за соработка со еден од најубиствените режими во историјата е во јасна контрадикција со трудот посветен на сеќавањето од војната и мирот конституиран во европскиот проект”, се вели во резолуцијата, која беше донесена едногласно.

 Во документот се вели дека речиси 30 лица во Белгија сè уште ги добиваат исплатите според декретот на Адолф Хитлер кој ги доделува истите државјанства и пензиски права како на германски државјани, но на странци, вклучително и кон доброволците од Вафен-СС, од териториите окупирани од нацистите кои ветиле “верност, лојалност и послушност” на Фирерот.

Германските власти “постојано одбиваа да ја пренесат листата на приматели на пензија на нивните белгиски колеги, наведувајќи ги легалните загрижености околу заштитата на приватноста”, според весникот “Ле Соир”.

Авторите на резолуцијата, пет пратеници од партиите што зборуваат француски, велат дека месечните исплати се правени од одделни германски сојузни држави и имињата на примателите биле познати на германската амбасада во Брисел.

Одговарајќи на тврдењата, германското министерство за труд соопшти дека 18 лица во Белгија примаат воени пензии, меѓутоа дека “меѓу нив нема поранешни членови на Waffen-SS”. Не ги именувале пензионерите или по која основа тие имале право на пензии.

Властите во Белгија не биле свесни за идентитетите на пензионерите, велат белгиските пратеници, додавајќи дека ситуацијата “е иста и во Велика Британија, каде што поранешните лица на СС, исто така директно добиваат исплати од германските сојузни држави без износите да се знаат и оданочуваат или да се доставуваат до британските власти”. Германската амбасада во Лондон соопшти дека нема никакви информации за белгиските обвинувања.

Белгиската државна радиотелевизија, РТБФ, вели дека слични исплати се прават и во Шпанија, Шведска и Швајцарија. Во Холандија, историчарот Сиис Клејн изјави дека воени злосторници можат да се кријат меѓу 34-та поранешни нацистички соработници кои добиваат пензии од германската влада.

Наведувајќи ја работата на белгискиот истражувач од Втората светска војна, Алвин де Конинк, РТБФ вели дека исплатите се движат од 435 евра до 1.275 евра месечно, во зависност од должината на времето кое примателите (вкупно 80.000 Белгијци што биле осудени за различни форми на воена соработка) го поминале во затвор по завршувањето на војната.

Спротивно на тоа, преживеаните белгиски државјани кои биле меѓу 12-те милиони странци од 20 земји, кои ја представувале работната сила во германските кампови за присилна работа, добиваат по 50 евра месечно.

Пензиските исплати продолжија бидејќи декретот на Хитлер од 1941 година не бил укинат од поствоената Потсдамска конференција од јули 1945 година, на која Британија, САД и Советскиот сојуз го формираа поствоениот поредок на Германија, решавајќи за нејзината демилитаризација, демонтирање, демократизација и денацификација.

Германската исплата на воените соработници представува причина за загриженост во Белгија, бидејќи нивното постоење првпат беше откриено од страна на социјалистички пратеник во 1997 година. Во 2012 година се појави преку парламентарни прашања во кое беше изнесено дека околу 2.500 Белгијци сé уште добиваат некаква форма на германска државна пензија, мнозинството за кои се верува дека сега се веќе починати.

(117)

Вашиот коментар