“Изгубен турист”: Лажирал амнезија и го напуштил семејството само за да избега од својата тешта

 
 

“Изгубен” турист кој бил пронајден како лута низ Единбург, тврдејќи дека не се сеќава кој е ниту како се нашол таму, признал дека лажирал амнезија за да побегне од својата “злобна тешта”, јавуваат локалните медиуми.

Полицијата го пронашла 52-годишниот Салваторе Манино во катедралата Свети Жил во Единбург, наизглед збунет и со амнезија. Исчезнувањето од неговата родна Пиза набрзо предизвикало сомнежи, кога загрижен италијански полицаец ја проверил неговата историја на пребарување на интернет, што покажало дека тој ги истражувал термините “како да исчезнеш” и “како да го изгубиш помнењето”, наведува британскиот “The Sun”.

“Морав да го направам тоа за да избегам од својата злобна тешта”, изјавил таткото на четири деца откако бил принуден да признае. “Никогаш не го изгубив помнењето, сакав да му покажам на моето семејство дека сум им неопходен”, додал Салваторе кој смета дека тештата му ја одзела позицијата на маж и татко во семејството.

Обелоденето е дека Манино побегнал од Пиза и кон средината на септември отпатувал за Шкотска. Пред да го напушти семејниот дом, тој оставил куфер со 10 илјади евра и лист хартија со нумеричка низа која ја дешифрирал неговиот најстар син.

Пред заминувањето за Шкотска, тој решил да оди во тосканскиот град Прато, каде работел во кинеска продавница. Истражителите инстиктивно верувале дека тој побегнал во Шкотска поради кинеската мафија, но ова го збунило семејството кое тврдело дека тоа е новост за нив.

“Доколку му се заканувала кинеската мафија, тој никогаш не би го споменал своето семејство”, изјавил семејниот адвокат Иво Грончи.

Салваторе бил идентификуван по тетоважата, кога полицијата го пронашла во катедралата во Единбург, по што веднаш го контактирале семејството кое долетало во Шкотска. Но, дури соочен со семејството, Манино се држел до својата сложена лага и се преправал дека не ги препознава.

Тој бил одведен назад во Италија каде докторите воочиле дека се’ е во ред со него и дека тој не го изгубил помнењето. Салваторе е обвинет за напуштање, пишуваат локалните медиуми.

“Предизвика големи проблеми. Нејзината мајка воопшто не е лоша. Има полоши тешти”, изјавил извор близок до семејството.

(142)

Вашиот коментар