Лонгјиербиен – град во Норвешка каде смртта е забранета со закон

 
 

Најсеверниот град од архипелагот Свалбард во Норвешка пред седумдесетина години со закон го забрани умирањето. Законот кој беше донесен во средината на 1950-тите важи и понатаму на целата територија на Лонгјиербиен.

Според законот на Лонгјиербиен, смртта на територијата на градот е забранета. Поради тоа, секој кој стравува дека умира, односно се ближи до последниот миг од животот, треба да ја напушти оваа територија и да отиде да умре надвор од островот.

Забранување на смртта не е нов концепт. Баш напротив, древните Грци за првпат воведоа ваков закон во 5 век п.н.е., кога забранија умирање на островот Делос поради тоа што го сметаа за света територија. Дури и денес, низ светот постојат градови каде смртта е забранета, но со исклучок на градот Итсукушима во Јапонија, причините поради тоа се практични а не спиритуални.

Во норвешкиот град Лонгјиербиен смртта е забранета поради временските услови. Поради тоа што овој град се наоѓа над Арктичкиот круг, таму температурата најчесто се движи околу -15 степени Целзиусови, но понекогаш знаат да стигнат и до -32 степени. Што значи тоа, освен дека секогаш мора да носите дебела јакна? Па, значи дека телата на покојните нема каде да бидат закопани. Поради замрзнатата почва, невозможно е да се ископаат гробови, а доколку телата бидат оставени на површината тие ќе замрзнат и никогаш нема да скапат.

Но, тоа не е единствената причина поради која смртта е забранета во овој град. Доколку телото замрзне, со него замрзнува и вирусот кој го носи, што значи дека вирусот не умира заедно со телото и може да продолжи да се шири. Поради оваа причина властите на Норвешка решија да ги затворат гратските гробишта и да ја прогласат смртта за нелегална на територијата на Лонгјиербиен.

Иако градот секогаш е во опасност од напад на поларни мечки, а и сонцето не изгрева цели четири месеци за време на зимата, сепак овие работи не ги плашат оние 2.000 жители кои и понатаму решаваат да го нарекуваат Лонгјиербиен нивен дом.

(164)

Вашиот коментар