Имам нос и лице и конечно можам да се смеам

 
 

Камерон Андервуд е човек на кој му е извршена трансплантација на лице, а по таа сложена операција, вели, повеќе луѓето не го загледуваат толку на улица. Подготвен е еден ден да основа и семејство.

“Имам нос и уста, па така во можност сум да се насмеам, повторно да зборувам и да јадам цврста храна”, рекол тој, пренесува “BBC”.

Камерон јавно зборувал на еден панел, две години откако се обидел да се самоубие во 2016-та.

Во тој обид го изгубил носот, поголем дел од долната вилица и еден заб.

“Многу сум благодарен што добив трансплантација на лице, затоа што ми даде нова шанса за живот”, рекол 26-годишниот Камерон на прес-конференција, која била одржана во четвртокот во Њујорк.

Сега, кога добил втора шанса, како што наведува, може да се врати на многу од активностите кои ги сака, да се занимава со спорт, да минува време со пријателите и семејството.

“Се надевам дека брзо ќе се вратам на работа и еден ден ќе основам семејство”, навел тој.

Во јануари оваа година повеќе од 100 медицински работници извршиле 25-часовна операција на Камерон во Здравствениот центар во Њујорк, а неговото закрепнување било откриено оваа недела.

Операцијата се случила само 18 месеци по обидот за самоубиство на Камерон, а како што соопштиле лекарите, операцијата била извршена во најкраток временски период меѓу повредата и операцијата во американската историја.

Од првото пресадување на лице во 2005-та година, повеќе од 40 такви биле извршени ширум светот.

Операцијата ја водел др. Едуардо Д. Родригез, кој вели, заедно со медицинскиот напредок, и одлучноста на Камерон да успее помогнала операцијата да успее.

“На крајот, се е во рацете на пациентите, Камерон ги изврши неопходните обврски”, вели тој.

Оваа трансплантација е трета која ја извршил др. Родригез и вели дека релативно краткиот временскиот период во кој Камерон живеел со своите повреди, исто така бил важен фактор во неговото закрепнување.

“Камерон не живееше со својата повреда неколку децении или подолго, како повеќето пациенти на кои им беше извршена трансплантација на лице”, вели тој.

“Како резултат на тоа, тој не морал да се занимава со многу долгорочни психосоцијални прашања кои често доведуваат до проблеми како депресија, злоупотреба на супстанци и други потенцијално штетни однесувања”.

Во текот на операцијата лекарот ја трансплантирал и реконструирал горната и долната вилица на Камерон, вклучувајќи ги сите 32 заба.

Делот под неговата уста, долните капаци и носот се заменети, а потребна е реконструкција и на неговиот јазик.

Центарот вели дека операцијата била најнова технолошки напредна трансплантација на лице.

(120)

Вашиот коментар